Интервју со Цеце Димова: Европската кошарка ми е поголем предизвик од Америка PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Среда, 24 Август 2016 21:26   

По фантастичните игри на европското првенство во кошарка за кошаркарки до 18 години, на кое го покажа целиот свој раскошен талент и кошаркарско знаење, младата кавадаречка кошаркарска ѕвезда Цеце Димова полека се подготвува за новите предизвици кои ги носи новата натпреварувачка кампања. Очекувањата се големи, па и покрај бројните повреди здобиени на европскиот кошаркарски собир Димова чиј идол е Двејн Вејд веќе ги започна подготовките со својот клуб Бадел, но во меѓувреме одвои време и да поразговара со нас за повеќе теми, секако сите поврзани со кошарката.


www.kavadar4e.com: Помина доволно време за да се сумираат впечатоците од европското првенство во кошарка Б дивизија кое летово се играше во Босна и Херцеговина. Како ти гледаш на целото првенство со оглед на тоа што ова е прво учество на еден ваков настан?


Цеце Димова: Целото првенство беше едно големо искуство, не само за мене, туку и за сите девојки од репрезентацијата. Ова беше прв ваков настан за нас, затоа што досега немавме можност како генерација да настапуваме заедно, што секако имаше влијание и врз играта и резултатот.

 

www.kavadar4e.com: На крајот завршивме како 17ти, но има ли толку голема разлика во квалитетот помеѓу нас и останатите репрезентации, и има ли оваа екипа капацитет да напредува?


Цеце Димова: Па не би рекла дека разликата во квалитетот е толку голема колку што ние имавме трема и чуствувавме притисок. Како што реков, ова беше прво европско натпреварување за сите девојки, и во одредени моменти од сите натпревари се чуствуваше недостатокот од искуство. Но, дефинитвно во оваа екипа има доста талентирани девојки, на кои се што им треба се натпревари. Факт е дека имаме многу малку натпревари, дури и во лигашкиот систем, за разлика од тимовите во останатите држави, па дури и од оние од соседството, и доколку го добиеме тоа искуство, сигурно резултатите ќе бидат многу поинакви.


www.kavadar4e.com: Беше убедливо најдобар играч на најголем дел од натпреварите, на речиси сите имаше дабл дабл учинок, но колку си ти задоволна од твојот настап?


Цеце Димова: Искрено не мислам дека јас сум таа која сама треба да ги оценува своите настапи, но давав се од себе и покажав се што можам.


www.kavadar4e.com: Колку на вакви настани доаѓаат менаџери, колку се следат вашите настапи, и дали има понуди?


Цеце Димова: Сега за сега нема понуди, но видов дека имаше доста луѓе кои ги следеа натпреварите.

 


www.kavadar4e.com: И покрај тоа што според физикусот не си класичен центар, сепак играш на позициите 4 и 5. Факт е дека во последните години во младинските лиги и во машка и во женска конкуренција недостасуваат високи кошаркари, но каква е ситуацијата во останатите земји, и како ти се справуваш со повисоки играчи?


Цеце Димова: Има доста високи кошаркарки во останатите репрезентации, високи и над 2 метри. На пример Исланд имаше кошаркарка која беше висока 202 сантиметри, против кој е исклучително тешко да се игра. Сепак, и покрај нејзината височина успев да и земам доста топки и на крајот бев задоволна како одиграв против неа. Како се справувам со нив. Па се градам добро, скокам, а кога имам потреба барам помош и од своите соиграчки.


www.kavadar4e.com: Веќе една година си надвор од Кавадарци, односно живееш во Скопје и играш за тимот на Бадел. Тежок ли е професионалниот спортски живот особено за девојка на 17-18 години?


Цеце Димова: Зависи. Има многу работи од кои мора да се откажеш, но се зависи колку ја сакаш кошарката. Одлично се вклопив во новата средина, успешно одговарам и на училишните и на клубските предизвици, одлично сум прифатена и во клубот и во училиштето, така да генерално ми е супер.


www.kavadar4e.com: Минатата година премина во Бадел со кој стана шампион на Македонија и во младинска и во сениорска селекција. Дефинитивно тимот е составен од одлични кошаркарки, но има ли од кого да се научи?


Цеце Димова: Мислам дека има. Има многу добри девојки кои долги години играат во Бадел, но и во репрезентацијата и во АБА лигата, така да дефинитивно има од кого да се научат многу работи.


www.kavadar4e.com: Дополнително беше дел и од ростерот за натпреварите во АБА лигата, каде квалитетот дефинитивно е на едно повисоко ниво од она во македонското првенство. Мислиш ли дека можеш да одговориш на едно такво ниво на натпреварување.


Цеце Димова: Ако сакаш нешто, ако си посветен на него, и ако работиш и тренираш континуирано сигурно дека е достижно тоа ниво. За мене искрено е предизвик, и мислам дека би можела да одговорам на истиот.

 


www.kavadar4e.com: Да се вратиме на почетоците. Првите тренинзи ги направи во „Академик“ на професорот Дарко Цеков за потоа да станиш клучен играч и да го однесеш тимот во четирите најдобри во земјата во младинска конкуренција.


Цеце Димова: Во „Академик“ поминав прекрасни 7 години. Брат ми тренираше кошарка, и често одевме на тренинзи, да го гледаме. Така почнав да се интересирам за кошарката, за потоа и јас да почнам да тренирам. Набрзо почуствував дека го сакам овој спорт, дека сакам да тренирам кошарка, и дека сакам кошарката да биде моја професија. Во меѓувреме во тимот имаше уште неколку одлични кошаркарки, и надополнето со одличните тренинзи на Дарко Цеков од натпревар во натпревар растевме како екипа и ете успеавме да стигнеме помеѓу најдобрите четири во Македонија, што е најголем успех на клубот.


www.kavadar4e.com: Кавадарци во последните неколку години има навистина квалитетни кошаркарки во женска конкуренција, можеби најдобри кои некогаш ги имал по онаа славна генерација на Тиквеш Флорида. Освен тебе тука се и Тијана и Теа Митрови, Форче Ѓорѓиева, Ванеса Василевска, Алескандра Хаџиќ, Лефтерија Темелкова и уште цела низа на кошаркарки, кои ако би се собрале би направиле респектабилен тим во македонски рамки. Би се вратила ли во Кавадарци доколку се појави сериозен спонзор кој би инвестирал во кавадаречката женска кошарка?


Цеце Димова: Па не сум размислувала на таа тема. Моментално моите мисли се насочени кон новата сезона со Бадел и одбрана на двојната круна.


www.kavadar4e.com: Кои се твоите планови за во иднина?


Цеце Димова: Сега сум четврата година, и по матурирањето би сакала да заиграм во странство. Секако дека би сакала да се запишам на факултет, иако моја примарна цел е кошарката која ја гледам како моја идна професија.

 


www.kavadar4e.com: Американските колеџи се предизвик за сите млади, особено за спортистите. Би прифатила ли таков предизвик?


Цеце Димова: Искрено за мене Америка не е толку голем предизвик. Би сакала да се пробам во било која посилна европска лига, но не мислам дека Америка и американските колеџи се вистинскиот избор за мене.


www.kavadar4e.com: Денешната кошарка бара многу инвестирање во себе, особено дополнителна работа надвор од тренинзите. Покрај клубските и школските обврски, колку имаш време да работиш индивидуално?


Цеце Димова: Додека бев во Кавадарци често тренирав и сама, надвор од тренинзите. Во Скопје искрено немам премногу време за да работам индивидуално, но сето тоа го компензирам со секојдневните тренинзи со Бадел.


www.kavadar4e.com: Кој е твој најголем квалитет?


Цеце Димова: Играм на позициите четири и пет, иако мојата висина не е доволна за таа позиција, но сето тоа го надополнувам со тоа што скокам доста, и имам добра техника.


www.kavadar4e.com: Пред 2 години беше прогласена за најдобар млад спортист на Кавадарци. Колку ти значат тебе тие награди?


Цеце Димова: Тие награди се за се што си го работел таа година, и се поттик за понатаму да продолжиш да работиш напорно кога знаеш дека некој го вреднува твојот труд.


www.kavadar4e.com: Кое ти е најдраго признание кое си го добила до сега?


Цеце Димова: За најдобра млада кошаркарка и за најдобар млад спортист со најголем напредок, која воедно ми беше прва награда.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov