Душко Стефанов Печати

 

20 години поминати низ македонскиот етер, 20 години акумилирано медиумско искуство, преточено во многу успешни приказни, проекти, рекламни кампањи и само една емисија, емисија која го одбележува неговиот живот, во која е заведено целото негово „досие“. Досието на Душко Стефанов, вели дека несоменено е една од најмаркантните личности кои се појавиле на кавадаречката медиумска сцена. Неговата емисија „Досие“ е модерен медиум во кој новиот Евлија Челебија на модерното време ги одбележува сите убави моменти на кавадаречкото битосување. А кога наспроти себе имате човек кој следи многу работи, и знае буквално се што се случувало на кавадаречката чаршија во последните 20тина години, тогаш единствено што морате да правите е да внимавате на должината на интервјуто, кое овој пат го стартувавме со радио почетоците на Стефанов, за да продолжиме да разговараме на многу интересни теми, како љубовта кон пишаниот збор, пријателството, спортот, за да завршиме со неговиот животен проект, емисијата „Досие“.


www.kavadar4e.com: Почитувајќи ја хронологијата, би сакале да се вратиме низ времето, и да се потсетиме на моментот кога Душко Стефанов го имаше првиот контакт со радискиот микрофон?


Душко Стефанов: Љубовта кон медиумот и микрофонот се роди уште во раните средношколски години, а за прв пат добив можност да застанам пред микрофон во радио во далечната 1990 година на покана на Тодор Бунгуров, кој во тоа време беше дел од техничката екипа на радио Кавадарци и на тогаш најпопуларната радио емисија „Поп-рок салата“. Истата имаше еден термин неделно во времетраење од 1 час. За неверојатно брзо време екипата на Радио Кавадарци препозна нешто во мене и во мојата екипа која тогаш работеше заедно со мене. Веднаш потоа следуваше мојот прв самостоен проект, 5 часовното радио шоу со име „Радио
маратон“. Иако оваа емисија функционираше како младински проект, уште во тоа време имаше свои карактеристики, со ексклузивни гости и интервјуа со познати личности од музичката сцена, актери, ликовни уметници и останати јавни личности, не само од Македонија, туку од цела Југославија. Ова беше доволен тренинг, но и предизвик да се продолжи понатаму. Во втората половина на 1991 година во Кавадарци се отворија три приватни телевизии, и тоа Скај Канал, Телевизија Рио и КТВ. Телевизијата стана мој предизвик, па набрзо станав првиот телевизиски лик кој се појавил на КТВ телевизија, која и ден денес успешно опстојува.


www.kavadar4e.com: Голем дел од твојата младост помина во Скопје, па некако природно е што твојата кариера продолжи во главниот град на земјата? Но, не застана пред камерата, туку зад неа. Зошто?


Душко Стефанов: Првата сериозна понуда која ја добив надвор од локални рамки, беше асистент извршен продуцент на забавна програма во А1 телевизија, каде го работевме детскиот квиз „Бело глувче, среќа носи“. Веднаш потоа следуваше ангажман во Sky Net телевизија, и тоа на позиција на извршен директор на забавна програма, а потоа и програмски директор во телевизија Еми од Радовиш. Во 2001 година решив да се вратам во Кавадарци и целото мое акумулирано знаење да го споделам со кавадарчани. Овој мој став дека и во Кавадарци може да се продава идеа, култура и медиумски проект се мој силен став и определба и денес. Како
доказ на горенаведеното се следните моменти: специјален известувач за Сител телевизија за 2010 година, година во која Кавадарци беше град на културата, година пред тоа станав заштитен вокал на Канал 77 и комплетен автор на три телевизиски кампањи на минерална вода од Битола.


www.kavadar4e.com: Беше на радио, продолжи на телевизија, но повторно се врати на радискиот микрофон. Со што те освои радискиот микрофон за да му се вратиш назад?


Душко Стефанов: Микрофонот во радио е една сосема различна приказна од било кој друг микрофон. Телевизискиот презентер, музичарите, пеачите, телевизиските ликови... се еден друг свет, сосема различен од радиото. Радио водителот води буквално љубов со микрофонот. Добриот радио водител знае кога да ја отвори душата, да и погледне на вистината во очи, знае кој музички стил одговара во даден момент... Само овој формат на радио водител е полн погодок. Се друго е бледа копија на некој негов претходник.


www.kavadar4e.com: Кога веќе почнавме да правиме компарација, би сакал да го споредиме времето кога Стефанов за прв пат се појави на радио, односно креативноста која зрачеше низ радио брановите со она што го имаме денес како понуда низ етерот?


Душко Стефанов: Времето и креативноста се форма и облик која е неменлива. Ако на радио си бил добар во 1991, 1994, 2005, 2012 ќе бидеш добар и во 2013, што значи еднаш добар радио водител, секогаш добар радио водител.


www.kavadar4e.com: Во текот на твојата долга кариера си имал можност да се сретнеш со многу ликови, карактери, успешни личности, музичари, спортисти, уметници... Кои се луѓето со кои Стефанов поминал дел од своето време затворен во радио кабината?


Душко Стефанов: Радиоводителите се привелигирани типови. Во мојата долгогодишна медиумска кариера сум сретнал многу луѓе, но од оние кои ми се најдраги и први ми паѓаат на памет се: Тоше Проески, со кого сум имал среќа да бидам многупати заедно, и со
кого сум работел две интервјуа, едното во Кавадарци и едно во Скопје, потоа сум имал можност да разговарам со господин господин Михаил, екс претседателот Ќиро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Ѓорчев, Симон Гугуловски, Јонче Христовски и останати легенди кои веќе не се меѓу нас, како и со Владо Јаневски, Дарио, Нокаут, Калиопи, Славе Димитров, Ребека, Каролина, Дарко Панчев, Горан Пандев и останати ликови од македонскиот јавен живот.


www.kavadar4e.com: За момент ќе го оставиме радиото на страна, а разговорот ќе го продолжиме на една друга тема, а тоа е пишаниот збор. Од каде мотивот и инспирацијата за литературно творештво?


Душко Стефанов: Љубовта кон пишаниот збор ми е дадена од Бога, иако мислам дека сум единствен писател на светот кој што има напишано повеќе од колку што има прочитано. Вечна инспирација ми е кавадаречкото секојдневие и времето поминато со пријателите.


www.kavadar4e.com: Имав можност да прочитам дел од твојата нова збирка на песни. Од она што го прочитав сватив дека сите песни сочинуваат една целина која со себе носи една исконска приказна. Ајде да позборуваме малку за ова.


Душко Стефанов: Новата книга, збирката поезија со работен наслов „И буден се сонува“ е всушност една љубовна сага кон нешто свето, исконско... За мене тоа е љубовта, почитта и вербата кон Бога. Во збирката сите песни имаат силна љубов, и тоа обострана љубов помеѓу човекот и неговата родна земја.


www.kavadar4e.com: Ефектот од твоите радио емисии можеш да го почуствуваш веднаш, но каков е фидбекот по издавањето на твојата книга, и дел од песните од твојата збирка поезија?


Душко Стефанов: Неверојатно, но од првата книга заклучив дека Македонија ја има најискрената публика. Можеби тоа е така затоа што публика на мојата прва книга беа деца, но очекувам со мојата втора книга да ја проверам мојата вистинска вредност на литературната сцена. Во оваа пригода би сакал јавно да упатам благодарност до градската библиотека „Феткин“ за несебичната поддршка досега.


www.kavadar4e.com: Радиото и љубовта кон пишаниот збор не се твоите единствени пасии. Спортот е исто така една од темите која ти е многу блиска, и за која имаш многу што да кажеш.


Душко Стефанов: Додека бев основно училиште играв фудбал и целиот свој живот го сакам фудбалот. Во времето на најсилниот женски ракомет во Кавадарци ја напишав химната на Кабран Амбалажа. За време на најсилниот машки ракомет ја напишав химната за Винарска Визба Тиквеш, а сега сум претседател на здружението на спортски риболовци „Рибари - Оскар“. Едноставно сум човек кој го сака спортот, и затоа сум чест гостин во спортската сала Јасмин, во Борис Трајковски, на арената Филип Втори, како и на сите репрезентативни настапи на македонските национални селекции, а не се срамам да кажам дека сум горд Делија, и еден од
најискрените навивачи на белградска Црвена Ѕвезда.


www.kavadar4e.com: Професионалниот ангажман и активниот приватен живот ти донесоа широк круг на пријатели. Колку често тие се дел од агендата на Стефанов.


Душко Стефанов: Пријателите се моја инспирација и моите пријатели и другари ги делам на повеќе подргупи, па така имам посебна тајфа за спортски натпревари, поделени на друштво за натпревари на македонската репрезентација, на локални клубови и на фанови на Црвена Ѕвезда, потоа посебно друштво за плејстејшн, екипа за патувања...


www.kavadar4e.com: На крајот од денот исполент со многу активности, секогаш го поставуваме прашањето кој е бенефитот од целата потрошена енергија?


Душко Стефанов: Бенефитот од цела работа е многу пријатели, многу патувања и богатство во душата. За мене материјалното никогаш не било она најважното, и среќен сум кога среќни се моите пријатели, или како што вели една стара македонска песна „Среќата со пари не се купува“.


www.kavadar4e.com: Стефанов, ќе се вратиме повторно на радиото. Емисијата „Досие“ е твојот најсилен адут. Зошто?


Душко Стефанов: Затоа што животот е досие, затоа што и најмалиот прекршок и грешка се твој сопатник и те одбележуваат во целиот твој живот. Затоа „Досие“ е мојот животен проект кој на вистината и гледа право во очи. Во моментов Досие е радио проект што не значи дека во иднина нема да се претвори во телевизиски проект, веб поратл или некоја друга форма на интернет медиум.


www.kavadar4e.com: Секое ново „Досие“ е приказна по себе, во која многу различни карактери, повеќе или помалку познати ликови добиваат свој простор. Зошто го правиш сето ова?


Душко Стефанов: Знам да го почитувам пријателството и затоа на сите мои пријатели им оддавам простор и време во мојата емисија.


www.kavadar4e.com: „Досие“ на неколку пати во минатата 2012 година ја покажа својата хумана и општествено-одговорна страна. Која е причината за ваквата дополнителна активност на која малкумина се решаваат?


Душко Стефанов: Се што правиме го правиме за доброто на градот, и со голема доза на хуманост секогаш стоиме на располагање да и помогнеме на целата публика на „Досие“.


www.kavadar4e.com: Зошто сите сакаат да бидат „Досие“? Што е волшебството на „Досие“?


Душко Стефанов: „Досие“ ја има најверната, најдобрата, најискрената, најактивната и најкомуникативната публика, и едноставно таа ја прави целата магија на емисијата.


www.kavadar4e.com: Секое ново „Досие“ си има свои херои.


Душко Стефанов: Точно. Секој нов момент, победа, успех... на луѓе кои се тесно поврзани со Кавадарци ги поздравувам со посебен респект.


www.kavadar4e.com: Зошто го правиш тоа?


Душко Стефанов: Од почит кон стариот аманет кој вели: прави добро да ти се врати со добро. Затоа на сите им посакувам здравје, љубов и среќа за и мене да ме прате истото. Еве и во оваа прилика на сите мои пријатели ќе им посакам здравје, среќа и повеќе пари.


www.kavadar4e.com: Што е она што во блиска иднина ќе биде дел од урбаното „Досие“ на Кавадарци?


Душко Стефанов: Сигурно нешто добро. Сигурно некоја убава приказна за некој нов амбасадор на градот, за некој нов Милан Левов, Јане Јанчев, за некој нов Љупчо Димитковски Гањо, Врбица Стефанов, Горан Самарџиев, за каратистите, за фудбалерите, и за секој што му мисли добро на Кавадарци. ЗА СЕКОЈ, СЕКОГАШ, И СЕ ЗА МОЕТО КАВАДАРЦИ.