Милан Левов PDF Печати Е-пошта

 

Генерациската блискост со Милан Левов ми овозможи да го следам целиот негов досегашен тек на кариерата, почнувајќи од првите настапи во дресот на Винарска Визба Тиквеш, учеството на светското јуниорско првенство во Охрид, трансферот во Саудиска Арабија, враќањето во Кавадарци, првите натпревари во Лигата на шампиони во ракомет во дресот на Вардар Про, сензационалниот трансфер во Металург кој сеуште е рекорден во Македонија, настапите во сениорскиот репрезентативен дрес на Македонија... Иако за сите гореспоменати делови од кариерата на Левов можевме да правиме по едно интервју, сепак за прв пат во овие речиси пет години од постоењето на www.kavadar4e.com конечно успеавме двајцата да пронајдеме малку слободно време во набиените агенди, па оддамна ветуваниот краток разговор, се претвори во едно убаво попладневно дружење во кое Милан одговараше на нашите прашања за неговата ракометна кариера, но и за животот на еден професионален ракометар, неговата приватност, поддршката од најблиските, како и за неговите идоли, омилени приказни и уште многу други интересни работи.


www.kavadar4e.com: Левов, интервјуто ќе го започнеме со она што е најактуелно во моментот, а тоа е осминафиналната ждрепка во Лигата на шампиони и натпреварот против Динамо Минск. Твој коментар за ждрепката?

 

Милан Левов: Па добро, искрено мораме да бидеме среќни бидејќи го добивме навидум најлесниот од оние тимови кои што можеа да ни паднат во оваа фаза од натпреварувањето. Динамо Минск сигурно не е на нивото на Атлетико Мадрид и Чеховски Медведи, но сепак се работи за еден силен тим.


www.kavadar4e.com: Веќе имате неколку дуели против Динамо. Твоите очекувања од мечот?

 

Милан Левов: Точно, игравме неколку пати со Динамо, последниот изминатото лето во Струга. Очекувам голема борба затоа што се работи за квалитетен противник, па моменталната форма и инспирација на двата тима според мене ќе биде клучна кој ќе продолжи во понатамошната фаза од Лигата на шампионите.


www.kavadar4e.com: Веќе го осигуравте пласманот на фајнл фор турнирот од регионалната СЕХА лига. Сепак што е прв приоритет во сезоната за Металург?

 

Милан Левов: Секако дека Лигата на шампионите е најголемиот предизвик за било кој клуб кој се натпреварува во неа, па и на Металург, но тоа не значи дека нема да посветиме внимание и на СЕХА лигата, а пласманот помеѓу четирите најдобри втора година по ред само го потврдува тоа.


www.kavadar4e.com: Патувајќи назад низ минатото ќе застанеме некаде во сезоната 2010-2011, кога твојот трансфер во Металург ги изненади буквално сите. Маестралните игри во дресот на Винарска Визба Тиквеш беа одлична препорака за Лино Червар, но многумина те гледаа како играч на Вардар Про, особено по настапите во црвено црниот дрес како позајмен играч во предквалификациите за Лигата на шампионите во кој имаше неколку блескави партии.

 

Милан Левов: Да, сите очекуваа да потпишам за Вардар Про, но заминувањето на Веселин Вујовиќ од тренерската позиција на овој клуб, како и финансиската понуда од страна на Металург си го направија своето, па решив да потпишам за Металург.


www.kavadar4e.com: Трансферот во Металург сеуште е најскапиот во македонскиот шампионат, а официјалниот податок е дека клубот од Автокоманда на ракометниот клуб Винарска Визба Тиквеш за твојот трансфер му исплати 30000 евра. Колку овој податок влијаеше врз твојата игра?

 

Милан Левов: Психолошкиот притисок од целата таа фама, рекордниот трансфер и притисокот на парите си го направија своето. Тешко се носев со овој податок, чуствував огромен притисок за да ги оправдам вложените средства што не ми дозволи да го извлечам максимумот од себе.


www.kavadar4e.com: Лошиот почеток на кариерата во синиот дрес не ти дозволи да ги покажеш своите вистински вредности и квалитети? Беше ли избрзан трансферот во Металург?

 

Милан Левов: Не знам како да одговорам на ова прашање. Факт е дека со неиграњето загубив многу, но од друга страна покрај мене имам играчи од светска класа од кои многу учев и напредував.


www.kavadar4e.com: Сепак, ракометното учење и напредување го започна во дресот на Винарска Визба Тиквеш под водство на прославениот кавадаречки ракометар и тренер, Трајче Камчев - В’кот. Ајде накратко да ја раскажиме приказната како Милан Левов стана ракометар?

 

Милан Левов: Бев седдмо одделение кога на училишните игри во ракомет ме забележа Трајче Камчев - В’кот кој веднаш ме повика да тренирам во неговата ракометна школа. Благодарение на неговата доверба, и можностите за игра кои ги добивав напредував од ден во ден, па набрзо се најдов и во сениорскиот тим на Винарска Визба Тиквеш, што беше дополнителен мотив да продолжам со напорната работа.


www.kavadar4e.com: Кавадаречката спортска јавност во тебе веќе ја гледаше новата ракометна ѕвезда, а светското првенство за јуниори кое се играше во Охрид само го потврди тоа.

 

Милан Левов: Светското јуниорско првенство беше првиот голем настан за мене. Работата со Веселин Вујовиќ кој е за мене еден од најдобрите тренери ми донесе едно ново поинакво искуство, а неговата умешност да ги мотивира сите ракометари на теренот ме инспирираше да го дадам најдоброто од себе на сите натпревари.


www.kavadar4e.com: Добрите игри на светското првенство не останаа незабележани, па наскоро замина во Саудиска Арабија. Познавајќи ги културните обичаи кои владеат во оваа земја од блискиот исток, колку ти беше тешко да се пронајдеш себе си во новата средина?

 

Милан Левов: Ух, беше тешко пред се затоа што бев далеку од моите родители и пријатели, во земја во која луѓето се многу позатворени, и каде владеат едни други обичаи кои за нас се несфатливи.


www.kavadar4e.com: Зошто тогаш ја одбра Саудиска Арабија, а не друга од многуте понуди кои тогаш стигнаа на твојата адреса?

 

Милан Левов: Имаше многу причини. Точно е дека имав доста понуди од тимови од Австрија, Хрватска, Црна Гора, но сепак пресудија аспирациите и финансиската понуда на тимот од Саудиска Арабија.


www.kavadar4e.com: Во Македонија многу малку се знае за квалитетот на ракометните шампионати во азиските земји, па затоа многумина овој твој потег го окарактеризираа како чекор назад во развојот на твојата кариера. Но, од Саудиска Арабија се врати многу посилен и поспремен.

 

Милан Левов: Точно е дека во Македонија малкумина знаат за ракометните првенства во земјите од блискиот исток. Конкретно во Саудиска Арабија каде што јас престојував ракометот е на едно високо ниво, условите за тренинг се одлични и се работи на доста професионално ниво. Од друга страна, квалитетот на лигата е доста солиден. Кога би правел некоја споредба со македонскиот ракометен шампионат, кога би ги исклучиле тимовите на Вардар Про и Металург, со сигурност можам да кажам дека првенството во Саудиска Арабија е доста поквалитетно од нашето.


www.kavadar4e.com: Со својата игра набрзина се наметна како еден од лидерите во тимот, но и покрај големите успеси и второто место во националниот куп, реши да ја напуштиш оваа земја и да се вратиш дома. Зошто?

 

Милан Левов: Ми беше премногу тешко да се привикнам на начинот на живеење во Саудиска Арабија, чуствував дека нешто ми недостасува, па решив да се вратам дома.


www.kavadar4e.com: Твоето враќање во Кавадарци се поистовети со создавањето на еден силен и амбициозен тим, пред се составен од играчи од Кавадарци со кои воглавно си генерациски близок. Одличните резултати во кој ти имаше голем удел беа причина за новата ракометна треска во Кавадарци, но веднаш по твоето заминување во Металуг, работите во клубот тргнаа во несакан правец, а еве, две години потоа градот остана без ракометен тим. Според тебе, колку ќе биде тешко повторно да се врати ракометот во Кавадарци, и уште колку време ќе треба за да се создаде повторно една силна генерација слична на онаа во која доминираа Левов, Попов, Паунов, Грозданов, Шалев...

 

Милан Левов: Сигурно ќе треба многу време. Немањето на сениорски тим само по себе е голем минус не само за промоција на ракометот, туку и за мотивацијата и развојот на младите кои се дел од ракометните школи кои функционираат во градот. Од друга страна, немањето стабилен спонзор, лошите услови за работа, недостатокот од стручен тим ги надоплнуваат причните кои создаваат песимизам кај мене.


www.kavadar4e.com: Од оваа година твојот голем пријател и другар Марјан Матошиќ ја отвори својата младинска ракометна школа. Би се вклучил ли ти во еден ваков проект со цел повторно издигнување на ракометот во Кавадарци?

 

Милан Левов: Секако. Безрезервно ја поддржувам идеата на Марјан Матошиќ за кого мислам дека има големо знаење и квалитет кое знае како да го пренесе на помладите, и секако секогаш сум тука за нив да го споделам моето искуство и знаење.


www.kavadar4e.com: Ракометот како и секој друг спорт бара многу откажувања. Верувам дека доцните ноќни излегувања се вистинска реткост, па ме интересира со кого Левов се дружи најмногу сега кога е во главниот град?

 

Милан Левов: Точно е дека нема многу ноќни излегувања, па целата дружба се сведува на денска кафе шема најчесто со моите колеги од Металург, од кои најчесто сум во друштво на нашиот сограѓанин Петар Ангелов - Диви, потоа со Мите Стоилов, Деан Манасков, Филип Миркуловски...


www.kavadar4e.com: Веќе подолго време ја следам твојата кариера, во која заштитен знак е тројката на твојот грб. Зошто токму оваа бројка?

Милан Левов: Не знам, најпрво носев седмица, но потоа ми ја дадоа тројката и од тогаш ја засакав оваа бројка, која силно ме поврзува со моето семејство, бидејќи покрај мене, мајка ми и татко ми имаат уште две ќерки кои неизмерно ги сакам.


www.kavadar4e.com: Кој е најголемиот критичар на Милан Левов?

 

Милан Левов: Дефинитивно мојата постара сестра Оливера. Иако од целото семејство од секогаш сум ја имал поддршката за секој мој потег во кариерата, сепак таа е онаа која знае да ми ги каже сите забелешки.


www.kavadar4e.com: Од неодамна фан групата во твоето семејство е зголемена за уште еден член. Колку твојот внук ги следи твоите натпревари?

 

Милан Левов: Мојот внук е мојата нова инспирација. Тој заедно со моето семејство секогаш ги следи моите натпревари и иако има само 16 месеци ме препознава и заедно со моите родители се радува на моите голови.


www.kavadar4e.com: Тој веќе го има својот идол, но кој беа идолите на Милан Левов додека тој растеше?

 

Милан Левов: Додека бев мал го обожавав Срѓан Веселиновиќ. Французинот Даниел Нарцис секако е уште еден од моите омилени играчи.


www.kavadar4e.com: Секојдневните дружења, тренинзи и натпревари сами по себе носат многу интересни ситуации, приказни случувања. Која е твојата омилена ракометна приказна?

 

Милан Левов: Пред еден натпревар Веселин Вујовиќ ни раскажуваше за моќта и влијанието на психологијата во играта. Во еден од неговите премиерни натпревари во дресот на селекцијата на Југославија по првото полувреме на мечот со силната Германија имал стоотстотен ефект. Целиот полн со самодоверба се упатил кон соблекувалната, притоа понижувајќи го противничкиот голман. Еден од неговите постари колеги му рекол, смири се, тоа е најдобриот голман во светот. Младиот Вујовиќ продолжил во стилот каков најдобар голман, но веќе во второто полувреме германскиот голман ја спуштил „ролетната“ па до крајот на мечот не успеал да погоди ниту еднаш.


www.kavadar4e.com: Во меѓувреме во нашиот разговор кој патем го водевме во Pub Blue, ни се приклучи и нашиот глумец Диме Коцевски, кој имаше едно многу интересно прашање за Левов, кое гласеше: Дали знае да одглуми на теренот?

 

Милан Левов: Иако во приватниот живот знам да глумам доста добро, сепак на теренот сакам чист фер плеј и никогаш не сум пробал да одглумам старт за кој противникот би заработил исклучување.


www.kavadar4e.com: На самиот крај на ова интервју, Левов кои се твоите планови за во иднина?

 

Милан Левов: Имам многу понуди за продолжување на кариерата во други клубови, но сеуште сум во фаза на размислување. Да не заборавиме дека сеуште сум ракометар на Металург и дека ни претстојат важни натпревари во ракометната Лига на Шампиони, како и во фајнл форот од СЕХА лигата. Целиот мој живот се водам по правилото никогаш не вели никогаш, затоа што не знаеш што се може да ти донесе новиот ден. Затоа, да оставиме да видиме што ќе донесе иднината.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov