И најдолгиот пат започнува со првиот чекор PDF Печати Е-пошта

 

Во деновите на херојска Македонија, на спомените на првите пушки во Прилеп и Куманово, Кавадарци динамично зачекорува во убавините на есента. Додека фудбалска Македонија сеуште и се радува на победата над Луксембург со резултат 3-2 и истовремено жали за несреќниот пораз од големата Украина, за многу брзо време ќе сватиме дека не цветаат рози за македонските фудбалери. Затоа предлагам прво одделение.

Викендов, празнично, на 11 октомври, Тиквешкиот регион тргна во потрага за најдобриот тим кој експресно ќе влезе во третата фудбалска лига - југ. Градскиот стадион во Кавадарци успеа да ги прибере најголемите љубители на фудбалот, најверните Лозари, и на љубопитните кои му го мислат доброто на фудбалско Кавадарци. Конечно, тимот на фудбалскиот клуб Тиквеш 2014 ја отвори сезоната 2014/2015. И не е само фудбалскиот клуб Тиквеш 2014 во прашање, тука се и преку 1000 членови на младински школи кои егзистираат во Кавадарци, и осумте фудбалски колективи од Тиквешијата.


Кога големите грешат, интервентно и многу брзо помалите го носат товарот. Им благодариме на врвните фудбалски имиња за се што сторија за Кавадарци, но господа, Ве молиме, бараме само едно, оставете ги децата да играат фудбал. Зарем нашиот град не заслужува шанса за нов Шиков, за уште еден Мојсов, за повторно шест илјади на градскиот стадион, и бајракот со црвено бела боја кој отсликува една традиција од 1930 година. Некогаш, и не така оддамна, мојот град беше на врвот во фудбалска Македонија, а денес?! денес, група на последните ентузијасти и вљубеници во фудбалот, со многу љубов прават напори да се спаси и она последното што го имаме во нас, вербата и надежта.


Резултатите на крајот од сезоната нема да значат многу, но светската фудбалската мисија останува, респект. Затоа, што не сакам грешките да се повторуваат, по само една година, за следниот 11 октомври, јавно ќе им се заблагодарам за љубовта кон фудбалот на луѓето кои се инволвирани во овој момент, во овој град, во нашата Тиквешија и Република Македонија. Не се срамам, со гордост да го поздравам ентузијазмот на Сирково, борбеноста на фудбалскиот клуб од Росоман, надежите на фудбалскиот клуб од Марена, истрајноста на фудбалскиот клуб од Сопот, единството во екипата на Трстеник, вербата на фудбалскиот клуб од Манастирец, младиот тим на Глишиќ и славниот ваташки Габер (крв ќе падне - Габер нема да испадне). Сега господа, јавно сакам да Ве замолам, немојте да имате црни мисли, затоа што овие луѓе од горенаведените села, се што сакаат е само нивните деца да останат во своите родни огништа и да играат фудбал.


Додека светот лудува по Меси и Барселона, носи дрес на славниот Роналдо и Реал, се восхитува на баварската машинерија, идолите ги бара во италијанското калчо, ние
веруваме во нашите ѕвезди од нашите тимови. Зошто, затоа што и државата, и градот, и секое село гласно ја кажува молитвата за зголемување ма македонскиот наталитет, и сонува за детски џагор и насмевка, за родна, плодна и весела Македонија.

 

Душко Стефанов - Досие
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov