Април у Београду, септември во Кавадарци PDF Печати Е-пошта

 

Се збогуваме со септември, месец кој по многу нешта кавадарчани ќе го паметат како ланскиот снег. Сепак, како што би рекле нашите источни соседи „наша должност“ е да провериме (потсетиме).


Месецот започна понеделнички, со џагорот на децата и училишното ѕвоно за новата школска година во Кавадарци. Авантуристите се прибраа од годишните одмори, чаршичкото кафе беше зачинето со прераскажувања и доживувања, бојата и тенот сеуште потсетуваа на плажа и море, а оние со повеќе време и сликовито не прошетаа по светските туристички дестинации преку социјалните мрежи со нови фото сесии.


Првата работна седмица беше и недела исполнета со организациони ангажмани околу најголемата културно-стопанска манифестација „Тиквешки гроздобер“. Калабалак и микс од ѕвезди, концерти, културни евенти, скари и паради, сообраќаен метеж и насмеани фаци. Сепак, Кавадарци уште еднаш пред домашната и странска публика добро ја одглуми улогата на домаќин од висока А категорија. Добар почеток на септемвриската приказна во убавото Кавадарци, со уште поубав крај.


Кај нас, сега е актуелно лозјето, грозјето, виното и ракијата, бочвите и казаните, и секако лозарите. Иако е една од најлошите години за лозарството (катастрофа по род и квалитет), сепак ќе пребродиме. Ех, научен е овдешниот човек, а постарите паметат и полоши времиња. Со надеж за подобро утре им посакуваме секое добро на лозарите во бербата на смедеревката која е во полн ек.


И додека поголемиот дел од народот кај нас се занимава со прашањето: „Огрев, зимница и топла нова облека“, луѓето задолжени за спортот и културата веќе ја скроија новата програма за сезоната 2014/2015. Кавадарци оваа година во фудбалската општинска (четврта) лига регистрира и пријави 10 фудбалски екипи кои ќе се обидат да го освојат срцето на љубителите на бубамарата и да ги вратат најстрасните навивачи на фудбалските терени и на градскиот стадион во Кавадарци. Стартот е најавен за 11 октомври...


И во светот на ракометот цветаат рози. Оваа натпреварувачка година две ракометни екипи најавуваат старт во второто по квалитет натпреварување во ракометна Македонија. Мегдан, спортската сала „Јасмин“ - Кавадарци.


Локацијата е иста, спортот е кошарка, а екипата е Фени Индустри. Напред момци!!!


И во останатите колективни и индивидуални спортови нашиот град сезонава има што да и каже на спортската јавност, овде и надвор од Македонија. За сите спортисти и спортски работници навивачката група Лозари и градот Кавадарци се со Вас, а вие, Срце на терен...


Радува информацијата што бизнис друштвото од градот е сериозно заинтересирано за секаков вид на помош и соработка, а искрено подадена рака и поддршка како и расположение постои и од Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот Александар Панов.


Откако целата држава ги потроши деновите од културното лето, време е Кавадарци да се докаже во културната есен. Е овде има и што да се види, ужива и слуша. Изложби, концерти, настани и луѓе... Организатор: Дом на култура „Иван Мазов - Климе“, а директорот Владимир Темков - Шефето со своите пријатели веќе широко ги отворија портите од храмот на културата во центарот на Кавадарци.


Да се пишува и говори за градот Кавадарци во исто време е и чест и привилегија. Но да се слуша и чита за нашиот град, е тоа не е доволно. Затоа, Кавадарци во есен !? треба и мора да се доживее. Пријатели на градот на виното и песната, пријатели на Кавадарци, повелете, добредојдени сте сите.


Душко Стефанов - Досие
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov