Новогодишно интервју со Александар Панов PDF Печати Е-пошта

 

По безброј интервјуа, емисии, отворени студија, на само неколку часови пред крајот на 2013та, односно до почеток на 2014 година, градоначалникот Александар Панов не прими во неговата канцеларија, за да го даде своето последно интервју во годината токму за www.kavadar4e.com. Непосреден и срдечен, отворен за раниот утрински разговор, градоначалникот Панов ни одговараше на неколку поинакви прашања, прашања кои во себе го содржат празничниот дух, и кои ја откриваат другата страна на нашиот соговорник, сосема различна од онаа која што ја гледаме во текот на останите повеќе од триста денови на јавните појавувања на првиот човек на Кавадарци.


www.kavadar4e.com: Градоначалниче, на неколку часови пред крајот на старата, односно почетокот на новата година, колку Вие покрај сите обврски ја чуствувате новогодишната еуфорија?


Александар Панов: Па, морам да признаам дека не ја чуствувам премногу новогодишната еуфорија, не само сега, туку откога сум на функцијата градоначалник, бидејќи повеќе сум сконцентриран за Нова годинa да имаме струја, да водоснабудувањето биде на ниво, да износот на смет ни функционира, да нема некои ексцеси, да немаме пијани граѓани кои ќе завршат во болница... Мојата мисла не е толку како да се прослави Новата година, затоа што веќе втори е работен ден, туку Новата година е период кога треба да се биде со фамилијата, да се одмори малку од секојдневните активности и да се сконцетрираме на реализацијата на еден буџет и програма која ја имаме зацртано за новата 2014 година, затоа што за мене годините се мерка колку сме сработиле во еден временски период.


www.kavadar4e.com: Да се вратиме малку во времето. Како славевте како мал, и кој беше Дедо Мразот кој ги исполнуваше Вашите желби?


Александар Панов: Сигурно дека како мал идеализирањето на ваквите празници беше на многу повисоко ниво. Тогаш се трудевме да бидеме повозрасни за уште една година, бидејќи мислевме дека возрасноста носи поголемо искуство и поголеми задоволства, меѓутоа не бевме свесни дека со секоја година се старее со уште по една. Сега е обратно, жалиме за секоја година која поминува. Дедо Мраз отсекогаш сум мислел дека не постои во буквална смисла на зборот, тоа е повеќе во внатрешноста на човекот. Дедо Мраз е се она што очекуваме да ни се случи наредната година и што го идеализираме, и скришно посакуваме да ни се случи. Дедо Мраз е поврзан само со добри работи, затоа што сигурно не очекуваме да ни се случи нешто лошо идната година. Исто така Дедо Мраз е стравот од нешто лошо, да не ни се случи нешто лошо. Како и да е, како дете, топлината на домот, подоцна како младинец и желбата за новогодишно дружење, одење на серенади, нови запознавања со девојки, беше она што го очекувавме за нова година, заедно со уште по некој изнуден бакнеж, допир, тинејџерски љубови. Секое време си има своите вредности, кои што го водат човек и на некој начин оваа најдолга ноќ ја прават посебна.


www.kavadar4e.com: Колку се разликуваат новогодишните желби кои ги посакувавте како дете од оние кои ги посакувате сега?

 

Александар Панов: Па многу се разликуваат. Како мал посакував да имам велосипед, и уште многу работи кои децата ги посакуваат. Потоа сакав да се преселиме во нов стан бидејќи живеевме како поширока фамилија, односно многу семејства во една куќа. Како младинец посакував гитара која ја добив после некое време, и такви слични желби кои беа поврзани со материјата, но како луѓето стануваат возрасни, барем за мене повеќе немам некои материјални барања, повеќе сакам духовни барања, кои се поврзани со среќата, со задоволствата, со љубовта, со здравјето, кои што пак не зависат од самиот човек, туку од сплет на околности кои се случуваат околу нас, кои ние не ги контролираме, иако понекогаш чуствуваме дека ги контролираме, но тоа е одреден краток временски период, а се потоа си доаѓа по божја воља.


www.kavadar4e.com: За разлика од Дедо Мраз кој работи само за Нова година, Вие како градоначалник ги исполнувате желбите на Вашите граѓани во текот на целата година. Кои се најневообичаените желби кои ги имаат кавадарчани?

 

Александар Панов: Кај мене не доаѓале желби во смисол на Дедо Мраз, но сепак има секакви желби. Луѓето доаѓале да побараат работи кои не се во надлежност на локалната самоуправа, желби од типот да им бидат исплатени субвенциите, а јас немам никаква врска со тоа, желби од типот да им дадам стан, а не располагам со ниту еден квадрат државен стан, ниту пак сум вклучен во синџирот на доделување на станови, желби дури и здравствено да помогнам некаде, што некаде можеме да го оствариме преку фондот што го имаме како локална самоуправа, и да доделиме скромни средства, и уште безброј други желби кои немаат никаков допир со градоначалникот, но луѓето си имаат намислено дека за оваа работа може да им помогне само градоначалникот и тие гледаат спас во него.


www.kavadar4e.com: Почитта кон своите сограѓани ја искажувате со заедничка новогодишна прослава на градскиот плоштад, но кој е идеалниот начин за прослава за Вас?

 

Александар Панов:Останувам приврзаник дека новата година треба да се дочекува на градскиот плоштад како што е секаде низ светот, затоа што ова е колективно славење, ова е колективна манифестација. Ова не е именден или Божиќ кој треба да се помине во кругот на потесната фамилија. Нова година е датум кој доаѓа календарски, и го слават сите освен некои екстремни муслимани и мислам дека вистинското место е на градскиот плоштад, независно од тоа дали на плоштадот ќе имаме светска, европска, балканска, македонска или локална, кавадаречка ѕвезда.


www.kavadar4e.com: Имате специфичен музички вкус, па нашето наредно прашање е колку и како се снаоѓате во новогодишната еуфорија која кај нас за жал е во знакот на турбофолк музиката?

 

Александар Панов: Не ми помага воопшто. Јас се помирив со тоа дека треба да се слуша турбофолк за Нова година. Некогаш кога се собиравме како друштво морав да играм и на такви песни, а на крајот на краиштата морав и на мојата свадба да играм на такво оро. Кога мене би ме прашале, сите овие години во кои сум градоначалник немаше на плоштадот да беше тоа што беше, туку ќе имаше некоја друга група, но ќе немаше народ. Тоа е разликата, и токму поради тоа мораме да го правиме тоа што го сакаат граѓаните, а не што мене лично ми се допаѓа. Исто една од поубавите нови години мене ми беше во Скопје, а најубавиот настап оваа година во Кавадарци беше концертот на Кирил Џајковски. Мислам дека тоа е врвот на мојот мандат, не според бројот на присутни луѓе на градскиот плоштад, туку според уметничкиот квалитет кој што го понудивме овде во Кавадарци.


www.kavadar4e.com: Кои се настаните од 201та година кои со црвена боја ќе ги запишете во Вашиот животен календар?

 

Александар Панов: 2013 е секако година во која што повторно победив на локалните избори, што за мене е круна на четиригодишното работење, како како градоначалник, така и како член на ВМРО-ДПМНЕ, кој се бори за својата позиција во самата партија. 2013 е исто така година во која Дрекслмаер почна да функционира, или на некој начин почна ренесансата за Кавадарци. Кој што сака може да каже, меѓутоа Дрекслмаер за мене е ренесанса за Кавадарци, па и пошироко. 2013 ја решивме децениската потреба од вода за пиење, и тоа без парите од владата, без оние дополнителни 2 милиони евра, и реализиравме уште многу проекти кои што значат подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Јас жалам што некогаш, многу пати сум кажал дека добро е кога градоначаник ќе се занимава со некои цивилизациски потреби, или потреби на новото време. Жалам кога градоначалник треба да се занимава со егзистенционални потреби, како што беше потребата од водоснабдување, и позицијата на градоначалниците во Република Македонија е различна, бидејќи некои се занимаваат со решавање на егзистенционални потреби, а некои се занимаваат со разубавување на својот град, правење паркчиња, фонтани и така натаму.

 

www.kavadar4e.com: Ако искуството се купува со години, тогаш со какви искуства сте побогати од годината која ја испраќаме?

 

Александар Панов: Како и да се каже по секоја измината година човек е побогат со некое ново искуство. Сигурно дека од година во година не може да се примети колку косата ви е побелена, меѓутоа кога ќе ги видите фотографиите како кандидат 2009та и 2013та година, веќе е очигледно и за лаичко око дека косата отишла во други нијанси, и сето тоа е резултат на напластени искуства, како оној кит кој што плива по морето, и што повеќе е изгребан од карпите од морето толку е и постар. Меѓутоа, стареењето значи трупање на искуство, разликата е во тоа што понекогаш повозрасните луѓе не се учат на своите искуства, а не пак да бидат мудри и да научат нешто од искуствата на другите. Мојата животно мото е наместо паметен да бидам мудар, односно да се учам од туѓите грешки.


www.kavadar4e.com: За крај, што напишавте во Вашата новогодишна честитка до кавадарчани?


Александар Панов: Секогаш новогодишната честитка покрај желбите за добро здравје, просперитет за еден лагоден живот, содржи и потсетување на некои работи кои сме ги сработиле во изминатата година. Мораме да се потсетуваме за она што сега го имаме, а сме го немале, за да не биде заборавено. Не го правам тоа од маркетиншки причини, бидејќи далеку се новите локални избори, туку го правам затоа што мислам дека за оние пари кои се собираат од граѓаните треба континуирано да се има отчет, и да луѓето знаат каде завршуваат нивните пари. Според мене за прв пат во историјата на Кавадарци, во овие пет години во кои сум градоначалник луѓето гледаат позитивни промени, и тоа во дела, изразено во километри изградени патишта, изразено во нови инвестиции, во водоснабдителни системи, тротоари, реконструирани нови училишта, културни институции. Ништо не е сменето од пред 2009 од делот на финансиските приливи, или многу малку, а имаме многу повеќе пари за реализација на проекти. Одтаму мојот краен императив за целокупниот период во кој сум градоначалник е да направам одредени стандарди кои ќе бидат тешко достижни за идниот градоначалник и кој што ќе биде на тапет на јавноста, независно од тоа дали ќе биде градоначалник од мојата или од некоја друга партија, или независен кандидат, да направам одредени критериуми кои нему ќе му бидат водилка за натамошното негово работење. Ако не реализира приближно од она што е реализирано во годините во кои што јас сум градоначалник, тој ќе биде неуспешен градоначалник, и луѓето нема да го гласаат. Кога работите, гледате да сработите што е можно повеќе, а кога планирате да на некој начин после одреден период заминете од политиката, тогаш главен императив Ви е да постигнете одредени цели кои се тешко достижни. Јас се надевам како што одат работите дека ќе го постигнам тоа, за да наредниот градоначалник има поголеми цели, односно да се плаши од предизвикот градоначалник, не да дојде да биде градоначалник за да седи во удобна фотеља и да зема добра плата, туку да сработи нешто во интерес на граѓаните, а тоа значи и во интерес на нашите деца. На самиот крај, сакам да Ви посакам Среќна Нова година на Вас, како и на сите што го читаат кавадар4е.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov