Даниел Мојсов PDF Печати Е-пошта

 

По кошмарот наречен Војводина и неколкуте пропаднати трансфери, Даниел Мојсов конечно го најде својот фудбалски мир во дресот на Бран, па убавите вести кои доаѓаат секој викенд од далечната Норвешка се очекувани за сите оние кои што ги познаваат квалитетите на кавадарчанецот. Токму одличните игри за тимот на Бран, но и за македонската репрезентација беа повод по втор пат во петгодишната историја на www.kavadar4e.com да поразговараме со Даниел Мојсов, кој патем ни одговараше и на прашањта за норвешката лига, престојот во Берген, репрезентативниот тандем со Шиков...


www.kavadar4e.com: Даниел Мојсов, по низа перипетии, конечно го најде својот мир на северот, за повторно да блеснеш, сега во дресот на новрешки Бран. Беше ли тешко да се поминат сите тие премрежија, и како сега ти гледаш на работите кои треба што побрзо да се заборават?


Даниел Мојсов: Да како што кажавте, после толку премрежија, својот мир го најдов тука во Норвешка и полека се враќам во препознатливата форма, гледајќи се себеси како лидер на тимот. Да, беше многу тежок период за мене, но и самиот знаев дека јас сум издржлив човек кој што може се да издржи и на крајот се се исплати, па еве, како што викат старите после дождот доаѓа сонце. Можам да кажам дека човек мора да помине низ тешки работи за да стане уште појак и поцврст од тоа што бил


www.kavadar4e.com: А покрај тоа што се врати како појак и поцрврст, се врати и како подобар. Асистенција во репрезентативниот дрес, гол првенец за твојот тим и две признанија за најдобар играч. Дојде ли конечно времето да го покажеш она што во последните година, две беше спречен поради низа нелогичности?


Даниел Мојсов: Браво за Вас што пратите и одлично разбирате фудбал. Да, на мечот со Бугарија одиграв одлично и имав одлична асистенција за вториот гол, а некои од навивачите рекоа па оваков пас не би дал и Чави. После репрезентација се вратив во клубот и викендот игравме против Викинг кој што јас постигнав гол, но за жал изгубивме. Потоа следуваше дуел со екипата на ОДД кој што ја победивме со 3:1, а јас бев прогласен за играч на мечот, и лидер на тимот како што кажаа и коментаторите на TV CMORE кои го пренесуваа натпреварот, а по 4 одиграни натпревари во Норвешка, веќе два пати сум прогласен за играч на натпреварот. Со ова почнувам да докажувам дека од натпревар во натпревар играм во се подобра форма, и дека
сакам да го заборавам минатото и некои личности кои сакаа да ми ја уништата кариерата, но не успееа, затоа што секогаш со мене беше ГОСПОД во кој јас многу верувам... Како и да е, тоа е минато, и сега само гледам кон иднината!!!


www.kavadar4e.com: Да ги заборавиме лошите луѓе, и да позборуваме малку за трансферот во Норвешка. Зошто токму Бран?


Даниел Мојсов: Затоа што беа најконкретни и со задоволувачка понуда која што ми одговараше и мене и на луѓето во клубот. Имав и други конкретни понуди, но повеќе несакав да чекам и да губам време, дали ќе испадне некој подобар клуб, но не сум погрешил, еве и самите гледате се оди како што посакував.


www.kavadar4e.com: Во Македонија имаме многу малку информации за новрешката лига. Ајде малку раскажи ни за квалитетот на лигата, тимовите, финансиите, играчите...


Даниел Мојсов: Квалитетот на лигата е на лик како англиската лига, се игра повеќе на долги топки, воздушните дуели се на прво место, стадионите феноменални, немам зборови како е се организирано, не смее ништо да недостасува. Тимовите се разликувааат, а мое мислење е дека Розенборг, Стромгосет, Бран, Валеренга и Викинг се најквалитетните тимови во лигата, а другите се многу слични да не речам и исти. Во клубовите настапуваат доста одлични играчи, а има и просечни играчи како што ги има секаде во светот, но кој е поквалитетен тој ќе игра, и нема татитни и мамини синови.


www.kavadar4e.com: На девет кола до крајот сте на 6тата позиција. Колку ваквата поставеност на првенствената табела соодвестува со амбициите на клубот, иако до крајот во игра се уште 27 бодови кои може да ве однесат до места кои водат во европските купови?


Даниел Мојсов: Да до крајот на првенството во игра се усте 27 бода, и ние како клуб секако ќе атакуваме на највисоко можно место кое што може да носи пласман во Европа, а секако имаме и шанси за тоа.


www.kavadar4e.com: За разлика од останатите првенства кои што штотуку започнуваат, норвешката лига е при самиот крај. Гледаш ли некаков проблем во тоа, пред се во темпирање на формата за настапите во репрезентативниот дрес?


Даниел Мојсов: Ма не гледам некој проблем во тоа. Тука првенството завршува на 10 ноември, а во некои други држави покасно за само две недели, па мислам дека не преставува никаков проблем.


www.kavadar4e.com: Во следниве три недели следуваат три дерби меча, првиот против Согндал кој е едно место под Бран, потоа против Валеренга која е моментално осма, за потоа да го пречекате второпласираниот тим на Стромгосет. Твоите очекувања?


Даниел Мојсов: Да, следните три меча се дерби мечеви за кои можам да кажам и дека се најбитни! Прво ќе кажам за мечот што го играме во петок против екипата на Согндал. Очекувам добра игра како на мечот против ОДД и дека резултатот ќе биде во наша корист. Ќе одиме чекор по чекот, прво да помине овој натпревар, па потоа ќе размислуваме и за Валеренга и Стромгосет, но во петок нормално очекувам 3 бода да останат во Берген.


www.kavadar4e.com: Како се снајде во Новрешка, колку ти се допаѓа Бегрен, како си примен од соиграчите, со кого се дружиш најчесто...


Даниел Мојсов: Па право да ви кажам се снајдов многу добро, бидејќи во клубот има тренер што е роден во Осло, но потекнува од Македонија, поточно од Битола и полесно беше се. Од играчите сум многу благодарен затоа што ме примија како да сум тука повеќе години, а не само 3 месеци. За крај го оставив хрватот Мартин Пусиќ со кој што секојдневно се дружам и можам да ви кажам дека живееме како браќа. Градот е супер, ама има голем проблем во тоа што од цел свет тука најмногу врне дожд, односно од 365 дена 265 е само дожд. Климата е средна, не многу ладно ама и не многу топло.


www.kavadar4e.com: Колку ти годи таквата клима, или ајде да речеме, колку врнежливото време ти создава проблеми во играта


Даниел Мојсов: Климата е идеална за тренинг, натпревар, но не и за живот кој што го имаме кај нас. Нема никаков проблем во играта, се ужива на такво време кога се игра натпревар.


www.kavadar4e.com: Добрите игри за репрезентацијата и за Бран сигурно не поминуваат незабележано. Ќе има ли наскоро вест за нов трансфер, затоа што веќе сезоната во Норвешка е при крај, или ќе останеш уште долго на северот?


Даниел Мојсов: Знам дека тука на западот се се гледа и се се запишува, па кој знае што се може да се случи во зимскиот преоден рок, но за сега не размислувам за промена, туку за што подобра игра на секој натпревар.


www.kavadar4e.com: Во нашето прво интервју кое го правевме пред нешто повеќе од две години, го најавивме кавадаречкиот тандем Шиков-Мојсов како столб на одбраната на македонската репрезентација. Дека тоа ќе биде така се потврди и на мечот против Бугарија, на кој последните нешто повеќе од половина час ги помина покрај Шиков, достојно заменувајќи го Новески. Како е по долги години повторно да се игра еден до друг во стоперската линија со Шиков?


Даниел Мојсов: Па се надевам дека јас и Шиков ќе бидеме столбови во одбраната на репрезентацијата во иднина и тоа двајцата од ист град и на исти позиции, што мислам дека до сега немало во репрезентацијата да играат заедно од еден ист град, но и пријатели меѓу себе, а воедно и со другар на мојот брат.


www.kavadar4e.com: Одлично е тоа што двајцата кавадарчани го сочинуваат срцето на одбраната на македонската фудбалска репрезентација, но проблемот со кавадаречкиот фудбал кој веќе десетина години е во криза е голем. Сметаш ли дека академијата Шиков-Пандев конечно ќе го даде новиот Мојсов, новиот Шиков, Стојановски, Ѓорѓи Мојсов, Бошковски, Милков... и колку ти си спремен да помогниш во целата оваа работа?


Даниел Мојсов: Фудбалот во Кавадарци веќе одамна е во голема криза, но јас мислам дека некои луѓе во градот треба да преземат одговорност, како на пример локалната самоуправа на чело со градоначалникот г-дин Панов, да седнат на маса и да го вратат клубот каде што му е местото, затоа што ФК Тиквеш е клуб со реноме во Република Македонија. Од друга страна, одлична работа е отварањето на академијата Шиков-Пандев, и со добра работа со младите категории очекувам да испаднат нови големи фудбалски имиња, а додека тоа се случи, јас сум тука да помогнам доколу е потребна било каква помош.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov