Марјан Димитров PDF Печати Е-пошта

 

Иако вели дека не знае ништо, со Марјан Димитров можете буквално да зборувате на било која тема. Проткаеноста на неговото професионално CV тешко 34 години со информации од речиси сите поважни настани од кавадаречкото секојдневие и илјадниците интервјуа со признати експерти од сите области едноставно му го дозволува тоа, а неговата харизма, начин на зборување и хумор едноставно ќе Ви го продолжи разговорот се до моментот додека не сватите дека предвиденте 30тина минути веќе влегле во четвртиот час. Знаејќи го тоа решивме да поставиме некаква рамка, која се „скрши“ веќе по првите прашања, па текот на разговорот продолжуваше во многу нови, непредвидени насоки кои за нас, а се надеваме и за вас ќе бидат повеќе од интересни, затоа што едноставно не смеете, а да не прочитате за тоа како се снимаа „Епроскоп“ и „Династија на Кавадаречки начин“, за преносите во живо од коледарските огнови, светлите моменти на кавадаречкото новинарство како и за многу други интересни работи...


www.kavadar4e.com: Патувањето низ времето е секогаш интересно, особено кога се враќаме на првите почетоците кои и по толку години останале длабоко врежани во нашите сеќавања. Па Димитров, да го започнеме времепловот, и да се вратиме во времето кога за прв пат влеговте во студио?


Марјан Димитров: Во периодот од 1975 до 1979 година бев диџеј. Додека пуштавме музика практикувавме да зборуваме, да ги најавуваме песните, начин што многу му се допаднал на покојниот Љупчо Лазов од Неготино, кој ми пријде и ме покани да бидам дел од екипата на Радио Кавадарци. Ја прифатив поканата, дојдов во Радио Кавадарци, и направив пробна емисија која се викаше Диско хит. Тоа беше во сега веќе далечната 1979 година. Морам да признаам дека не бев примен многу убаво, особено од техничкиот сектор, затоа што новите луѓе и новите идеи не се примаа со некое особено воодушевување. Ние како дискофили во тоа време, како водители на диско музиката важевме за нови, авангардни носители на музиката, и не сметаа како да сме неморални. Сепак, секое време си има свои „отпадоци“ што всушност се прогресивни носители на новото време, а ние бевме токму тоа, млади кои ги пренесуваа новите работи од западна Европа, односно новата музика. Како и да е, ја направивме таа емисија еднаш, два пати, па тогашната уредничка на радиото, Фруска Костадиновска го поддржа целиот проект, рече дека сум го положил првиот дел од испитот, односно говорниот дел и водењето на програмата, и така почнав постојано да ја водам емисијата Диско хитс. Во 1980 година радио Кавадарци распиша оглас за прием на новинар, на кој јас се јавив. Веќе имав искуство како се зборува на микрофон, и слушајќи ги моите колеги Маријана Пешиќ, Фруска Костадиновска научив како се пишуваат новинарски текстови. Учев доста брзо, бидејќи штосот во новинарскиот занает е да ги слушаш постарите колеги, бидејќи не измислуваш ништо ново, туку мораш само да го научиш основното клише, и потоа е лесно. Така почнав да работам како спикер-новинар во радио Кавадарци.


www.kavadar4e.com: Колку беше тешко да се најде музика?


Марјан Димитров: Беше ужасно тешко да се најде нова музика. Единствената музика што можеше да ја најдиш беше да купиш плоча од Југотон, тоа е продавница во Градски трговски центар во Скопје која сеуште постои, и тоа по долго чекање. Јас и мојот колега Селадин Исмаилов кој сега е успешен пекар, чекавме на ред за да ги земиме плочите и да ги пуштаме. Но, тоа беа малку постари песни, а што со новите. Нив ги слушавме на радио Луксембург, радио Белград, и на некои други радио станици, а музиката ја снимавме на еден специјален касетофон кој го купивме, бидејќи и касетите беа новини. На касетофонот ги снимавме најновите песни, најмногу диско фанк музиката која беше најпопуларна, и бампот кој исто така беше еден од помодерните стилови на музика. Така ја носевме музиката тука, малку ќе ја измиксавме, колку што ни дозволуваа тогаш условите, т.е. техничките помагала, и ја пуштавме во диско.


www.kavadar4e.com: Кажи ни колку се разликуваа тогашните излегувања со тоа што се случува денес?


Марјан Димитров: Дури не можеш да поверуваш, и од сегашна гледна точка е и научна фантастика како тогаш била „шемата“ на младите. Се излегуваше во 19 часот, а во 22 .30 часот во Кавадарци немаше ни еден човек. Ако имаше по некој, тоа беа некои кои одеа на серенада. Значи животот почнуваше во 19, диското почнуваше во 19, а завршуваше во 22 и 10. Во 22 и 10 мораше да се изгасе музиката и градот беше штама. Во тоа време колегата Љупчо Бубо Каров кој тогаш работеше исто во радио Кавадарци имаше проблем со тогашната полиција, бидејќи тој и неговото друштво се собираа на градскиот плоштад, па ќе дојдеа органите на редот и им велеа да си одат дома. Па така, нив бидејки не им се одеше дома, си одеа на серенади до сабајле. Имаше од сегашна гледана точка многу чудни работи, кои тогаш беа нормални, но како и да е, тоа беа времиња во кои таа „шема“ завршуваше доста рано.


www.kavadar4e.com: Која е најинтересна случка од тој диџејски живот?


Марјан Димитров: Најголемиот ќеиф од диџејскиот живот беше кога таму во сегашниот музеј, или младински дом, пред тоа официрски, сега е музеј, и место каде што најверојатно ќе бидат сместени невладините организации, се собираа во просек по 1.000 а некогаш и над 2000 луѓе, односно место каде буквално цел град се симнуваше, и не заради тоа што беше нешто посебено, туку затоа што тоа место имаше некој посебен шмек, некој посебен дух, да влезиш да видиш што има, да си ги видиш своите пријатели, кои луѓе се таму, да ја слушниш својата омилена музика. Второ, младински дом имаше можност да ти пружи се што сакаш. Имаше непријатни и пријатни моменти. Пред се имаше една серија на непријатни моменти со комшиите, бидејќи им сметаше музиката, затоа што младинскиот дом се наоѓа во урбан дел на градот. Така да, една вечер професорот Пецов кој порано има работено како диџеј дојде, и неможејќи да ја издрже сета таа „бука“ бидејќи ни зборуваме на микрофоните и пуштаме гласна музика, со чаша ги скрши два грамофона, и рече да не пуштаме гласна музика. Ја намаливме музиката, но по некое време пак почнавме да пуштаме гласна музика. Тоа беше една епизода која ми беше малку чудна, но потоа се сретнавме со професорот Пецов, ги изгладивме односите , и ние го прифативме тоа бидејќи имал сериозна причина зошто изреагирал така.


www.kavadar4e.com: Која е музиката, песните, бендовите, пеачите кои оставија белег кај Марјан Димитров?


Марјан Димитров: Па има многу, но од оние на кои сега се сеќавам сигурно се Глорија Гејнор, Би Џиз, Бони М, ШИК, Систер Слејџ, Ганс енд Роузис, Дона Самер, Џон Мајлс и други.


 


www.kavadar4e.com: Што се промени кај Марјан Димитров со ангажманот во радио Кавадарци?


Марјан Димитров: Најпрво имиџот. Пред да се вработам во Радио Кавадарци имав долга коса, што беше причина малку да отскокнувам од останатите, па некои дури ме покажуваа и со прст, за потоа да станам „умен“ дечко, не дека и пред тоа не бев умен, но тогаш станав ајде да речеме прописен дечко.


www.kavadar4e.com: Вашата прогресивноста се одрази и во работата во Радио Кавадарци. Автор сте на првата контактна радио програма која се емитувала на брановите на Радио Кавадарци.


Марјан Димитров: И не само на Радио Кавадарци. Тој тип на контактна програма беше единствен на територијата на целата Македонија, исклучувајќи го Скопје, кој имаше контактна програма на младинскиот канал, така наречените „Младински бранувања“. Со моите колеги со кои бевме прекрасна екипа за прв пат го изнесовме микрофонот надвор од студио, надвор од градот, надвор од Општината.


www.kavadar4e.com: 80-тите години се можеби најсветлите години во историјата на Радио Кавадарци. Одлична екипа, не само новинарска, туку и техничка, и емисии кои сеуште се прераскажуваат почнувајќи од „Династија на кавадаречки начин“, „Епроскоп“... Од каде инспирацијата за ваквите проекти кои денес го носат статусот на култни?


Марјан Димитров: Ние бевме истите луѓе и кога бевме на улица, и кога бевме во студио. Луѓето сакаа да си го слушнат тоа што е нивно на обичен начин, без да им даваш памет, или да ги учиш ставајќи се над нив. Можеби тоа беше успехот на се. Љупчо Бубо Каров го кажуваше хуморот и настаните од градот онака како што навистина беа, Блажо Миневски сега еден од најголемите македонски писатели кој има неколку успешни изданија зад себе и сметам дека ќе прерасне во вистински македонски литерати исто така. Покрај овие две големи имиња, тука се и голем број на колеги кои сега работат во познати весници и медиуми. Значи низ куќата поминале луѓе со голем дар за новинарство и голема интелегенција.


www.kavadar4e.com: Интересно е што најголем дел од нив немаа завршено новинарски факултет.


Марјан Димитров: Па само еден или двајца имаа завршено факултет. Миневски беше еден од нив, додека другите тогаш немаа завршено новинарски факултет, но овој недостиг тие го надополнуваа со нивната неверојатна дарба за оваа работа. Првото нешто што треба да го имаш за да ја работиш една работа е да ја сакаш и да имаш дарба за тоа, а сите членови на нашата екипа го имаа тоа. Од она што имав можност да го слушнам во разговорите со повозрасните, било вистински урнебес за време на снимањата на „Епроскоп“ и „Династија на кавадаречки начин“.


www.kavadar4e.com: Што всушност се случуваше во радио кабината на Радио Кавадарци?


Марјан Димитров: Ние се што работевме, работевме со голема желба, радост, и расположение, без трема, без скруполи, без задни намери, и работевме нештото да го направиме добро. Најстарата емисија во Радио Кавадарци, „Епроскоп“ која почна некаде во осумдесетите години и траеше некаде до 90тите години ја започнавме јас и Бубо Каров. Се правеше со луѓе од народот што сакаа да кажуват и прават вицови, за подоцна да влезиме во еден посериозен проект како „Династија“. Тоа е периодот од 1984 година кога Бубо Каров и официјално се вработи во Радио Кавадарци, и реши да се прави хуморот, кавадаречкиот хумор, и да му дадеме соодветен третман на општинско ниво. Како се правеа тие епизоди. Влегувавме во студио сите актери, на пример „Династија на кавадаречки начин“ ја правевме 7,8, или 9 луѓе, претходно текстот го работевме јас и Бубо, седнуваме јас и тој во канцеларија, јас куцам, тој ми зборува, јас ќе додадам нешто, па ќе влезе некој од колегите и ќе рече ова беше вака, па ќе прашаме некој друг од колегите како го видел тој настан, и така го правевме текстот, подготвувавме седум, осум страници, влегувавме во студио и го прераскажувавме истиот. Кога ги правевме сите 49 епизоди на Династија на кавадаречки начин тоа беше вистинска смејурија, и внатре и надвор. Се враќавме повеќе пати не затоа што грешевме, туку затоа што се смеевме. Сето тоа беше толку спонтано и смешно. Кога така почнавме да ги правиме епизодите, почнаа да ни се јавуват од страна, од други градови, со предлози да ги пренесуваат епизодите. Ја прифативме само една понуда, на втората програма на радио Скопје, која ја пренесуваше секоја епизода со еден ден закаснување, и таа одеше низ цела Македонија. Тој период, таа 1985 година беше златното време за Радио Кавадарци.


www.kavadar4e.com: За жал, сега можеме само да прераскажуваме за тоа златно време. Зошто е тоа така, каде е проблемот, во луѓето кои ја работат оваа професија, во финансиите или едноставно се изгуби магијата на радиото?


Марјан Димитров: Се обидуваат некои мои колеги да ја оддржат таа магија, успеваат до некаде, но мислам дека е изгубена функцијата на радиото, и вистинската смисла на радиото. Зошто? Затоа што радиото е комуникативно средство, средство кое треба да комуницира со луѓето, а сега тоа е сведено само на прво лице еднина, односно само можеме да го слушаме радиото, со исклучок на Радио Кавадарци кога имаме контакти со слушателите кои праќаат пораки, бараат песни, и тоа е таа интеракција. Меѓутоа, во тоа време кога ние работевме радио, ние секој ден имавме контакти со слушателите, од 13 од 15 и од 16 и 30 до 19, и тоа на различни теми, пример комуналии,поскапувања, политика, здравство каде зборувавме за проблеми на граѓаните, потоа спорт каде дебатиравме како Тиквеш играл во неделата... Сегашната емисија „Отворено за“ на Радио Телевизија Кавадарци, односно на Телевизија Тиквешија е убедливо најстарата емисија, која почна тие години и до ден денешен сеуште опстојува на медиумскиот простор. Таа почна како контактна емисија на Радио Кавадарци , се контактираше преку неа, но сега има еден поинаков концепт и повеќе не е контактна емисија.


www.kavadar4e.com: Кога сме кај комуникацијата, во кабината на Радио Кавадарци влегле многу познати луѓе. Кои се луѓето кои вас Ви оставиле впечаток, не само како славни личности, туку и како одлични соговорници?


Марјан Димитров: Речиси сите претседатели на Македонија, Глигоров ,Трајковски, потоа со премиерот Никола Груевски и уште низа имиња од политичкиот ешалон. Од музичката сцена можам да ви кажам дека во студиото на Радио Кавадарци влегле речиси сите музички естраднни звезди кои што многу значат на Југословенската сцена, почнувајќи од Цеца, Здравко Чолиќ,Лана ,Лепа Брена , Хари Мата Хари ,Бајага, и уште многу, многу имиња за кои ако кажете дека гостувале во Радио Кавадарци нема да згрешите.Сите што имаа настапи-концерти во Кавадарци задолжитрелно вчлегуваа во студиото на радиото. Тоше Проески кога ја започнуваше кариерата разговараше со ќерка ми Ева и нејзината колешка Александра кои тогаш водеа младински канал. При едно гостување на тогаш популарните Аски, кои тогаш беа позната група во сите Ју-републики и во Македонија се разбира, имав една интересна ситуација. Јас бев дежурен, тие доаѓаат, ме прашуваат може ли да влеземе, можете. Сеуште не бевме започнати да разговараме пред микрофонот, а тие ми ги побараа прашањата кои ќе им ги поставам. Им реков дека немам подготвено прашања, и дека ќе ги прашам што ќе ми дојде на памет. Но, ние сме многу познати, мораме да ги знаеме прашањата, а јас им реков дека не ги познавам. И навистина беше така, јас не ги познавав, затоа што музиката и не ја пратев секојдневно како што тоа го правев во моите помлади години. Нивното наредно прашање беше дали знам дека тие имаат издадено албум, и како се вика истиот, а јас им одговорив дека за жал не го знам тоа. Добро, ние тогаш ќе станеме и ќе заминеме. Станаа и си заминаа. Сакам да кажам дека не се направив лицемер и дека знам нешто за нив, затоа што навистина ништо не знаев, но тие се навредија. По еден час се вратија заедно со нивниот менаџер, кој ги смири, им рече дека човекот можеби навистина не знае кои сте, па објаснете му и ќе се најдете во разговорот. Тоа беше една така интересна ситуација со познатите личности, по која станав славен помеѓу колегите кои често се смееја на оваа случка.


www.kavadar4e.com: 34 години на радио и телевизија. Кажете ми колку е тешко да се опстои на медиумската сцена, односно колку е тешко да се остане интересен и привлечен за гледачите и слушателите кои секојдневно Ве слушаат и гледаат на радио и телевизија?


Марјан Димитров: Многу е тешко. Тоа е една од најтешките работи, да ја оддржиш кондицијата. Голем дел од моите колеги не го издржаа тој притисок на времето. И јас сум паднат некои 20-30 насто во мојот квалитет, што поради годините, што заради проблемите, еден период останавме нели и без работа кога се ликвидира РТК 2006 година , но духот кој го носи човек кој работел во медиум постојано го спасува и го влечи од пропаѓање. Затоа велам дека ако си упорен, и ако си ја сакаш професијата ќе биде од тебе нешто. Секојдневното очекување на луѓето да бидеш интересен е исто така голем предизвик, заради тоа што народот е гладен за нови работи, а денеска се потешко се соопштуваат новите работи.


www.kavadar4e.com: Новинарите најчесто не се многу омилени личности, особено за оние кои се на влијателни функции. Низ сите овие 34 години, се соочивте ли со некои проблеми кои биле предизвикани од ваш новинарски текст?


Марјан Димитров: Има многу вакви настани. Секој кој пишува отворено и критички е изложен на вакви работи. Меѓу нив и јас бев изложен на вакви работи. Некогаш си помислуваш дека ти е важна работата, платата, да не те казнат, но понекогаш ти е важно поради одредени проблеми кои ги имат луѓето да го кажиш настанот, а кога ќе го отвориш настанот ќе го погодиш некого. Еден директор на голема фирма го критикував во дневникот бидејќи покрај тоа што во канцеларијата има парно, имаше електричната печка. После тоа тој ги раскина сите договори со радио Кавадарци, и со мене, па од добри пријатели, станавме лоши пријатели. Има уште многу такви настани, пример комбинатот,,Страшо Пинџур,, и поединци ги критикувавме бидејќи во едно време имаше масовна појава кога ивириците од прва класа со еден мал удар да се правеа втора класа, и кога тоа ќе го направеа таа ивирица не беше прва, туку втора класа, а со тоа и поефитна, па ќе ја купат одредени договорени странки. Најголема критика за ова ,,удиравме,, во Епроскоп и Династија....Значи кога ќе се соочат директорите со критиката ја прекинуваат соработката. Исто така морам да напоменам дека тоа беше во времето на социјализмот кога тешко се критикуваше, но ние успевавме во тоа.


www.kavadar4e.com: Во моментот критичната нота кај локалните новинари е на многу ниско ниво. Дали причината е ова што токму сега вие ни го раскажувавте, финансиската поддршка која на еден начин ги штити компаниите од новинарските напади?


Марјан Димитров: Сигурноста во подигањето на платата и опстанокот на работа е причината поради која сега помалку се критикува. Не дека и сега немаат проблеми луѓето, или настани за критикување, има но многу помалку се пишува за проблемите. И на национално ниво е иста ситуацијата. Има некоја мала самоцензура, ако така можам да ја речам, пред се заради тоа што новинарите не се независни , не се заштитени, па еве дури и да се има храброст да се влезе во таква игра, може буквално да се „изгори“ бидејќи казните се превисоки.
Го намалува ли квалитетот на новинарството таа како што велите вие автоцензура? На ниво на општина имам само неколку колеги новинари што активно работат. Тоа е трагедија за Кавадарци. Една од колешките која претходно живееше во Неготино, а сега живее во Кавадарци носи голем дел од новинарството во Кавадарци, тоа е колешката Дарудова, која е дописник за неколку медиуми. Другите колеги се од телевизија КТВ и Телевизија Тиквешија која е наследник на Радио Кавадарци. Радио Кавадарци беше буквално расадник за новинари, каде што имаше над дваесетина новинари, сега работи со само тројца новинари. Тоа е ужасна работа, бидејќи новинарството во градот е сведено на неколку луѓе. Тоа зборува дека луѓето не сакаат да се занимаваат со новинарство. Да, точно е дека имаме наши кавадарчани кои работат за други медиуми, но тоа е затоа што овде во Кавадарци тешко се преживува со новинарството па работат за странски и домашни новински агенции, телевизии, весници... Со нив соработуваме, имаме контакт, но многу е лошо што Кавадарци остана без стариотр новинарски потенцијал. Јас искрено многу сакам Кавадарци да има многу новинари, затоа што тогаш борбата ќе биде изострена, а конкуренцијата носи напредок. Со секоја наша информација ние сме креатори на јавното мислење, треба да имаме суд за одредена ситуација, и врз основа на тоа да добиеме отворена критика, забелешка или подршка . Токму на таа конкуреција се должи тоа што порано Кавадарци имаше добра новинарска екипа.


www.kavadar4e.com: Во новинарскиот свет влеговте доста млад. И многу од твоите колеги своите први контакти со микрофонот ги имале во своите тинејџерски периоди, а меѓу нив е и Вашата ќерка Ева, која сега Ви е и колешка. Колку сега младите се заинтересирани да влезат во новинарскиот свет? Им недостасува ли иницијативност на сегашните деца, или едноставно им треба некој кој ќе им подаде рака?


Марјан Димитров: Поранешните фирми кои се занимаваа со радиодифузна дејност сами си создаваа свои кадри. Дел од тие млади колеги сега успешно работат како новинари во други медиумски куќи. Значи се водело сметка за иднината. Тоа е исто како во фудбалските клубови каде има подмладоци. Меѓутоа има, и познавам деца кои сакаат да бидат дел од овој свет, но за жал немаат место каде тоа да го направат, или веднаш сакаат да им се каже колкава плата ќе земаат. Од една страна тоа е добро, но од друга страна не е добро тоа. Зошто? Едноставно не можеш да го научиш новинарскиот занаетот веднаш, и да земаш незнам каква плата. Новинарскиот занает не се учи за еден месец, тој се учи цел живот. Дипломата од факултет и работата во медиум немаат никаква врска, затоа што ова е жива материја, секојдневно сам си правиш слика на настанот, сам го креираш јавното мислење, и со еден твој текст можеш да уништиш нечиј живот, да навредиш некого, да израдуваш некого... Значи ти си еден творец, еден креатор на конгломератот од многу работи, и за тоа треба да се внимава, и не се пушта одеднаш младиот човек во ваква авантура. И керками Ева сега хонрарно се занимава со водителство, а ја бива и за новинарство. Знаејки дека не се живее од новинарството кога заврши гимназија и препорачав да заврши нешто друго, таа одбра на моја препорака Правен факултет, го заврши со висок просек , магистрира, и положи правосуден испит, сега се занимава со адвокатура.Но ја бива и за ова работа, и секогаш би била успешна во медиум радио и тв. Но ,како што реков барем во Кавадарци од тоа не се живее. Оваа професија ако ја немаш во „,малиот прст“ се е попусто, не го губи времето, подобро не се бави со неа.


www.kavadar4e.com: Кои се моментите кои ги одбележаа овие 34 години новинарска работа?


Марјан Димитров: Најубави моменти во мојата кариера ми биле ноќните програми на радио Кавадарци, кои ги работевме по 22 и 01:00 -02.00 часот. Таа програма ја работевме неколку години, со неколку колеги и тогаш се виде дека и во Кавадарци се слуша радио и ноќе, а токму тие вечерни емисии имаат една посебна магија. Најголеми проекти ни беа водењето на програми во живо од Градскиот базен, преносите од езерото „Брана“, одГрадскиот парк. Најслушани ни беа програмите од коледарските огнови, кога со еден микрофон и,, ухер,, и радио станица можевме да воспоставиме контакт со студиото и да ја пренесме атмосферата од коледарските огнови ширум Тиквешијата. Тогаш и безобразните мотиви од песните можеа да одат во етер и никој не ни приговараше . Имаше, како да кажам, еден ред, во сета таа работа. Од друга страна, од оние моменти поминати во студио никогаш нема да ги прежалам и заборавам сите мигови од снимањето на „Династија на кавадаречки начин“ и уште многу, многу спомени на кои сега неможам да се сетам.


www.kavadar4e.com: Зошто прекина со емитување „Династија на кавадаречки начин“?


Марјан Димитров: „Династија на кавадаречки начин“ ја прекинавме токму кога беше на самиот врв. Не сакавме да дозволиме да ни опаѓа квалитетот на целиот проект, и истата да биде заборавена па решивме дека е најдобро истата да прекине. Се сложивме со Бубо за таа работа и беше исправено што така направивме иако слушателите не ни простија за тоа.Еве дури сега гледам дека сме направиле добра одлука, затоа што серијата не е заборавена, односно истата има добиено култен статус, и сеуште се преслушува.


www.kavadar4e.com: Кои се новите предизвици пред кои стои Марјан Димитров?


Марјан Димитров: Мојата иднина ја гледам во телевизијата, бидејќи овде се создава еден млад кадар, и тоа е еден нов предизвик за мене. Јас заедно со колегите од Радио Кавадарци, со колегата Мурџев во деведесетите ја правевме Радио телевизија Кавадарци и успеавме во градењето на таа медиумска куќа, сега можеби сум повторно на почетокот со Телевизија Тиквешија, и гледам поле на добар мегдан за покажување на моите способности, и сметам дека ќе се најдам тука, макар што оваа професија е тешка и доста изморува, но од друга страна постојано сакаш да ја работиш. Тоа е тоа, ако еднаш се заразиш со вирусот на новинарството никогаш нема да се излечиш.


www.kavadar4e.com: 34 години сте лојален на Вашата матична куќа.


Марјан Димитров: Точно, и се надевам дека ако и понатаму продолжиме со изворедната соработка со сопствениците на телевизија Тиквешија, со управникот, со моите драги пријатели кои ми подадоа рака во моментите кога останав без работа, момент што јас многу го ценам, затоа што кога остануваш без леб кој и да си не вредиш ништо, и мислам дека ќе се пензионирам овде, иако мислам дека јас постојано ќе работам, затоа што имам направено илјадници емисии и мене едноставно не ми е тешко да го работам ова. Важно е човек да си ја знае својата работа, ако згреши да се корегира, да ги истрпи критиките, да не биде самобендисан, бидејќи тоа може да го одвлече човек во друга насока. Можеби и тоа е умешноста зошто сум успеал да се задржам толку многу во светот на медиумите. Јас сум разговарал на најразлични теми, од спорт до медицина, и луѓето ми велат како ти се знаеш. Јас искрено не знам за се се, но се трудам да одредена материја ја научам во нејзините елементарни димензии и на тој начин полека влегувам во таа материја, ја учам, ја студирам, размислувам за соговорникот, кој е, што е, каков е неговиот карактер...


www.kavadar4e.com: Колку време траат подготовките за една добра емисија?


Марјан Димитров: Кога интервјуто е ненајавено а мора да се реализира веднаш време за подготовка нема.Тогаш се импреовизира.Но кога има време најмалку 24 часа. Јас најмалку еден ден пред тоа добивам најави кој ќе ми биде следен гостин, истражувам кој е тој, и која е материјата за која што треба да разговараме, и сето тоа за да бидеш интересен и добар соговорник кој ќе го привлече вниманието на гледачите и слушателите.


www.kavadar4e.com: Како се справувате со оние „тешки“ луѓе кои најчесто одговараат со ДА и НЕ?


Марјан Димитров: Тоа се навистина тешки луѓе, но мојата колешка Маријана Пешиќ е вистински доктор за нив. Ако е соговорниот (ДА НЕ )таа го прашува, и сама одговара на прашањата кои ги упатува до соговорниците. Најтешко е да се работи со такви луѓе кои имаат „слаб речник“, или само ДА и НЕ и тоа е се. Не е интересен разговорот со таквите луѓе, и за среќа јас многу малку сум имал работа со нив, пред се бидејќи пробувам да не ги има во моите интервјуа и емисии, меѓутоа знам дека таквите однос во најголем дел е резултат на големата трема. Сум присуствуал на настани кога на луѓето од тешка трема од микрофонот или камерата доживуваат прихички трауми, им течат солзи, се потат, се тресат, односно доживуваат стрес. Ова само докажува дека оваа професија е ужасна за оние кои не се спремни да ја прифатат не само зад туку и пред микрофонот.


www.kavadar4e.com: Што е следно што како проект ќе го работи Марјан Димитров?


Марјан Димитров: Продолжувам секако со „Отворено за...“, но и на неколку нови проекти и емисии кои ние како регионална телевизија во иднина ќе ги поставиме како предизвик. Веќе почнавме да емитуваме сигнал на територијата на општинитеКавадарци,Велес, Чашка, Градско, Неготино, Демир Капија, Росоман..што значи дека ќе имаме поширок мегдан за работа, и веројатно ќе влезиме во неколку посериозни проекти кои наскоро ќе ги најавиме.


www.kavadar4e.com: Значи ли тоа дека ќе се прошири и тимот на Телевизија Тиквешија со нови дописници од сите општини?


Марјан Димитров: Претпоставувам, бидејќи централата и новото студио кое е по сите стандарди се веќе во изградба веднаш над просториите во кои сега се наоѓа Телевизија Тиквешија, па верувам дека Кавадарци ќе биде јадрото на дописната мрежа.


www.kavadar4e.com: Нешто сосема за крај, нешто што мислите дека не го спомнавме во овој разговор, а е важно да се напомене?


Марјан Димитров: Сметам дека Вашето „Кавдар4е“ се труди да биде добар медиум со помош на перото на Уневски кое има добра основа да стане квалитетно, и заедно со блогот на мојот драг пријател Марјан Тодоровски сте единствени кои редовно ги читам и во кои можам да го најдам новинарството кое се помалку го има. Многу ми е криво што Кавадарци остана без неколку мои поранешни колеги кои беа добри во новинарството заради „предвременото“ заминување од професијата, и што нема млади генерации на новинари, или го сваќаат новинарството на свој начин што за моите стандарди не е тоа -тоа. А некои дечки пак се обидуваат нешто да пишуваат, добри се, но едноставно нема кој да му подаде рака, или пак постарите се чувствуваат загрозени и намерно не им пружат шанса. Кога млад човек сака нешто да постигне, многу е важно да му дадиш можност, бидејќи сега времето е многу потешко за докажување.


www.kavadar4e.com: Би му биле ли на некому Љупчо Лазов?


Марјан Димитров: Апсолутно, без размислување. Ние подолго време како телевизија и сеуште бараме млади дечки кои ќе работат како новинари, но немаме луѓе кои ќе ја работат оваа професија, и токму на тоа се должи мојата разочараност. Сепак, убеден сум дека наскоро ќе дојдат нови светли денови за кавадаречкото новинарство.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov