ФОТО: Заврши годинешното издание на Тиквешкиот гроздобер Печати
Напишано од Unevski on Понеделник, 11 Септември 2017 14:14   

 

Кавадарци остава зад себе уште едно издание на Тиквешкиот гроздобер. Без традиционалното берење на првиот грозд веќе неколку години по ред, со уште еден вински карневал кој од дебакл годинава се спасуваше со спојување со детскиот карневал, пропратни манифестации кои добија минимална посетеност и важност, со се помал број на винарии, и концерт на Северина која го преполни градскиот плоштад во централната гроздоберска ден за разлика од нејзините колеги кои настапија ден порано, односно ден подоцна е краткиот сублимат за се она што се случуваше изминатите три дена во Кавадарци, а беше во директна корелација со она што како програма беше предвидено од организаторот.


Вообичаено и годинава почетокот на гроздоберот беше означен во градската Музеј Галерија. Отворањето на изложбата „Тиквешки гроздобери 2017“ на авторот Петре Камчевски и обраќањето на градоначалникот Александар Панов не воведоа во годинешното издание. По дегустациите на грозје и вино и перформансот Vinalia Rustica на Хаемус кои следуваа по свеченото отворање, манифестацијата продолжи во вечерните часови со концертите на Епидеми и Нокаут кои согласно своите перфектни изведби заслужија многу повеќе публика и исто толку аплаузи. Првата вечер финишираше во ресторанот „Моклиште“ каде Борис Ифтимов и Султана Малинкова беа избрани за промотори на кавадаречката младост и убавина, заслужено носејќи го приматот на вински крал и кралица на годинешниот гроздобер.


Саботниот ден започна со меморијалниот турнир во женска кошарка „Сестри Китеви“ на кој организаторот, тимот на Трокал од Кавадарци беше најуспешен во конкуренција на тимовите на Младост од Битола и КК Неготино. Турнирот во табла и годинава ги собра сите таблаџии, од 7 до 77 години, поточно од 9 до 74 години, колку што имаа најмладиот и највозрасниот учесник на годинашната таблијада. По пладневната пауза, следуваа централните гроздоберски настани, детскиот и винскиот карневал, кои споени во едно му дадоа каква таква масовност на настанот. За разлика од возрасните, децата на себе својствен начин ги привлекоа симпатиите на сите присутни, кои со аплаузи ги проследија парадирањата на јунаците од детските серии, младите лозарчиња, спортисти и останати детски херои. Неколку часовната пауза до почетокот на концертот на главната музичка ѕвезда на годинешниот гроздобер, Северина беше исполнет со музичко и огнено шоу, по што следуваше огнометот и концертот на балканската мега ѕвезда која го преполни градскиот плоштад со народ кој имаше големи проблеми да го проследи концертот од високите шатори.


Без детскиот карневал кој беше карактеристичен за последниот ден од манифестацијата, вниманието на децата им го „открадна“ најактивната општествена група во Тиквешијата, Тиквешките точакџии, кои со ревијалната тура „Моклиште 2017“ трета година по ред се вклучија во празнувањето на Тиквешкиот гроздобер 2017. Годинашното издание на манифестацијата заврши со настапите на Депеш Мод Трибјут Бенд и македонскиот диџеј Никифор.

 

<<<ФОТО>>>