Познати добитниците на Седмосептемвриските награди Печати
Напишано од Unevski on Четврток, 31 Август 2017 06:05   

 

Велка Гавровска-Лукиќ за областа здравство, Перо Бојков за архитектура и Катерина Танева за уметност, се добитници на наградата "7-ми Септември" која ја доделува Советот на општина Кавадарци. Оваа одлука со мнозинство гласови беше донесена на денешната седница. За неа гласаа десет од седумнаесет советници. Наградата се доделува по повод денот на ослободувањето на градот Кавадарци.


Како што појаснуваат од Службата за информирање на јавноста при општината, наградата се доделува на физички и правни лица како знак за придонес за градот Кавадарци, за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и други сегменти на животот, трудот и творештвото.


-Се мисли на посебен придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот, соопштуваат од Службата за информирање.


Кога станува збор за ученици и студенти, наградата се доделува за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и вон наставните активности.
Наградата се доделува за остварувања во изминатиот период од една година, како и за подолг изминат период кој претставува заокружена творечка или континуирана работна целина.


Наградата за физички и правни лица се состои од диплома и плакета.