Полицијата советува како да се заштитите од кражби во летниот период Печати
Напишано од Unevski on Четврток, 12 Јули 2018 10:43   

 

Под мотото „Заштити го својот дом“, денес полицијата во Кавадарци ја започна превентивната акција за укажување и заштита на граѓаните од кражби, и тоа во време токму кога граѓаните заминуваат на годишни одмори и подолг период нивните станови и куќи остануваат незаштитени.


Во оваа активност која ќе продолжи и во следниот период беа опфатени сите туристички агенции преку кои граѓаните реализираат туристички аранжмани, така што беа поделени едукативни флаери за граѓаните, а исто така и вработените во агенциите беа едуцирани како да им укажат на граѓаните да го заштитат својот имот кога ќе заминат на годишен одмор.


Освен превентивните мерки што треба да ги превземаат, да не чуваат дома поголема количина готови пари, накит, вредни предмети, да го доверат станот на близок роднина или сосед кој ќе внимава на него, да инсталираат алармни уреди, сензорски светилки, светла кои се палат автоматски на одреден временски интервал.

 

 


На граѓаните им беше сугерирано и она што посебно не треба да го прават, а тоа е оддавање на својот престој преку фотографии на социјалните мрежи, со што во многу им се олеснува работата на потенцијалните криминалци кога веќе знаат дека станот е слободен додека вие се сончате на некоја од песочните плажи далеку од својот дом.