Вишокот грозје и оваа година без пласман Печати
Напишано од Unevski on Вторник, 05 Јули 2011 22:24   

 

 

Експертите велат дека трпезното грозје минатите години добро се пласирало на пазарот и поради тоа треба да се размислува дел од субвенциите да се пренамени кон лозарите, кои во иднина наместо да ги ископуваат лозите, ќе се одлучат за нивно прекалемување во трпезни сорти.

И годинава ќе има вишок грозје со добар квалитет, па повторно се очекуваат проблеми со откупот и со цената. Министерството за земјоделство и годинава ветува големи субвенции за лозарите и винарниците, но и покрај тоа нема да го реши проблемот со откупот на грозјето и со пласманот на виното. Некои од бизнисмените вклучени во овој бизнис и повеќегодишните експерти во винопроизводството и лозарството велат дека треба будно да се следи пазарот и, пред сé, побарувачката и според тоа да се врши преориентација на производство што се бара.

 

Трпезното грозје е еден од производите што изминативе години добро се пласираше на пазарот по солидна цена. Оваа идеја мора да ја разгледа Министерството и дел од субвенциите да пренамени кон лозарите, кои во иднина наместо да ги ископуваат лозите поради лошата состојба со наплатата на грозјето, ќе работат на негово прекалемување во трпезни сорти.

 

- Оваа идеја може да спаси дел од лозарството, но за тоа треба поддршка од Министерството како, на пример, субвенции и обуки за калемење и одгледување трпезно грозје. Јасно е дека немаме толку голем пазар колку што имаме големо производство на грозје, па нешто мора да се смени - вели Јордан Трајков, директор на винарницата „Попова кула“.

 

Од другите винарници, пак, велат дека годинава може да се искористи евентуалниот недостиг од грозје во Германија, Чешка и во Италија.

 

- Во овие земји имаше измрзнување на дел од лозовите насади, па мислам дека ќе се појави недостиг од грозје. Исто е и во Италија, каде што градот уништи дел од лозовите полиња. Ова можеби ќе предизвика мал извоз на грозје или, пак, на наливно вино, што секако не е популарен и доволно профитабилен производ за извоз, но може да го ублажи проблемот со вишокот грозје - изјави Дане Јованов, директор во винарницата „Стоби“.

 

Во оваа винарница, иако има грозје од сопствените плантажи, планираат да откупат и дел од производството на кооперантите.

 

- Винарницата е во добра кондиција, квалитетот на годинашново производство е супер и очекуваме добра винска година - вели Јованов.

 

Лозарите деновиве се жалат дека два месеца пред новата берба голем дел од винарските визби, меѓу кои и најголемите, сé уште го немаат исплатено грозјето од 2010 година. Не се исплатени и над 2,5 милиони евра за грозјето од 2009 година. Ова создава недоверба кај лозарите, кои бараат да им се гарантира минимална откупна цена, која ќе им биде исплатена навреме.

 

Според новиот закон за вино, винарските визби требаше најдоцна до 22 јуни да го исплатат преземеното грозје од 2009 година, а до септември грозјето од минатата година. Во спротивно, годинава нема да имаат право да откупуваат. Претставниците на визбите велат дека голем дел од нив се соочуваат со финансиски проблеми и резерви од непродадено вино.

 

Автор: Жарко Василевски - Нова Македонија