„Житните полиња - Трски и топки“ на Темков од четврток пред кумановската публика Печати
Напишано од Unevski on Недела, 22 Февруари 2015 13:13   

 

На 26.02.2015 година, четврток, со почеток во 19 часот и 30 минути во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ - Куманово ќе биде отворена изложба на слики на академскиот уметник Владимир Темков. Изложбата се реализира во соработка со Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ - Кавадарци.

 

Владимир Темков е роден 1959 год. во Кавадарци. Завршил Педагошка академија и Факултет за ликовна уметност во Скопје, отсек графика.


Член е на ДЛУМ од 2001 год. Реализирал околу 60-тина самостојни изложби во Македонија, Хрватска, Бугарија, Франција, САД ( Њујорк 2013), Турција како и учество на стотина групни изложби и проекти. Учествувал во работата на преку 40 ликовни колонии кои се одржувале во Македонија и регионот. Има учествувано и на повеќе меѓународни конференции како и студиски претстој во Париз - Франција во 2011 год. Во текот на 2015 год. реализираше две самостојни изложби во Кавадарци и Скопје.


Делата на Темков се обележани со мотиви од богатиот растителен свет и птиците. Како автор кој потекнува од Тиквешијата, неговото творештво се карактеризира со богат колорит. За неговото авторство ќе биде запишано:
“ ... Кон ликовните дела на Владимир Темков
Доминантен израз и фактура на ликовните дела од Владимир Темков се колоритните трски и огнените топки. Како редок и несекојдневен спој на живото и неживото, на кревкото и трајното, на вертикалното, тенкото и исправеното и легнатото, тркалезното и хоризонталното. Владимир Темков во своите слики како да сака да ги соочува и смирува спротивностите, всушност, тој најмногу инсистира на тоа. Во контрастот на мртвата и живата природа, тука се и заоблените, елиптични форми, од чии јарки бои најчесто проличуваат птици - разнобојни, молчаливи, разлетани, разгракани... И тие се во судир со светот околу себе, со реалноста, па час се на небото а час се на земјата, час летаат и прелетуваат, а час стојат неподвижно и статираат. Впрочем, како и луѓето.


Во клуновите на птиците е нивниот молк, нивниот немушт јазик и нивните (не)изговорени зборови, нивните очекувања и намери, а во крилјата е воздухот преде летот, средбите на птиците една спроти друга и глава пред глава и глава со глава...


Птиците (про)излегуваат од речиси секое ликовно дело на Владимир Темков. Геометриски омеѓени, означени, прикажани - тие ја доловуваат и создаваат динамиката и живоста на сликата, но го искажуваат и внатрешниот бунт и творечкиот немир на авторот. Главни ликови и протагонисти се птиците. Но, тука се и, како што веќе посочивме, и трските и топките кои почнуваат да добиваат и други облици, па наликуваат и на птичји јајца. Јајцата се нуклеуси, јадра, зародиш на животот, се! Во нив е содржана сета тајновитост и имагинација. Но, тука е и житото и неговиот плод. Зрната на мудроста, есенцијалноста, Вселената, планетарноста, реалитетот наспроти Бескрајот.


Во тој невиден и катадневен антагонизам, циркулира енергијата, доаѓа до израз контемплацијата и синергијата, се будат емоции и чувства, пориви и страсти, загатки и дилеми, засенчувања и избледнувања, пунктирања и потенцирања, форматирања и колоризирања...


Животот е мочуриште, бара, со тиња и кал, но и со жив свет, младост и радост, колку и да е сето тоа прикриено и притивнато, но овде-онде проблеснува и заискрува, откривајќи и потврдувајќи еден автентичен, специфичен, бележит, ангажиран и стамен автор !
Скопје, 29.11.2014 година Проф.д-р Христо Петрески...“

По повод јубилејот 30 години творештво на Владимир Темков во 2013 год. издадена е и монографија посветена на овој автор којашто беше проект финансиски подржан од Министерството за култура, локалната самоуправа Кавадарци и Домот на културата.

Паралелно со работата како директор на Домот на културата “Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, Темков е и неуморен автор, кој зад себе има илјадници создадени слики што публиката ги прима и ги сака уште на прв поглед. За своето творештво Владимир Темков ќе рече: “Уметноста има свои особености и во споредба со науката, таа го репродуцира животот. Повеќегодишното испитување на цртежот како ликовна дисциплина, ме доведе до сознание дека е неисцрплива можноста за создавање на најразлични композиции. Бојата како ликовно средство ја користам за да ја изразам разликата на интензитетот на линијата...“.


Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 12 март 2015 год..