Интервју со Александар Ѓорчев - DJ Brko Печати

 

Иако смени неколку имиња, сепак на крајот прифати дека нема шанси да избега од своето семејно „наследство“, па веќе добри пет години редовно, речиси секој викенд Александар Ѓорчев го препознаваме како DJ Brko. Градското дете на кое љубовта кон хип-хоп музиката му ја всади Благој Таневски - Индијанецот денес за жал е еден од последните градски диџеи од помладата генерација, а токму тоа беше и една од причините за интервјуто во кое се споменати и бројни личности кои во последните 20 години се поврзани со ноќниот живот во градот и хип-хоп музиката.


www.kavadar4e.com: На самиот почеток, би сакале да ни раскажеш како влезе во светот на музиката?

 

DJ Brko: Музика слушам од секогаш, од кога знам за себе. Рап музика почнав да слушам од мои 11-12 години, некое петто-шестто одделение, кога на сцената се појавија САФ. Тогаш сеуште имаше касети, а едно од ретките места каде што можеше да се сними музика на цд беше Пано Астор, каде што патем бевме редовни клиенти. Во тоа време беа актуелни и Еминем и Доктор Дре, кои исто така се „виновни“ да се заљубам во рапот. Потоа следуваа средношколските денови во кои тренирав нинџитсу, а тренер ми беше Блажо Таневски или како што сите ние го знаеме Блажо Индијанецот. Тој толку многу ми ја всади рап музиката во главата, и мислам да не беше тој никогаш немаше да го засакам рапот. Во тој период рап се слушаше во секое време од денот, на тренинзите, но и во ноќниот клуб „Еми“ каде што тој беше диџеј. Тука некаде се и моите почетоци во диџејството. Блажо ја препозна мојата музикалност и заедно со Атанас Таневски почна да не зема на неговите настапи и да ни дава можност во последниот половина час да пуштаме музика. Тоа нему не му значеше ништо, но за мене, за дете на тогаш некои 15 години да пушта музика во тогаш најдобриот ноќен клуб во Кавадарци значеше и повеќе од многу. Дружењето продолжи и во дискотека К7 во која често организиравме хип-хоп забави на кои настапувавме заедно, но и одделно. Ова дружење остана се до затворањето на дискотеката К7, кое некако се поклопи со моето заминување на факултет, па направив пауза од добри 3-4 години. По враќањето во Кавадарци, седејќи во Пикасо кое тогаш го менаџираа Зоки Коцев, Тимче Маџунков и Даниел Ванков - Даркимен, случајно, добив предлог од Даркимен да правиме хип хоп забава. Се сложив веднаш, но неочекував дека ќе има толку многу народ. Но, кога отидов во Пикасо имаше премногу народ кој се забавуваше и од тогаш па еве веќе добри четири и пол години редовно пуштам музика.


www.kavadar4e.com: Смени неколку имиња, но кога во Кавадарци ќе ти стават некое име, поготово ако е фамилијарно, тешко дека ќе избегаш од него?


DJ Brko: Никако нема да избегаш од него. Во почетоците кога настапувавме заедно со Благој Таневски почнав како DJ B-Boy, додека Атанас Таневски или ако повеќе сакате Маџо беше Dj Indi X Junior. Потоа бев DJ One Two, па DJ Aladin во времето кога Александрија ја работеа Никето и Славе Липтови, но секогаш во заграда стоеше DJ Brko, затоа што сите ме препознаваат така.


www.kavadar4e.com: Денес си еден од ретките кои што е активен на кавадаречката сцена речиси секој викенд по кафетерии и дискотеки, па можеби си еден од најрелевантните кој може да даде оценка за ноќниот живот во градот.


DJ Brko: Ноќниот живот во Кавадарци ми се допаѓал од секогаш, иако мислам дека во последните две три години премногу се форсира турбо фолк музика, па народот некако се навлекува на таков вид забави. Има добри дискотеки, Експрес кафе секој петок и сабота нуди добри и познати диџеи и добра забава. Тука исто така е и Стрит бар каде што редовно настапувам, но и каде што исто така се носат квалитетни диџеи. Иако никогаш не сум пуштал музика во Паб Блу тоа е одлично место во кое секогаш се слуша квалитетна музика, се правеа одлични рок свирки, и навистина го почитувам нивниот стил. Бар 37 сега исто така прават рок свирки во кои често настапуваат градски деца како Пере Манчев, Горан Ризов, Ване Коцев... Сепак, во последните години народот едноставно е „заразен“ со турбофолк, па и не му е многу до диџеи независно дали се пушта електронска или хип хоп музика. Најверојатно повеќе сакаат да ја слушаат Сања Барбика и слични на неа „атрактивни“ пеачки. И покрај тоа, сеуште ноќниот живот во Кавадарци за мене е на задоволително ниво. Сум бил по многу, многу градови низ земјата, и на настапи и како гостин, но е многу послабо од тука.


www.kavadar4e.com: Накратко спомена дека често настапуваш настрана и даде мала споредба, но не интересира како е на твоите настапи надвор од Кавадарци.


DJ Brko: Да, често настапувам во други градови. Имам настапувано во Кичево, Велес, Тетово, Неготино, Демир Капија, и секогаш е добро. оалп не секаде ја има истата енергија, најчесто поради тоа што не им се нуди овој тип на музика. За разлика, во Скопје атмосферата е поинаква на секоја хип хоп забава, таму навистина има одлична публика која знае што сака, и секогаш е предизвик да се биде дел од такви забави. Ние сме многу блиску до тоа ниво, затоа што Кавадарци во последните гоидни е честа дестинација на најдобрите македонски хип-хоп диџеи, иако еден период од две-три години во градот беше вистинска реткост да има хип-хоп забава. Од кога почнав јас да пуштам музика, во градот повторно почнаа да доаѓаат многу хип-хоп диџеи, па сега редовно ги слушаме Оки-Доки, Чваре, Славе, Гоце Саф и народот полека полека повторно се враќа на оваа музика.

 

 

www.kavadar4e.com: Но, Кавадарци има голем проблем кога во прашање се младите кои се занимаваат со музика, не само во хип-хопот, туку и во другите музички правци.


DJ Brko: Тоа е точно. Јас мислам дека тоа е поради што сме град со народ кој има чуден менталитет. Кај нас на пример кога некој ќе предложи ајде да одиме на настап на некој кој е од Кавадарци, веднаш има некој кој е против, и реакции во стилот „де бе ајде него ќе го слушам“. Но, да дојде некој друг од страна, кој не значи дека ќе биде поквалитетен од нас, сите ќе речат подобро да одиме таму, отколку на настапот на нашите музичари. Тоа е менталитет од кој страдаат сите во градот. Кавадарци има страшно добри диџеи како Freak, Lako, Lucky, Buli кои пуштаат музика по 10-15 години и сеуште ја немаат почитта која би требало да ја имаат и тоа често ме иритира. Дополнително, голем дел од народот знае да оцени што е добра музика, и да ги критикува сите оние кои што доаѓаат од страна, а се многу полоши од нашите артисти, но сепак не сакаат да признаат дека и ние имаме квалитет. За жал тоа дефинитивно се одразува, па веќе подолг период немаме ново име на сцената. Од помладата генерација беа Диме Ѓорчев кој најверојатно поради тоа што не е во градот престана да пушта музика, и единствен кој сеуште работи иако не е толку експониран на сцената е DJ Branezz. За жал ситуацијата е уште полоша во рок и поп музиката, во кои оддамна нема нови лица.


www.kavadar4e.com: Се сведува на тоа дека се смени народот или патем низ годините се изгуби цела култура. Во осумдесетите и деведесетите Кавадарци беше рок центар во Македонија, првите години од новиот милениум поминаа во знакот на хип-хоп музиката, па не ретко во кафетериите се пуштаа песни исклучиво од наши, локални дечки, а сега имаме само еден хип-хоп диџеј.


DJ Brko: Се сеќавам на времето кога Блажо пушташе музика во Еми идеа многу, многу луѓе од страна. Во тој период дојде во Кавадарци Едо Мајка, дојде неговиот диџеј Оли Доболи, Панчо од ДНК кој тогаш уште беше андерграунд диџеј и многу подобар од сега, потоа Гоце Саф.... Имаше многу, многу заинтересираност за рап музиката, па често Блажо Индијанецот пушташе инструменталки и се „маваше“ фристајл. Имаше неколку дечки кои често го земаа микрофонот во раце на тие забави, на пример Били Ѕвер, Жетвар, АС... Ги памтам тие времиња кои беа многу добри и навистина ми фалат. Потоа во К7 се пушташе музиката на Били Ѕвер, Даркимен, Т-Бојс, Жетвар, Тики, Зоки, секогаш одлични настапи имаше Филип Позитив, кои беа тогаш доста актуелни и во тој период сите зборуваа за нив, за нивната музика, а никој не зборуваше каде ќе биде Барбика вечер или каде има свирка.


www.kavadar4e.com: Генерациски се наоѓаш помеѓу оние последни кои заминуваат од ноќниот живот и оние новите кои допрва почнуваат да излегуваат. Како ти го гледаш Кавадарци и ноќниот живот во следните пет-десет години?


DJ Brko: Ако продолже да се пласира турбофолк музиката по радиата и телевизиите нема да биде на добро. Сега кога и да пуштиш телевизор секаде има или Гранд или Пинк ѕвезди и на народот едноставно му се наметнува тоа. Слабо се нудат други видови на музика, што резултира во градот и да немаме рок музика, освен она што го прават Перо и Пикси или Епидеми. Ги имаме и Smoke Shakers кои навистина беа добри, но за жал и тие престанаа да свират. Ќе потвторам уште еднаш, ако продолжи се како што е сега, ќе биде навистина лошо и ќе има само кафани и клубовите и дискотеките ќе се затворат.


www.kavadar4e.com: Ти си дел од оние последни генерации кои ги паметат оние кафиќи кои работеа само петок, сабота и недела. Сега веќе го немаме тоа, имаме само кафетерии кои за викендите функционираат како кафичи, и голем дел на ресторани кои што организират забави. Влијае ли тоа не само на музиката, туку и на промоцијата на нови дечки во градот, затоа што очигледно никој не сака да им отстапи простор на младите кои се занимаваат со музика.


DJ Brko: Секако. Имам чуство дека во тој период на газдите не им беше се до парите, за разлика од денес кога сите најпрво го гледаат интерес, ги интересираат само парите и профитот, и токму затоа често се викаат турбофолкери. Порано имаше некоја поголема доверба во нашите млади, па затоа во тој период се создаваа голем број на имиња од кои голем дел сеуште се актуелни и работат. Паметам кога Блажо мене ми даваше шанса да пуштам музика на неговите настапи никој немаше негативен коментар, затоа што Блажо често викаше дека некогаш тој ќе мора да ја напушти сцената и да остави свои наследници. За жал, се помалку луѓе го сваќаат сето тоа, и денес да се направи нешто такво е буквално незамисливо.


www.kavadar4e.com: Би го пренесил ли своето знаење на помлади дечки?

 

Да и тоа го правам веќе подолг период. За жал, некако ја немаат таа енергија, љубов, и се се сведува само да се биде блиску до диџејот, да се стое до него, да се направи селфи и да се биде виден, отколку да се види и научи нешто ново.


www.kavadar4e.com: За крај, каде се гледаш себеси во наредните пет години?

 

DJ Brko: Дефинитивно зад микс пултот. Тоа е местото каде што уживам и навистина ме прави среќен.