Интервју со Mile Onyx Печати

 

Иновативен, креативен, оригинален, со хипер техника и дисциплина во свирењето, Миле Оникс секојдневно открива нови димензии во музиката кои едноставно воодушевуваат. Последниот егземплар за неговата виртуозност е албумот „Rock Around The Clock“ кој прераснува во вистинска сензација на интернет мрежата со низа на позитивни критики. Сакајќи да влеземе во возбудливото „рок патување околу часовникот“, решивме да поразговараме со Миле Оникс кој некако ненаметливо целосно не внесе во неговиот свет.


www.kavadar4e.com: На самиот почеток, да позборуваме околу идеата, инспирацијата, мотивот за „Rock Around The Clock“...


Mile Onyx: Основната цел на музиката и на звукот е да пренесе порака, да долови емоции, да раскаже приказна. Идеата на албумoт „Rock Around The Clock” е да ја пренесе веќе кажаната порака и кодирана магија на еден сосема нов начин, видена и презентирана од аголот на кој што јас ги доживувам нештата. Мојот стремеж е да создадам музички јазик говорејќи со многу емоции што ќе буди страст кај слушателите.


www.kavadar4e.com: Еден од првите впечатоци кога се преслушува албумот е подготовката, аранжманот и интерпретацијата на секоја од осумте рок класици кои добиваат една сосема нова димензија.


Mile Onyx: Големото влијание на музиката од епохата на ренесансата, преку џез и блуз музиката па се до современата музика е присутно во секоја од овие осум композиции. Интересно за „Rock Around The Clock” е тоа што самиот звук е трансформиран. Rock’ n Roll музиката има тврд и агресивен звук, а со самото тоа што се направени аражмани за класична гитара се добива една нова слика претставувајки ја современата музика на еден уникатен, нов и интересен начин. 

 


www.kavadar4e.com: При творењето на секое ново дело се открива дел од себе, од своите можности, од можностите на инструментот. Што е она што ти го доби од ова необично „патување“?


Mile Onyx: Создавањето на овој проект „Rock Around The Clock” е уникатно патување. Повторното откривање на внатрешната органичност на секоја од обработените композиции потврди две работи: силата на рокенрол музиката и неограничените можности на наизглед едноставнито инструмент – гитарата. Обработките на рокенрол композициите за класична гитара, всушност, го претвораат инструментот во цел бенд овозможувајќи и да ја раскаже приказната одново на свој уникатен и софистициран начин.

 


www.kavadar4e.com: Целиот албум или подобро речено секоја песна од истиот си доби и свој видео запис кој пополека станува вистински хит на интернет мрежата. Како ти го доживуваш сето ова?


Mile Onyx: Овие видеа претставуваат едно визуелно презентирање на мојот внатрешен емотивен свет, како и професионалниот креативен процес на создавање на оваа музика. Најавувам презентирање на вкупниот нотен материјал на компзициите, заедно со аудио снимки, како музички комплет кој ќе може да биде слушан, гледан, но и свирен од секој љубител на оваа музика.

 


www.kavadar4e.com: Сосема за крај на ова кратко интервју, музиката е твојот живот, животот ти е музиката... Како се создава целата таа хармонија што ни ги дава овие маестрални дела?


Mile Onyx: Музиката е мојот живот, јас свирам, аранжирам и компонирам секој ден. Секое дело е резултат на долг процес на работа, посветеност, проучување. Секоја композиција настанува преку креативна потрага, секое дело изобилува со мојот внатрешен свет кое носи различно расположение, бои и емоции. Барајки инспирација во природата, уметноста, луѓето и патувањето се обидувам да го претставам на најдобар можен начин она што го доживувам, да насликам уметничко дело преку музиката, да создадам скулптура од звук, да напишам поезија од ноти. Сакам да ја изразувам убавината, хармонијата и духот на денешнината. Моето срце е целосно отворено кон уметноста. Јас уживам да создавам и свирам музика.