10 години Pub Blue. По нешто повеќе од два месеци по големата роденденска журка на кавадаречкиот бренд за дневна и ноќна шема која оддекна низ целата Македонија, конечно седнавме со Дано Белевски, еден од сопствениците на локалот, да позборуваме за се она што му претходеше на роденденот, за очекувањата, за настанот но и за теми кои се актуелни во кавадаречкото општество, пред се за младите, но и за оние кои го водат градот.
www.kavadar4e.com: 10 години Pub Blue. Да почнеме од одпочеток, односно да позборуваме за се она што се случуваше пред тој сега веќе фамозен 20ти февруари?
Дано Белевски: Фамозниот 20ти февруари излезе случајно. Не знам колку народот знае, но вистинскиот роденден на Pub Blue е на 14ти февруари, но поради моето неприсуство бидејќи бевме со Дамјан Пејчиноски во Белград на Гитар Арт Експо, решивме роденденот само физички да го преместиме на 20ти.
www.kavadar4e.com: Нешто повеќе од 12 часа Pub Blue беше преполно?
Дано Белевски: Дефинитвно повеќе од 12 часа.
www.kavadar4e.com: Колку од она што ти го имаше во главата како идеја, она што ти го очекуваше се оствари?
Дано Белевски: Се случи токму она што го замислував. Сите што беа поканети од страна на музичарите ја прифанаа поканата и тоа од прва и имавме повеќе од 12 часа високо адреналинска забава, со многу рокенрол.
www.kavadar4e.com: Pub Blue е најстариот локал во Кавадарци.
Дано Белевски: Да, од постоечките кафетерии Pub Blue е најстариот локал кој сеуште егзистира.
www.kavadar4e.com: Најголем дел од коментарите за и по роденденот беа дека треба многу почесто да се случуваат вакви настани во Кавадарци. Ќе очекуваме ли ваква забава во текот на годината, ќе го чекаме ли наредниот роденден или ќе ја чекаме 15ката.
Дано Белевски: Минимум 15ка или дај боже на 20ката. Одгодина ова ќе биде веќе видено, ќе биде исто и нема да биде тоа тоа, иако може за народот ќе биде забавно, но ова е исто така и голема организација и кошта многу. Сепак и да го занемариме финансискиот момент не би се решиле да го правиме ова толку често, затоа што за нешто да биде убаво треба да се случува поретко... Значи роденденот на Pub Blue беше толку убаво нешто затоа што не е видено вакво нешто до сега.
www.kavadar4e.com: На роденденот настапија 15 бендови. Тоа е еднакво на рок концерт, иако се сомневам дека во последно време на македонските рок концерти има толку бендови.
Дано Белевски: Со чиста совест роденденот на Блу можеме да го окарактеризираме како кавадаречки Вудсток, Вудсток во мало. Јас правев муабет и со музичарите што се на сцената доста време, пример Ѓоко Танески е 15 години на сцената и они не памтат дека во Македонија се случило вакво нешто организирано надвор од рамките на Општината и Дом на културата, 15 бендови, луѓе од страна ...
www.kavadar4e.com: Од каде се имаше посетители?
Дано Белевски: Од Гостивар, Скопје, Прилеп, Битола, Кочани, Гевгелија, Берово, Виница, Каменица, Неготино и секако од Кавадарци.
www.kavadar4e.com: Голем успех во целата таа гужва е и тоа што целиот настан помина перфектно без никаков најмал инцидент?
Дано Белевски: Фала Богу, да чукниме во дрво, не се случи ништо такво.
www.kavadar4e.com: Никогаш не се случило такво нешто на рок сврика?
Дано Белевски: Во право си, обично такв работи се случуваат на лоша музика. Лоша музика не можеме да речеме дека некоја музика е лоша, за некого рокот, џезот, блузот се лоша музика. Всушност, не можиме да кажиме дека тоа е лоша музика затоа што ние сме 5,10 посто кои слушат рок музика, а другите 90 посто слушаат фолк. Значи изгледа не е проблемот во нив, туку проблемот е во нас, во мене и таквите како мене.
www.kavadar4e.com: Би го окарактеризирал ли роденденот на Pub Blue како еден вид роденден на многуте генерации кои пораснаа тука?
Дано Белевски: Дефинитивно да. Значи роденденот беше повод за една ретроспектива на сите настани, случувања на тие луѓе што пораснаа тука, што започнаа да излеват од тука, и што можат сега да не споредуват со многу други локали. Знаеш како, на почетокот они кога идат тука сонуват Скопје вака, нака а кога ќе отидат таму сваќат дека и тоа не е баш така, дека ние се рамниме со Скопје, освен што не се рамниме во цените, а тоа е добро. Може, не може туку сигурен сум дека ни сме од голем дел од скопските кафетерии подобри во сите сегменти. Секоја чест, таму има страшно добри кафетерии, ама од многуте трендовски кафетерии ги јадиме во секој поглед и во инвентар, во персонал...
www.kavadar4e.com: За тие што не беа на роденденот?
Дано Белевски: За тие што не беа на роденденот од било какви причини може да ги погледнат сликите. Исто така имам селекција на неколку посериозни слики кои се во фаза на урамување и ќе бидат поставени во Блу. Исто така се подготвува и филм за се она што се случуваше пред и по роденденот.
www.kavadar4e.com: Како би изгледал Pub Blue за 20 годинишнината?
Дано Белевски: Здрави и живи до тогаш, ама би требало да остане вака исто, со вметнување некои мали додатоци. Целта ни е да го избегниме тоа реновирање што е тренд во Македонија, не затоа што не сакаме да реновираме, туку затоа што мислам дека го постигнавме она што го сакавме, да личиме на паб. Јасно дека ќе има минијатурни промени, ама пак да биде во тој стил т.е. никогаш да не дојде до овој нов тренд со алуминиум, туку пак да остане со цигла, дрвенарија и што подолго да остане во тој стил. Тоа е всушност целта на пабовите, што постаро толку подобро, и поквалитетно. Значи не е до реновирањето, дека ако смениме маси, столови народот ќе дојде, не верувам во тоа. Пабот треба да има топлина, и луѓето да не идат заради столчето оти е од 100 евра, туку многу други работи, дали поради музиката, поради персоналот, дали поради самата атмосфера внатре во самиот паб.
www.kavadar4e.com: Пред година и пол кога го правевме нашето прво интервју доста зборувавме за фејсбук вирусот. Дали сеуште фејсбукот е закана за социјализацијата на денешната младина?
Дано Белевски: Се се смени кога излезе фејсбукот, ерата на компјутерите зема голем замав. Можеби пред година и пол го обвинувавме фејсбукот, но изгледа глобалната компјутеризација на целото општеството е таа која ги промени работите. Се сменија начините на гледањето на животот, се сменија многу работи и тоа пред се затоа што компјутерите и интернетот станаа достапни речиси за секого. Како и да е „социјализацијата“ т.е. антисоцијализацијата продолжува, другарувањето со некои виртуелни пријатели продолжува. Тешко дека работите ќе се сменат на подобро, затоа што работите одат на лошо?
www.kavadar4e.com: Не си оптимист?
Дано Белевски: Не сум оптимист, јас сум голем скептик во тој поглед, но може и овој начин на живот ќе донесе добри работи, ама тоа ќе му го оставиме на светски признатите научници, аналитичари да го утврдуват тоа каде оди човештвото.
www.kavadar4e.com: Значи ли тоа дека кавадаречката денска и ноќна шема уште паѓа?
Дано Белевски: Да, да и не знам до каде ќе оди ова. Веќе одамна ги немаме четврток и недела како денови за излегување, а од викенд до викенд и петок станува се послаб и послаб.
www.kavadar4e.com: Факт е дека маалските кафани ги заменија кафетериите?
Дано Белевски: Тоа е веќе голем проблем. Во нечисти локали, со сомнителни кујни се готви и служи храна, се точи алкохол на малолетници кои никој не ги контролира... Toa е страшно. Малолетниците кои ние не ги пуштаме влегуваат слободно во кафаните каде им точат кој знае каква ракија од 10 денари, и со 50 денари се веќе пијани. Ваква каква што е ситуацијата во која малолетниците се буквално избркани од кафетериите е многу лоша. Тие повторно излегуваат но завршуваат по маалски кафани или паркови каде никој не ги следи нивните постапки.
www.kavadar4e.com: Денес Pub Blue функционира како вистински паб. Колку воведувањето на храната беше добра идеа?
Дано Белевски: Идеа се покажа како одлична. Јас сум задоволен од тоа како народот го прифати тоа. Со тоа локалот доби друг правец во угостителството, малку посериозно затоа што има храна што значи има некои повисоки стандарди. Сега мораш да внимаваш на квалитетот на храната, на свежината на продуктите кои се користат, бидејќи сакаме на нашите гости да им пружиме вистинско уживање. Мислам дека му требаше ова на градот, му требаше паб во вистинската смисла на зборот, затоа што до сега младите одеа во ресторани каде одат и нивните родители и роднини.
www.kavadar4e.com: Што можеме да очекуваме понатму во овој дел, можеби некој специјалтет на пабот?
Дано Белевски: Пааа можеби, но понатаму
www.kavadar4e.com: Роденденот на Pub Blue покажа дека во Кавадарци сеуште има доста љубители на рок музиката. Мислиш ли дека тоа треба да ги подзамисли луѓето кои го водат градот за преземање на некакви активности, како на пример враќање на Кавадарци Рок Фест?
Дано Белевски: Не мора да е рок фест, нека биде и во модерната музика, нека биде електронска музика. Ама да не биде само како журка, туку и да има натпреварувачки карактер. Во секој случај ќе биде позитивно за нашиот град.
www.kavadar4e.com: Би го сместил тоа во временски период близок до Гроздоберот или тоа би бил некој друг датум од годината за да се раздвижи градот, особено во зима кога е премногу мртов?
Дано Белевски: Во зимо да, градот е мртов, но имаме проблем со локација каде би се организирал таков настан. Немаме голем простор а плус тоа и трошоците во зима се поголеми, треба затоплување и слично. Друго е летно време, настан на отворено, а ќе се избегнат и последиците кои ги носи законот за пушење...
www.kavadar4e.com: Вие сте секој ден опкружени со млади и реално ги знаете нивните проблеми. Па кои се потребите на младите во Кавадарци?
Дано Белевски: Пред се немаме базен, немаме младински културен центар, немаме кино, Домот на културата е речиси затворен за младите. Значи немаме ништо. Не знам каде се оди во таа насока, но верувам во лидерите на градот, но ќе им порачам да посветат повеќе внимание на овој проблем за што побрзо да биде решен.
www.kavadar4e.com: А каква е состојбата со културата?
Дано Белевски: Во споредба со лани кога бевме град на културата сега немаме ни 60 проценти од тоа што го видовме до овој период. Јасно е дека минатата година имаше пари за подржување на такви настани, сега и финансиите се на минимум...
www.kavadar4e.com: Да но колку од тие настани беа квалитетни?
Дано Белевски: Па имаше доста квалитетни настани, не можеме да речеме дека немаше. Јасно е дека имаше и многу настани кои се под просечното но кога се прави толку голема организација големи се шансите да се направи грешка некаде, но сепак мислам дека тоа е незанемарливо.
www.kavadar4e.com: Погоре во прашањата го споменавме Тиквешкиот гроздобер. Едно од најчесто поставуваните идеи се дека во тие три дена сите локали треба да слушат само вино. Би ја поддржал ли ти оваа замисла?
Дано Белевски: Би ја поддржил, ама не можиме на тој начин да го правиме тој гроздобер. Имаме и други продукти од грозје: ракија, коњакот е од грозје, но не е брендиран од нас, вињак... Ние како вински регион треба да промовираме грозје и продукти произведени од грозје, не само вино. Мислам дека е проблем тоа што ние на винскиот карневал го промовираме виното а ставаме цени страшни како да го пиеш на брод од една милјарда евра. Цената на шише вино зависи од многу фактори пред се каде го пиеш, во каква чаша го пиеш и кој ти го служи. Значи виното тука добива на цена, не поради тоа што е тешко за производство, туку затоа што виното е доведено на начин како да е тоа една голема приказна за да уживаш во него. Не може ние го служиме надвор, може да заврне, во пластична чашка и пак да ставаме високи цени... Е па не може. Виното е култура и приказна и не смееме да се однесуваме така.
www.kavadar4e.com: Нешто за крај?
Дано Белевски: Многу сакам Гроздоберот да заживее, затоа што мислам дека нашиот град го заслужува тоа. Сакам ова интервју доколку биде прочитано од некој од луѓето кои го водат градот да размислат малку за ова поради доброто на градот.
|