Ѓоковиќ ја искажа својата почит кон Македонија, фановите и Тоше PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Сабота, 02 Февруари 2013 14:09   

 

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека сака да ја посети Македонија и да ја запее „Зајди, зајди“,посочувајќи дека трагично починатата музичка ѕвезда Тоше Проевски е легенда. Ѓоковиќ сето ова го кажал за дописникот на МИА, по прес-конференцијата од мечот во Дејвис-купот против Белгиецот, Оливие Рохус.


„Сакам да ја посетам Македонија и да се сретнам со моите поддржувачи во оваа земја. За жал, згуснатиот распоред на светските турнири ме оневозможува во тоа. Но, сигурно ќе дојдам наскоро, а можно е тоа да го сториме со репрезентацијата на Србија, зошто да не? Следам на социјалните мрежи дека имам голем број на поддржувачи од Македонија, за што неизмерно им благодарам“, изјавил Ѓоковиќ.


Српската тениска ѕвезда призна дека најмногу го цени Тоше Проевски, музичката ѕвезда која трагично загина во сообраќајна несреќа


„Го знам и најмногу го ценам Тоше Проески! Тоа што Тоше го направи е историско. Тој е легенда, која за жал не е повеќе меѓу нас, но неговите песни траат, неговата музика масовно се слуша. Тоше е фантастичен“, додаде Ѓоковиќ.


Популарниот Ноле на крајот испрати порака до Македонија. „На македонскиот народ му посакувам се најдобро и се надевам дека ќе се видиме, да се дружиме и да ја запееме „Зајди, зајди“, рече Ѓоковиќ.


Српската тениска ѕвезда пред шест месеци изјави дека Македонија е земја со долга историја и култура и дека сака да ја посети земјава.


„Јас ја сакам Македонија, но досега не сум имал шанса да ја посетам. Ја знам како земја со долга култура и традиција и сигурен сум дека наскоро ќе имам шанса да се сретнам со фановите од оваа земја“, рече тогаш Ѓоковиќ.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov