Кадија нов тренер, Мекинтош, Калхун и Вучуровиќ нови засилувања PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Петок, 11 Јануари 2013 02:48   

 

Медиумскиот молк кој го практикува кошаркарскиот клуб Фени Индустри во последниот период остави голем простор за медиумски шпекулации и нагодувања, особено во овој „жежок“ зимски период, во кој македонскиот вицешампион остана без тренер, но и неколку играчи, по што многумина стравуваа и за судбината на кавадаречкиот кошаркарски клуб.


Но, последните вести кои пристигнаа доцна попладнето од луѓе блиски до управата на Фени Индустри на голема радост на кавадаречката спортска јавност се позитивни, и ја враќаат надежта дека и оваа пролет во Јасмин ќе се играат натпревари за титула.


Педесет и едно годишниот црногорски стратег Миодраг Кадија е новиот предводник на Фени Индустри и е првото од четирите засилувања кои се очекуваат да пристигнат во Кавадарци во текот на неделата. Тренерот кој кавадаречката кошаркарска јавност добро го познава од дуелите со Струмица од пред пет години најверојатно ќе пристигне веќе утре, со што и би се официјализирал неговиот трансфер во Фени.


А ако Кадија е засилувањето на клупата, тогаш американскиот тандем Кори Мекинтош и Каран Калхун заедно со последниот новајлија, Никола Вучуровиќ ќе бидат новата енергија на теренот.


Довчерашниот играч на француски Тулон, Кори Мекинтош е првиот од тројцата играчи кој се договори со кавадаречкиот тим. Статистиката зад неговото име (14,5 поени по натпревар, 5,4 асистенции и 3,3 скокови) ветува дека американецот ќе биде силна поддршка за капитенот Самарџиев на плејмејкерската позиција, додека 215 центиметри високиот Калхун треба да биде дополнителна поддршка под обрачите. Никола Вучуровиќ е последното странско име кое оваа зима ќе допатува во Кавадарци. Се очекува Вучуровиќ да нема проблеми при адаптацијата на македонската кошарка, затоа што веќе има искуство во дресот на МЗТ Скопје. Претходно, триесет и три годишниот крилен центар има играно и за тимовите на Улцињ, Могрен, Брест и Босна.


Со тројцата нови играчи, и со Бојан Трајковски кој и официјално потврди дека нема да замине од Кавадарци, Фени со сигурност има конкурентен тим кој би се борел за титулата во двете натпреварувања, првенството и купот.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov