20 интересни факти од ЕУРО 2012 PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Среда, 04 Јули 2012 15:12   

 

Статистиката во фудбалот не игра некоја преголема улога, но понегош бројките знаат да бидат интересни. Во продолжение ви ги претставуваме најинтересните 20 статистички податоци од изминатото Европско првенство во фудбал, кое се одржа во Полска и Украина.


1. На ниту едно првенство досега немало толку многу голови со глава како на Еуро 2012. Од вкупно постигнати 76 голови, дурии 22 биле постигнати со глава или 29%.

 

2. Победата на Шпанија од 4-0 во финалето против Италија е најголемата победа на финалните натпревари во историјата на Европските и Светските првенства.

 

3. Андрес Иниеста имаше најмногу удари (11) кон противничкиот гол во историјата на Европските првенства без да постигне гол.

 

4. Кристијано Роналдо ја погоди рамката од голот дури четири пати на Еуро 2012, што е повеќе од било кој друг фудбалер во историјата и доколку се сметаат два или повеќе турнири. Португалецот имаше и најмногу удари надвор од рамките на голот на противникот, дури 20, што е за осум удари повеќе од второпласираниот Балотели.

 

5. Кристијано Роналдо има упатено дури 70 удари кон противничкиот гол надвор од шеснаесетникот на големите натпреварувања, и притоа не постигнал ниту еден гол.

 

6. Италија упати дури 36 обиди кон голот на Англија во четвртфиналето. Ниту една репрезентација во историјата на Европските првенства нема упатено толку удари кон противничкиот гол без реализација.

 

7. Поседот на топката од 75,9% на Шпанија против Република Ирска е најголем досега во историјата на Европските првенства откако се игра во постоечкиот формат од 1980 година. На овој ист натпревар Шпанија го сруши рекордот и на најмногу прецизни додавања 788 од 860 обиди. Чави исто така го сруши индивидуалниот рекорд од 127 додавања на еден натпревар од 136 обиди.

 

8. Икер Касилјас го израмни рекордот на Едвин ван дер Сар по бројот на натпревари без примен гол (девет натпревари). Тој исто така стана единствениот играч кој забележал 100 победи во репрезентативниот дрес.

 

9. Висенте дел Боске е единствениот тренер во светот кој има освоено Светско првенство, Европско првенство и Лига на шампиони.

 

10. Откако доби два жолти картони на Еуро 2012, Јоргос Карагунис сега има вкупно осум жолти картони на вкупно 10 натпревари.

 

11. Кристијано Роналдо, Златан Ибрахимовиќ и Хелдер Постига им се приклучија на Нуно Гомеш, Тиери Анри, Владимир Шмицер и Јирген Клинсман како фудбалери кои постигнале голови на три различни Европски првенства.

 

12. Само Мишел Платини со девет голови и Алан Ширер со седум имаат постигнато повеќе голови на Европските првенства од Златан Ибрахимовиќ, кој моментално има постигнато шест.

 

13. Голманот на Англија, Џо Харт има направено најмногу интервенции на Еуро 2012. Англичанецот интервенираше дури 22 пати, додека Буфон имаше две интервенции помалку.

 

14. Еуро 2012 ќе биде запаметен по тоа што за прв пат во историјата една репрезентација на Холандија не успеала да победи на ниту еден натпревар во групната фаза.

 

15. Гол-разликата од -8 на Република Ирска е најлошата во историјата на Европските првенства.

 

16. Финалето помеѓу Шпанија и Италија е четвртото финале од последните седум на Европските првенства на кое финалистите претходно се сретнале и во групната фаза.

 

17. Најпрецизното додавање на Англија на четвртфиналниот натпревар против Италија било од Џо Харт кон Енди Керол.

 

18. Полскиот голман Премишлав Титон стана првиот голман замена кој успеал да одбрани пенал на Европските првенства веднаш по влегувањето во игра. Тој го одбрани ударот од 11 метри на Карагунис на отворањето на Еуро 2012.

 

19. Иако Холандија имаше катастрофален турнир, сепак оваа репрезентација статистички имаше по прецизни додавања дури и од Шпанија, со 88,7% прецизност.

 

20. На ова Еуро имаше дури шест фудбалери со ист број голови (по три) на врвот на листата на стрелците (Торес, Гомес, Џагоев, Манџукиќ, Балотели, Роналдо), а претходно ова се има случено на Светското првенство во 1962 кога исто така шест фудбалери имале по четири постигнати голови.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov