Истекува рокот за фасадирање на објектите |
Напишано од Unevski on Понеделник, 01 Август 2011 18:04 |
Пред точно 11 месеци со воведувањето на законот за градба со кој што за прв пат во Македонија беа определени рокови за завршување на започнатите градби, на сопствениците на куќи или згради без фасади им се даде рок од една година од денот на стапувањето во сила на законот да стават фасада, доколку не ги постават следуваат мандантни казни кој за физички лица се движат од 100 до 500 евра, а за правни лица од 1000 до 3000 евра.
Законот според тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски е воведен бидејќи низ цела Македонија има куќи и згради кои со години се оставени без фасади.
Во периферните делови на Кавадарци се најголем дел од ваквите објекти во нашата Општина, а нивните сопственици, според официјалните лица од локалната самоуправа, се писмено опоменати со што им е укажано за краткиот рок од една година предвиден во законот.
Во Општина Кавадарци бројот на објекти без фасади не е голем во однос на некој други градови во републиката особено Тетово кое поради градежната експанзија е лидер во бројот на објекти без фасади.
Граѓаните ширум Републиката се согласуваат дека објектите треба да имаат фасади и тогаш го поздравија законот, но не се согласуваат и дека треба да се казнува доколку не го сторат тоа. Велат дека на оној кој има пари не му треба закон за целосно да го заврши објектот. Фасадирањето на објектите чини по 20 евра за метар квадратен, што според градежниците е висока цена и токму тоа е причината за големиот број на објекти без фасади.
Останува еден месец до истекот на рокот до кој сите објекти мора да имаат фасади, локалните власти низ цела Македонија се загрижени дека ќе имаат проблеми во спроведувањето на овој закон. Според некој експерти изготвувачите и предлагачите на законот имале добра замисла, меѓутоа реално е неспроведливо на терен, па една од варијантите кој се предлагаат од невладиниот сектор е по истекот на рокот веднаш да се иницира постапка за измени и дополнување на законот со бришење на овој член.
Трајче Илиев - Телевизија Тиквешија |