По 21 година, ново издание на „Тиквеш Рок Фест“ PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Вторник, 11 Септември 2018 11:36   

 

По дваесет и шест години од првото и дваесет и една година од последното издание, од 13ти до 15ти септември ќе се оддржи четвртото издание на „Тиквеш Рок Фест 2018“. Според организаторот, Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, годинава фестивалот ќе биде во поскромен обем, но сосема доволно Кавадарци за три исполнети денови со рок доживувања.


Освен главниот концерт, фестивалот со други содржини станува мултимедијален, па така на 13 и 14 септември 2018, како подпрограма ќе се одвива сегментот “Алтернативни пејсажи“ кој е дел од Манифестацијата “Нов културен бран 2018“ на Министерството за култура на РМ. Во “Алтернативни пејсажи“, во четврток, на 13 септември, со почеток од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе се одржи промоција во живо на новиот сингл на кавадаречкиот рок бенд “Leksikon” – “Нова скала“. Во петок, на 14 септември на истиот простор, од 20 часот ќе биде отворена изложба насловена како “Oblivion” на ликовниот уметник – графичар Трајче Јованов од Кавадарци, за да во 20.30 часот е официјалната промоција на првиот албум на кавадаречкиот рок бенд “Smoke Shakers” – “Stand Together” кој на самата промоција ќе биде достапен по промотивна цена.


Во сабота, на 15 септември 2018, со почеток од 20 часот, на Главната сцена во Паркот на револуцијата во Кавадарци ќе се одржи голем рок настан на кој со целовечерен концерт ќе настапат кавадаречките рок бендови Leksikon и Bad-Ass-All и специјалните гости на вечерта култниот македонски рок бенд Last Expedition.


“Тиквеш Рок Фест 2018“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и помогнат од Локалната самоуправа на општина Кавадарци и Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.


Организацијата на фестивалот е на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, кое од своето основање во 2012 година, континуирано организира алтернативни културни случувања (рок и џез концерти, изложби, поетски рецитали, урбани меморијални настани, фестивали и сл.). Во Здружението членуваат познати кавадаречки музичари, актери, ликовни уметници, поети и др. и во негова организација досега се седум изданија на меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“, посветена на еден од урбаните легенди на град Кавадарци Дејан Костов Лиса и три изданија на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“ посветена на еден од најдобрите македонски и кавадаречки ликовни уметници Ристо Соколов Сокол. Минатата година “Алтер центар“ ја организираше во Кавадарци големата манифестција “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll“ посветена на 25 години од оддржувањето на првиот “Тиквеш Рок Фест“. Овој рок фестивал доживеа само три изданија (1992, 1996 и 1997). На првото во 1992, учествуваа 12 демо бендови од Кавадарци и Неготино, гости беа Зијан, Боб Рок и Александрија, а победници беа “Skylab” од Кавадарци. Во 1996 следејќи ги светските трендови фестивалот беше акустичен, учествуваа бендови од цела Македонија, победници беа “Nerv“ од Кавадарци, беше насловен како “Тиквеш Рок Фест Unplugged ‘96“, а гости беа Анастасиа, Влатко Стефановски Трио и Last Expedition. Концертот на Анастасиа беше прогласен за концерт на годината во Македонија на манифестацијата “12 Величенствени“. Во 1997 (последниот) Тиквеш Рок Фест беше стандарден, електричен и ревијален, со учество на рок бендови од Македонија, Бугарија и Црна Гора.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov