Тиквешкиот гроздобер го врати стариот сјај PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Понеделник, 10 Септември 2018 17:54   

 

Три дена исполнети со многу настани, музика, забава, спорт и култура, залиени со многу вино, одлична оргнизација и рекорден број на гости го одбележаа годинашното издание на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“.


Меморијалниот турнир „Сестри Китеви“ ја најави гроздобеската, но и спортска програма која беше надополнета со ракометниот натпревар помеѓу ветераните на градскиот ракометен клуб „Тиквеш“ и македонските ракометни ветерани, турнирот во улична кошарка кој се оддржа на терените при спортскиот центар „Јасмин“, како и велосипедската и мото парада низ централното градско подрачје. Гроздоберот официјално започна со промоцијата на книгата „Буке“ на Душко Стефанов, а културната понуда беше дополнета и со изложбата на дела од депото на градскиот Музеј, како и промоцијата на фотомонографија под наслов „Ризница на ликовни дела“ од Весна Ѓорѓиева и Трајче Цветков во која се поместени 154 уметнички дела на 77 автори меѓу кои и на големите Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Ана Темкова, Љубомир Белогаски, Никола Баснарков, Борко Лазевски, Теофил Шулајовски, Ружица и Јован Јосифовски, Петар Наневски, Владимир Темков...


По три години, забавата повторно се врати и во градскиот парк, односно на Спомен Костурницата каде свои настапи имаа Sandy Rivera, Mossel и локалната поддршка DJ Face, додека за љубителите на македонска староградска песна и гастрономијата беше резервиран паркот на Револуцијата, каде освен музика во живо во вечерните часови на видеобим се пренесуваа музичките случувања од централната бина на градскиот плоштад, но и место каде што традиционално се оддржува турнирот во табла кој и годинава предизвика огромно внимание.



По неколку години на слаби изданија, карневалската поворка која е белег на Тиквешкиот гроздобер повеќе од половина век годинава конечно доби позитивни оценки, пред се поради изобилието од прекрасно осмислени групни маски, од кои најголем дел во знакот на гроздоберот. Атрактивни и годинава беа олд тајмерите кои се вратија на гроздоберската програма, исто како и двете нови содржини, трката на келнери и коктелите од вино.



Освен за повеќе од 50000 посетители, гроздоберот и годинава беше атрактивен и за претставниците од јавниот, општествениот и политичкиот живот од државата, но и од збратимените градови, па во Кавадарци викендов престојуваа претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, дел од дипломатскиот кор и претставници од Бољевац, Лесковац, Горни Милановац, Ковин Углевиќ, Фокшари Пантелеј, Птуј и гости од асоцијацијата на европски карневаски градови.


Секако, најголемо влијание и годинава предизвикаа настапите на македонските и балканските пеачи и групи, Слаткаристика, Криско, Љубојна, Џамбо Агушев, Некс Тајм и Цеца Ражнатовиќ.





 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov