Никола Петров и Розе Милкова се нови државни прваци во џудо PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Вторник, 29 Мај 2018 07:22   

 

По успешните настапи на меѓународните турнири, џудо клубот Кожувчанка од Кавадарци имаше успешен настап и на државното првенство за помлади пионери и кадети, кое изминатиот викенд се оддржа во Прилеп.


Во конкуренција на 18 клубови од Македонија чии бои ги бранеа повеќе од 200 џудисти, џудо клубот Кожувчанка настапи со 9 џудисти, 4 во помлади пионери, 5 во кадети, кои на клубот му донесоа седум одличја. Никола Петров освои злато и стана државен првак во категоријата помлади пионери до 50 килограми, Тоше Петров во категоријата до 25 килограми заврши како втор, додека Игнат Петров освои бронза во конкуренцијата до 34 килограми.


Розе Милкова уште еднаш го потврди својот огромен потенцијал, но и неприкосновеност во категоријата кадети до 52 килограми, освојувајќи го златниот медал и насловот државен шампион. За разлика од неа, во финалните борби немаа многу среќа и со сребрен медал мораа да се задоволат Марија Илиевска и Благица Колева кои настапуваат во категориите до 40 односно 70+ килограми. Благој Тодоров заврши како трет во својата категорија до 55 килограми, додека Никола Јанев и Душко Јовески останаа без медал откако ги загубија борбите за третото место.


Првенството во Прилеп претставуваше и филтер за селектирање на џудо репрезентацијата на Македонија која ќе настапи на престојното балканско првенство, како и на меѓународните натпревари кои се во согласност со календарот за натпреварување за 2018 година. Со своите настапи на ова државно првенство, своите места во репрезентативниот дрес ги потврдија Розе Милкова, Никола Петров, Благица Колева, Марија Илиевска и Тоше Петров.


Тренерскиот двоец Марјан Колев и Сашко Ангелов се презадоволни од постигнатите резултати на сите свои џудисти, од нивното залагање и прикажаните борби, со што е продолжен континуитетот на успешни настапи по серијата одлични резулати на меѓународните натпревари. Од џудо клубот Кожувчанка најавуваат дека продолжуваат со напорните подготовки, овој пат за државното првенство за пионери и јуниори кое за две недели ќе се оддржи во Скопје.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov