Кавадарци уште еднаш се поклони пред делата на големиот Глигор Чемерски PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Петок, 09 Март 2018 20:01   

 

Кавадарци отсекогаш раѓал големи луѓе, имиња кои со многу што ја прославиле, но и ја задолжиле земјата, а високо на таа листа, е еден од најголемите македонски ликовни уметници на сите времиња, Глигор Чемерски.


По воведното обраќање на директорот на Домот на културата „Иван Мазов - Климе“, Владимир Темков кој не воведе во вечерта, и поздравниот говор на Сузана Шалева, која од името на градоначалникот Јанчев им се заблагодари на присутните во преполната Галерија, следуваше говорот на професорот Темков кој на само нему својствен начин успеа да ја раскаже животната сторија на Чемерски.


Качувајќи се по семејното стебло на фамилијата Чемерски, односно Филипови и Глигорови, нивната крвна поврзаност со Темкови и Мазеви, професорот Темков раскажа бројни анегдоти, доживувања и интересни приказни за растењето на Чемерски, кој освен што бил голем ликовен уметник, бил и врвен есеист. „Влијанието на големиот Петар Мазев врз Чемерски беше причината поради која тој се определи за ликовната уметност, иако ќе беше исто толку голем ако станеше и есеист, романсиер, писател“ - рече Темков.


Зборувајќи за делата на Чемерски, Темков не заборави да ги спомене велемајсторските мозаици во Вруток, Кочани, во претседателската куќа на Водно, Кавадарци, но и делата кои красат бројни простории ширум во светот, но и да ги напомене неправдите кои му се нанесени, пред се поради тоа што никогаш не доби професорски статус, иако секогаш знаел да им помага на младите уметници, но и неиздавањето дозвола да отвори приватен универзитет за уметности.


На крајот од својот говор, со треперлив глас и по некоја солза, професорот Темков ги спомена и трите несреќи кои го потресоа семејството Чемерски во последните две години во кои освен Глигор, починаа и двата негови сина, Филип и Огнен.


На крајот од вечерта посветена на ликот и делото на Чемерски, Владимир Темков им се заблагодари на сите присутни, но и на градската музеј галерија и на сопствениците на приватни галерии кои оваа вечер ги ставија дел од делата на Чемерски на увид на кавадаречката јавност.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov