Се враќаат позорникарите во Кавадарци PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Четврток, 08 Март 2018 08:20   

 

Се враќаат полицајците позорникари во Кавадарци, најавија денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. За време на работната посета, министерот оствари средба со Јанчев, а потоа ја посети и полициската станица од општа надлежност.


– Колегите ме информираа за состојбите на ова подрачје, за зголемување на ефикасноста во откривање на кривичните дела. Исто така разговаравме за проблемите со кои се соочуваат, пред се недостатокот на човечките ресурси. Но договоривме и акциски план како да ги надминуваме сите овие недостатоци кои ги имаме, сето тоа укажува дека сме на добар пат сериозно да ги спроведеме овие реформи. А најважно е како да направиме реформа во размислувањето на начинот на функционирањето и тука мислам дека секој од нас поединечно, секој полициски службеник ќе мора да се вложи. Од друга страна, ќе мора да ни помогнат и граѓаните и локалната самоуправа, тоа партнерство да го изградиме, рече Спасовски.


Информираше дека со градоначалникот денес разговарале за важни прашања што се од заеднички интерес пред се во делот на сообраќајот и зачувување на јавниот ред и мир.


-Констатиравме дека имаме услови за една плодна соработка, разговаравме за можноста противпожарната единица да се приклучи на тетра системот за да може да бидеме поефикасни, тој процес го отвараме денеска. Исто така го информирав градоначалникот дека полициската станица добива задача за правење на сите подготовки, промоција на позорната служба. Затоа што сметаме дека позорникарот полицаец е пријател на сите граѓани и само преку него можеме да ја зголемиме безбедноста и ефикасноста и во тој дел добивме поддршка, нагласи министерот.


Соопшти дека договориле градоначалникот заедно со општествено одговорно фирми од градот да донираат едно интервентно возило за полицијата.


-Тоа е еден важен потег во градењето на овие заеднички односи и на зголемување на безбедноста, тоа покажува дека локалната самоуправа и МВР се длабоко уверени дека преку ангажмани, преку взаемна поддршка и помош ние мораме да ги подигнеме безбедноста и сигурноста на граѓаните на едно повисоко ниво, додаде Спасовски.


Тој го изрази задоволството од посетата на Кавадарци, а заедно со својот тим беа и во Регионалниот центар за гранични работи Југ.


-Навистина ова е еден од клучните приоритети, да бидеме заедно со локалната самоуправа, да ја враќаме довербата на полицијата кон граѓаните, да ги градиме тие врски кои мора да постојат помеѓу локалната самоуправа и полицијата. Второ, посетата на полицијата е значајна како што се значајни сите посети, затоа што пред се даваме поддршка на колегите, поголема мотивираност во работењето и договорање на начинот на функционирање, кој пред се мора да биде во интерес на граѓаните, изјави министерот.


Јанчев кој исто така изрази задоволство од средбата, рече дека Кавадарци има 45 отсто недостиг на кадар во полицијата и оперативен кадар.


-Министерот ни даде ветување дека тоа ќе го направи во најбрзо време, со повлекување на полицајци и од други полициски станици. За два месеца ќе бидеме втор град во Македонија што ќе ја воведе позорникарската служба после Куманово, информираше градоначалникот.


Во изјавата дадена по посетата на министерот, Јанчев соопшти дека се разговарало и околу проблемот околу неможноста за паркирање на одредена локација.


-Министерот го знае проблемот и даде начелна согласност заедно со неговите служби и советници дека во најбрз можен рок ќе изнајдеме решение да направиме нова категоризацијата на улицата „Илинденска, со тоа што ќе добиеме можност за паркирање и после тоа ќе распишеме односно ќе отвориме Јавно претпријатие за јавно паркиралише во град Кавадарци. Со тоа ќе го надминеме проблемот во делот на паркирањето и со градењето на двете катни гаражи. Општина Кавадарци му понуди на министерот добра соработка и тој ја прифати, рече градоначалникот.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov