Советниците донесоа одлука за утврдување на загадувачите на воздухот PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Четврток, 28 Декември 2017 13:59   

 

Советниците на Советот на општина Кавадарци изгласаа одлука за изработка на студија за утврдување на загадувачите на воздухот во градот. Всушност, одлуката е во форма на амандман во рамките на буџетот за следната година, што го предложи советникот Никола Трендафилов, а го прифатија сите советници.

 

Оваа одлука беше донесена бидејќи градот е на врвот по загадување во државата, а според концентрациите на штетни честитки, кавадарчани не би требало да излегуваат надвор.

 

Трендафилов нагласи дека двеста дена годишно концентрациите на ПМ 10 честичките се над дозволеното, ако се имаат во предвид дозволените концентрации според Министерството за животна средина.

 

-Сведоци сме дека општината презема мерки како машинско метење на улиците, посебни канти за пепел, прочистувачи за воздух во градинките, мерни станици. Но мора да имаме дијагноза кои се загадувачите за да ги конкретизираме мерките, нагласи Трендафилов.

 

Тој соопшти дека за оваа студија потребни се околу два милиони денари, а се надева дека во финансирањето ќе помогнат и индустриски капацитети од Кавадарци.

 

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев во денешната изјава за медиумите рече дека ќе се направат напори студијата да биде изготвена во најкус можен рок.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov