„Етно Балкан“ е новиот проект на Дрим Тим PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Петок, 17 Ноември 2017 08:57   

 

Во присуство на бројни колеги, пријатели, претставници на медиумите, во средата во ресторанот „Воденица“ во Скопје, членовите на најдобрата македонска фолк група, „Дрим тим“, го претставија проектот „Етно балкан“, кој освен што ќе ги прикаже во поинакво светло пред домашната јавност е со тендеција и да го освои регионот.


Станува збор за почеток на реализирање на еден заеднички сон на овие шестмина врвни академски музичари, зад кои е 20-годишна активност, не само на домашната сцена, туку и во светот. Во текот на следната година јавноста во целост ќе го запознае овој проект, на кој „Дрим тим“ целосно ќе му се посвети во наредниот период.


- Ова е нова страница за сите нас, нешто сосема различно од она што сме го работеле досега и реализација на една уникатна идеја која, убедени сме, ќе остави голем печат, односно ќе ја одбележи наредната година - велат музичарите од групата „Дрим тим“.


Првата нумера е составена од пет дела, чии автори се Сашко Велков, бугарскиот музичар Мартин Лубенов и легендата на македонската музика, Стево Теодосиевски.


Присутните на промоцијата го погледнаа и спотот снимен на неколку интересни локации низ целата земја. Првата нумера од проектот „Етно балкан“ е всушност еден неверојатен микс од музички парчиња во 11/8 ритам од македонскиот фолклор.


Почетната тема е од стара македонска песна, но има и латино-ориентален дел, потоа композиција во поживо темпо во фанк ритам, а дел е со ориентални фрагменти комбинирани со латино-шпански мелос, соло и импровизации. Слушнавме и една брза разиграна двојка со звуци од тракискиот предел и композиција повторно со елементи од македонскиот фолклор, брзи и маестрални фрази во 7/16 ритам. Инаку, видеото за оваа нумера е работено во соработка со „Ин ТВ“.


- Не ни планиравме да има спот, но со записот всушност направиме една целина. Спотот го снимавме на повеќе локации, дел во околината на Скопје, дел на Осоговските Планини, во Македонска Каменица - ни рекоа членовите на „Дрим тим“.

 





 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov