Фени го продолжи победничкиот марш и низ Куманово PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Понеделник, 13 Ноември 2017 11:34   

 

И покрај сите проблеми кои ги има генералниот спонзор, кои пак директно се рефлектираат и врз самиот тим, кошаркарите на Фени Индустри уште еднаш покажаа дека се пред се вистински професионалци и со четвртата победа во низа, овој пат на гостувањето кај Куманово, и тоа како го поправија впечатокот од стартот на шампионатот. Вообичаено за натпреварите на Фени не може а да изостане драмата, па трет пат сезонава избраниците на Малинков мораа да одиграат дополнителни 10 минути за да ја прослават победата над Куманово (115-116) кој сезонава никако не може да победи на домашен терен во македонското првенство.


Куманово ги имаше сите услови да дојде до победата. Освен бучната публика, на почетокот на второто полувреме поведе со 33:21, на четири минути пред крајот на полувремето ги достигна највисоките +18 (47:29) и се чинеше дека уште тука работата е завршена.


Но, Фени Индустри не мислеше дека. До крајот на првиот дел симна шест поени од негативата, а со серија од 15:1 во средината на третата четвртина поведе со 61:60. Куманово врати со серија од 10:0 за нова пристојна предност, а на средина од последниот период водеше и со +11 88:77.


И тука домашните кошаркари помислија дека е крајот, почнаа да играат премногу индолентно, а Фени Индустри го искористи тоа. Во последните пет минути кавадарчани постигнаа 15, а примија само четири поени и се изборија за првото продолжение, 92:92. Во него се играше кош за кош, Куманово прв се одлепи 102:98, но Петровски со тројка ја врати неизвесноста. Караколев промаши едно слободно фрлање, а потоа Петровски погоди две за ново продолжение.

Е, таму, Фени го водеше главниот збор. За 93 секунди направи предност од пет разлика (110:105). Куманово се врати, на половина минута пред крајот преку Грифин поведе со 115:114, но Мирковиќ на 13 секунди пред последниот звук на сирената го постигна победничкиот кош за гостите. Грифин во последниот напад не беше прецизен за тројка и бодовите заминаа во Кавадарци.


Капитенот Петровски со 29, Андреј Магдевски со 28 и Адам Мирковиќ со 21 беа први стрелци во победничкиот тим во кој одлични партии прикажаа и Петар Коцев со 14, Милан Милков и Горјан Марковски со по 11 поени.


Во следното коло, Фени во својот „Јасмин“ го пречекува актуелниот шампион, тимот на МЗТ Скопје, кој покажа дека е доста ранлив на почетокот на новата сезона.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov