Интервју со градоначалникот Александар Панов PDF Печати Е-пошта

(превземено од Кав'даречки весник)


Општина Кавадарци ја дели судбината на останатите македонски локални самоуправи кои изминатиот период работеа во услови на изразена политичка криза на државно ниво. Но добар дел од „цехот“ на таа криза го платиа тие, заради одредби од политичкиот договор. Во такви услови мораа да ја прилагодат работата и да функционираат само во изворните надлежности. Градоначалниците и советите ги извршуваа основните функции, а во другите сегменти од работата општините можеа да ги реализираат само веќе започнатите проекти.


Во ова издание на весникот реализираме интервију со градоначалникот на Кавадарци г.Александар Панов кој зборува за одразот на политичката криза, за реализираните проекти, како и за актуелната политичка ситуација во Македонија во пресрет на најголемиот национален празник Илинден – 2 Август.


Кав‘даречки Весник: Господине Панов, како функционира Општина Кавадарци во овие два месеци од продолжениот мандат на градоначаникот и Советот на Општината?

Александар Панов: Во последните две години општината функционираше така како и што почна, со „трокирање“, да тргнеме, па да застанема, па повторно да тргнеме, за да застанеме и пак така. Ние како градоначалници за оваа состојба воопшто не сносиме никаква вина, а штетата ја имаат граѓаните на општина Кавадарци, па и граѓаните на Република Македонија. Морам со жалење да кажам дека не само јас, туку и сите останати градоначалници имавме мандат кој што повеќе беше политика одошто фактичка работа во функција на граѓаните. Искрено се надевам дека ова ќе биде последна политичка криза која ќе се одрази негативно врз грбот на граѓаните со прекинување на одредени проекти, со застои, со местенки, со подметнувања и со многу негативна енергија. Очекувам дека оваа состојба ќе заврши до моментот кога треба да се распишат новите Локални избори договорени за 15 октомври.

 


Кав‘даречки Весник: Сепак Општината функционираше речиси нормално во основните сегменти реализирајќи ги отпочнатите проекти. Што во општината Кавадарци беше сработено на планот на основната функција-комуналната изградба?

Александар Панов: Како и да е овие два месеци од продолжениот мандат ги работиме тековно со реализација на програмата за комунална изградба на Општина Кавадарци, како и со реализација на сите програми усвоени од Советот лани во декември. Притоа имајќи ја во предвиди политичката криза се обидуваме процентот на реализација да биде што е можно поголем и да се движи помеѓу 80 и 90 проценти од зацртаното. Секако дека ќе има одреден процент на намалена реализација како директна последица од политичката криза. Но ние максимално ќе се потрудиме тој процент да биде помал, а граѓаните последиците да ги почувствуваат што е можно помалку. Да потсетам дека во делот на капиталните проекти интензивно работиме на реализација на два значајни. Првиот е новата детска градикна со капацитете за 100 деца лоцирана на просторот на старата лабораторија, а вториот проект е концертната сала во склоп на музичкото училиште. Се надевам дека до септември ќе можеме да ги предадеме во употреба и двата објекти. Градинката ќе го ублажи притисокот за место повеќе и згрижување на деца од предшколска возраст, а вториот, концертната сала која ќе овозможи прераснување на основното во средно музичко училиште, како и современ и адекватен простор за концертирање. И двата објекти ќе бидат во служба на децата. Значаен проект кој што е во поодмината фаза на реализација го работиме со грант сретства од Европската комисија во виснина од близу 260.000 евра, е реконструкцијата на делници од пристапните локални патишта кон селото Дреново, како и на правецот Возарци-брана ХЕЦ Тиквеш. Овој проект започнавме да го реализираме со целосна реконструкција на најоштетениот дел од улицата „Страшо Пинџур“, а во фаза на реализација се улици во неколку општински села. Овде сакам да ги посочам и капиталните проектите за кои јавната набавка е завршена, а во наредните недели ќе започнеме со нивна реализација. Да ги информирам граѓаните дека тендерот за продолжување на кејот за регулација на коритото на реката Луда Мара кон брушанскиот мост е веќе завршен. Најповолен понудувач е фирмата „Градба промет“. Во наредните две недели следи потпишување на договорот и воведување во работа на изведувачот. Со тоа ќе ја заокружиме и третата фаза од изградбата на кејот шеталиште на реката. Исто така во фаза на евалуација се и постапките за три капитални објекти и тоа: изградба на пешачки мост на улица „Шишка“. Станува збор за реализација на една моја постара идеја, врз основа на барање од граѓаните на населбата „Голи оток“, со кој ќе обезбедиме непречено и безбедно движење на пешаците пред се учениците, како и одвивање на сообраќајот по најтранзитната улица. Нареден проект е целосна реконструкција на улицата „Блажо Алексов“ со изградба на кружен тек на спојот со Булеварот „Видое Смилевски-Бато“. Третиот тендер се однесува на продолжување на колекторскиот систем кон селото Марена каде по измените е лоцирана идната прочистителна станица. Покрај поставување на цевки со профил Ф1000, со овој тендер е опфатена и санација на оштетениот дел од постојниот колектор. Во завршна фаза е проектот позади зградите „Лепотици“. Да потсетат таму претходно извршивме партерно уредување, поставивме летниковец, асфалтиравме и оградивме терен за мали спортови, а поставивме и 34 канделабри со ЛЕД светилки напојувани од фотоволтаици. Последен зафат во овој простор е изградбата на покриен мал зелен пазар, за што пред извесно време имав и прес конференција, поттикнат од некоректното „китење“ со туѓи пердуви на кавадаречкиот СДС. Во делот на комуналната изградба во моментов работиме на повеќе микро локации видливи за локалната јавност која гравитира околу нив со цел на граѓаните од периферијата, внатре во градот како и во селата да им обезбедиме подобри услови во делот на комуналната инфраструктура. А за крај да посочам дека Општината донираше 2 милиони денари на МПЦ за партерно уредување на дворот на Полошкиот манастир со што продолжи нашата помош и за културно историските и духовни светилишта на територијата на Општина Кавадарци.

 


Кав‘даречки Весник: Советот на општината донесе одлука со која ве овластува да го потпишете договорот за ЈПП за зонско паркирање. Појаснете на граѓаните до каде е оваа постапка и кога може да се очекува средување на сообраќајниот хаос?

Александар Панов: Пред неколку денови го потпишав договорот со партнерот. Во тек е постапка во надлежниот сектор за сообраќај во СВР Велес за верификација на проектот кој стручно го изработи фирма од Битола искусна во овој сегмент. Во моментов имаме мали проблеми кои се однесуваат на тоа дали на улицата „Илинденска“ треба да биде дозволено зонско паркирање. Во случај да се оддолжи решението на оваа дилема со концесионерот договорив почнување на реализацијата на зонското паркирање на улиците кои не се спорни, а се дел од студијата за зонско паркирање, вклучително и постојните паркинзи во ценатарот на градот како и модуларниот паркинг. Џентлменски со концесионерот се договоривме во првата недела од почетокот на јавното зонско паркирање, прекршителите да не се казнуваат туку да добиваат опомени со цел граѓаните да се обидат да ги променат навиките. Со овој пристап треба да се допре до граѓаните, пред се возачите дека во Кавадарци конечно има ред во паркирањето кое треба да се плати. Концесионерот со оглед на обврската од договорот веќе уплати 30.000 евра, а Општината во првите месеци од функционирањето на овој проект очекува месечно две до три илјади евра на име надоместок. Ова не се занемарувачки пари кои ние секако дека ќе ги искористиме наменски за реализација на други проекти. По овој основ годишно очекуваме 60 до 70 илјади евра, кои години наназад сме ги губеле во буџетот како резултат на нерегулирањето на наплатено зонско паркирање.

 


Кав‘даречки Весник: На почетокот споменавте дека „трокирањето“ во работата на општината пред се е резултата на развлечената политичка криза. Врз што ја темелите оваа ваша перцепција?

Александар Панов: Одговорно, тврдам дека работењето на локалните самоуправи вклучително и Општина Кавадарци, како и на дел од бизнис секторот беше колатерална штета од борбата за централната власт меѓу водечките македонски партии. Во таа борба до декемвриските предвремени парламентарни избори социјал демократите со посредство на меѓународната зедница издејствуваа низа забрани со кои свесно се кочеше работата на општините каде резултатите од реализираните проекти на ВМРО-ДПМНЕ беа видливи и во функција на граѓаните. Сега откако им се даде централната власт, иако во декември лани повторно имаа изборен пораз, тие наместо да се зафатат со работа, а не со местенки од типот на зачестени контроли, што повеќе пријави да ни поднесат, што повеќе да не оцрнат, со цел да не дискредитираат и со негативната кампања од парламентарните, да се обидат валкано да профитираат и пред локалните избори. Но, овој пат сметам дека се во заблуда бидејќи тука нема да имаат безрезервна поддршка од странскиот фактор преку амбасадорите. Тоа што на западот му беше зацртано тие преку амбасадорите го остварија, со насилна промена на централната власт. Пред локалните избори сметам дека САД и ЕУ овојпат ќе инсистираат да во октомври се одржат избори за локалната власт оставајќи не ние како политички партии да се претставиме пред граѓаните со политичка аргументација за добивање на нивната доверба околу тоа кој во наредните четири години ќе ги раководи општините подобрувајќи им го стандардот на живеење. Иако има неколку сценарија за ново одлагање на локалните избори, со инволвирање повторно на албанскиот фактор околу двојазичноста, сметам дека овој пат ќе не остават преку програми и проекти да се сјуначиме пред електоратот. Како и да е, очекувам во наредниот период во македонската политика да се врати фер-плејот, бидејќи во последните две години имавме се, само политика не. Толку ниско ниво на политичка култура и партиско општење кое го нема ни во афричките земји. Незнам од каде се појави овој концепт на ниско ниво на политичка култура кое го протежираат социјалдемократите. „Ајванлукот“ отсекогаш го имало во политиката, но не во оваа количина, според која и граѓаните ги восприемаат политичарите како најрасипаниот дел од општеството. Затоа незнам како може да се очекува од граѓаните да немаат лошо мислење за политичарите кога социјалдемократите го спроведуваат токму овој начин на водење политика. Ако се служите со ваква методологија, тогаш и граѓаните ќе носат заклучоци дека политичарите се најрасипаниот дел од општеството. Квалитетните кадри оние „салам луѓе“ кои држат до својата личност и интегритете ќе бегаат од политиката непрепознавајќи се во неа. Едноставно ќе речат, јас не можам да одам на таква функција, зошто јас не сум таков: расипан, човек премачкан со сите бои, човек без збор, полтрон, човек што ја витка кичмата. Сето ова е спротивно на моите сваќања кога како млад политичар се борев со тоа како да се влезе со човештина во политиката, а не обратно. Но нешто што во моментот најмногу фрустрира не се овие проекти кои што се тековни и кои што ги споменавме, а за кои меѓу граѓаните има или нема задоволство. Како што ние сме амбициозни, така и граѓаните се амбициозни, барајќи во нивното маало, во нивниот град да има изградено нешто повеќе. Токму и поради почитта кон граѓаните ние и во вакваполитичка криза не престанавме да градиме. Во принцип гласот на граѓаните постојано го слушавме и почитувавме. Можеби забавено, но ние градевме како капитални објекти, така и на микро локации, а тоа граѓаните го почитуваа. Моја констатација, можеби и субјективна е дека граѓаните се задоволни од она што го работиме. Меѓутоа сето ова што го набројав претходно, а што ние го правиме како надградба, паѓа во вода, кога на државата и се разнишани темелите, кога е загрозен нејзиниот легитимитет и интегритет. Политиката која сега се води на меѓународен план од страна на социјалдемократите предизвикува немир кај граѓаните. Најголемиот дел од македонците па и од кавадарчани, особено сега пред најсветлиот национален празник 2 Август-Илинден го чуствуваат притисокот на ова ненационална и не легитимна политика на социјалдемократите. Повторно македонците го чувствуваат притисокот на „трите орли“ и сеништата од минатото после најавата за потпишување на договорот за добрососедсво со Бугарија како и инсистирањето на бугарите тој договор да се потпише на 2 Август. Мој став е дека, ако Македонија и Македонците имаат нешто автохтоно, чисто македонско тоа е Илинденското востание. Нешто што бугарите досега не ни го оспориле тоа е 2 Август. Се претходно: Кирил и Методиј, цар Самуил, преродбениците, како и други востанија, од секогаш го имаат превезот на бугарското, и дека ние немаме право на своја нација, а со тоа и на своја иднина. Сега да се стави рака и на Илинденското востание, дека сега тоа е заедничко, според мене тоа е веќе голема глупост, големо предавство, а предавниците по Данте Алигиери се наоѓаат во деветтиот круг. Јас упатувам апел до сите оние кои што имаат намера да го бугаризираат и Илинден, а се плашат од деветтиот круг, да си ги преиспитаат своите ставови. За сите оние кои што ги поддржуваат ставовите дека ВМРО-ДПМНЕ е тоа што го сменило името и го протежирал овој договор, да повторам, ако мојата партија сакала да го направи ова срамно предавство тоа би го сторила одамна и сега немаше што да полемизираме околу ова фактичко предавство на социјалдемократите. Во оваа прилика би потсетил на анегдота која го отсликува духот на грчката дипломатија: „На притисок од американците им било сугерирано дека сега е моментот да се реши кипарското прашање, бидејќи ако не се реши сега нема да се реши ни во наредните 100 години. Одговорот на грчкиот дипломат бил „Како кажавте, 100 години? Па добро ќе чекаме 100 години“. Значи подобро е да чекаме 100 години за договор за пријателство со Бугарија кој е потреба на Бугарија, а не на Македонија, а со тоа да и се направи услуга на Грција. Со поништувањето на Илинден 1903 и АСНОМ, самите се отпишуваме од светската мапа на народите, а после тоа за нас македонците повторно се враќаат сеништата од пред и после Букурешт 1913 година. Потврда за ова гледам и по неодамнешната средба во Солун на премиерите на Грција, Бугарија и Србија, кои таму зборуваа и за Македонија, но без присуство на Македонија. Убеден сум дека кај кавадарчани и тиквешани ова нема да помине особено што сите наши соседи кои сега не кочат во Евро-Атланскиот пат со политички средства, пред 100 години тоа го правеле со сабја и куршум. Бугарското ѕверство над 12 Ваташки младинци 1943, српскиот масакр од 1913 и Тиквешкото востание се повеќе од потврда дека со соседите заеничката историја повеќе ни била крвава одошто розова. Секогаш македонската трагедија била аминувана од Европа. Исто како и сега, ако тогаш затворале очи пред насилствата, сега се обидуваат со наметнување на квази скандинавски менталитет кај типично балкански начин на размислување да промовираат политика на добрососедство. Прашувам какво е тоа добрососедство кога едни не ти го признаваат името, други не ти ја признаваат нацијата и јазикот, а трети црквата. Во такво опкружување се одвива нашиот денешен живот. Но сметам дека во Македонија има повеќе одговорни политичари кои во последен момент ќе ги извагаат аргументите и процесот ќе го стават на вистински пат за самите да не си зариеме нож во грб. Јас, мојот татко, мојот дедо и сите македонци од секогаш сме знаеле дека Илинден е Македонски, а никако бугарски, ако сега направиме анкета убеден сум дека од 100 испитаници 99 ќе речат Илинден е Македонија, Македонија е Илинден, а тој 1 ќе биде предавник. Илинден, и втори авгист се темелот на нашето постоење, кое мораме да го чуваме како нашите очи.
Нека ни е честит и вековит Илинден, 2 Август.


Кав‘даречки Весник
Димитар Мурџев




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov