Интервју со Марјан Колев: Од бетонското ракометно игралиште до клупата на Ница PDF Печати Е-пошта

 

Иако со сите свои успеси несомнено припаѓа во рангот на најдобрите кавадаречки спортисти на сите времиња, некогашниот македонски ракометен репрезентативец Марјан Колев речиси и никогаш да не бил во центарот на медиумското внимание, иако приказната која започнува на бетонското ракометно игралиште во Кавадарци, па преку македонскиот репрезентативен дрес, француската лига и назначувањето за прв тренер на женскиот тим на Ница е и повеќе од интересна. Токму назначувањето за прв тренер на женскиот тим на Ница беше причината да го контактираме, а разговорот кој некако природно продолжи не мотивираше да го реализираме интервјуто во кое Колев одговораше на нашите прашања за трансферот во Ница, престојот во Франција, за своите почетоци, но и идеи за подобрување на состојбата со ракометот во Кавадарци, па и Македонија.

 

www.kavadar4e.com: Марјан, најпрво и официјално честитки за новиот ангажман како прв тренер во женскиот тим на Ница. На самиот почеток, како дојде до соработкта со еден од најдобрите женски колективи во Франција?

 

Марјан Колев: Најпрво би сакал да Ви се заблагодарам затоа што сте еден од ретките медиуми кои ме контактирале. Се започна со одлуката на Ница за промена на тренерот за следната година, па како и секој клуб прво се допрашале до луѓе блиски до мојот довчерашен клуб, Сент Егрев. Еден од нив е и Илиан Васиљев, бивш интернационалец од Бугарија, со кој во сезоната 2013/2014 бевме противници и кој 15 години работел во машкиот клуб Ница Кавигал, но заедно со актуелниот помошник тренер во женскиот клуб. По неговата препорака луѓе од клубот ме гледале и анализирале два натпревари за потоа да ми се претстават и да стапиме во контакт. Бев изненаден, но во исто време и среќен затоа што се доближив до остварување на една од моите цели во животот. После тоа како втор и последен испит беше третиот натпревар, но овој пат присуствуваа претставници од управата заедно со луѓе кои го креирале клубот. Очигледно дека го поминав и тој испит, за потоа преговорите да се продлабочат и да завршат со потпис на тригодишен договор.


www.kavadar4e.com: Звучи помалку чудно за македонски услови, но кој е рецептот тренер на третолигашка екипа да биде во интересот и плановите на клуб кој е помеѓу четирите најдобри во француската женска лига?


Марјан Колев: Не само тоа трета, туку и клуб кој испаѓа во четврта лига (хаха) . Да, моментално сум во трета лига, но мислам дека македонската јавност нема информации за мојата еволуција како тренер овде во Франција. Се повторува историјата. Јас и порано кога бев играч не бев интересен за медиумите, иако играв 10 години за репрезентацијата на Македонија, а тоа се повторува и сега како тренер. Ако се земат во предвид со кои услови го однесов клубот два пати во трета лига, (со буџет од 150000 евра, иако среден буџет на еден третолигаш е 300 000 евра, и со 70-80% играчи формирани во клубот), како стигнав до осмина финалето на францускиот куп во 2013 година, и како со селекцијата 2000 на департаментот Изер за прв пат во шест годишната историја го освоив турнирот „Пиер Грилон“ и што е побитно 9 играчи јас што ги селектирав беа селектирани во селекцијата на регионот Роне Алпе и кога ќе додадете дека од кога го преземав Пол Де Шамбери од месец септември како тренер за прв пат имавме 5 играчи селектирани за јужната зона на Франција, речиси половина од територијата на земјата, и три играчи што влегоа во списокот на младата репрезентација тогаш можеби и не е така чудно што некој од погоре е заинтересиран за мене. Значи во тоа е разликата запад - исток. Овде не дека е така лесно и едноставно и дека нема дискриминација во некои погледи, но ако си чесен и квалификуван работник ќе добиеш шанса. Тоа што исто е важно е дека има хиерархија (не дека ја нема во другите земји) и koja овде таа се почитува на највисоко ниво. Како прво, задачата ја доделуваат на луѓе компетентни и лојални на клубот за да направат избор на некој кој што има квалитет по нивни критериуми, критериуми што одговараат на побарувањата на проектот на клубот, па потоа предлогот го доставуваат до управата и спонзорите кои одлучуваат и превземаат одговорност. Проектот на Ница е да имаат тренер кој доаѓа од машкиот ракомет, кој нема релации со менаџери и играчи од женскиот ракомет, кој може да понуди борбен, модерен и креативен начин на игра, и што е најважно некој што ќе им даде шанса и на младите играчи кои ги има во нивниот центар за формација. Штом ме ангажираа значи и ги виделе тие квалификации кај мене и покрај тоа што сум во трета лига . Нормално сега ќе треба и да ги потврдам тие квалитети.

 

www.kavadar4e.com: Во најавите кои можеме да ги прочитаме по медиумите, се очекуваат големи промени во играчкиот ростер на тимот и целата политика на клубот. Дали е тоа проблем или само дополнителна мотивација за тебе?

 

Марјан Колев: Па зависи во кој домен. Јас би рекол не е проблем во домен на функционирање на екипата, дисциплина, тренинзи и слично, затоа што е нова за 9 играчи и ќе може да ги поставам моите критериуми и идеи за работа. Но, во исто време може да биде проблем во доменот на проект на игра што значи за еден нов проект со нови играчи за да функционира добро, сигурно ќе треба време, време кое според мене зависи од мотивацијата и капацитетите на тренерот. Значи, да за мене претставува дополнителна мотивација.

 

www.kavadar4e.com: Последните години како играч ги помина во тимот на Сент Егрев, каде и ја започна тренерската кариера. Предизвикот наречен Ница дефинитивно носи возбуда, но колку ќе ти недостасува Сент Егрев?


Марјан Колев: Ако земам во предвид дека овде сум веќе 5 години, најдолго во еден град после Кавадарци, и дека клубот ми даде шанса да се покажам и да инвестира во моето формирање како тренер, сигурно дека не ми е лесно да се разделам. Но, овде луѓето ја почитуваат мојата одлука. Во исто време се и горди дека успеале да создадат тренер кој ќе работи во прва лига. Потешко е за мојата фамилија која се навикна на околината. Моите два сина супер се интегрираа во школскиот систем. И јас и сопругата се навикнавме на околината, така да сепак ќе ни треба еден период на адаптација. Но што е најбитно се разделуваме со респект затоа што нема оштетена страна, тие инвестираа во мене, а јас со мојата работа и резултати испишав неколку букви во нивната историја.


www.kavadar4e.com: Долго време си во Франција. Очигледно ти се допаѓа животот таму, но колку ти недостасува Македонија?


Марјан Колев: Па да, овде сум од 2007 и виновникот е Данило Брестовац кој беше конекцијата со Вилефранш. Па искрено да ви кажам се чуствувам добро, барем засега. Јас потекнувам од традиционално семејство и важно ми е мојата фамилија да се чуствува добро и да е среќна, но не кријам дека има носталгија кога е период на важни религиозни празници и кога ја гледам репрезентацијата кога игра на домашен терен со целиот амбиент кој го прави публиката. Крвта никогаш не била вода... Пред една и пол година пробав да го направам првиот чекор за враќање во Македонија, но мислам дека брзо сватив дека не е време. Да бидам појасен, сакав да понудам еден проект на регионално ниво кој ќе помогне и служи за подобро селектирање и формирање на идни репрезентативци, проект сличен, но и не ист како овде во Франција, но некои луѓе од федерацијата, кои патем сеуште не ги запознав лично, немаа време за тоа, туку ми понудија да му пратам на меил или кога ќе дојдам летото на одмор да му се јавам, што за мене изгледаше крајно несериозно и без многу респект. Значи сватив дека прво ќе треба да добијам респект, па потоа да се надевам на нешто повеќе.

 


www.kavadar4e.com: Во годината во која голем број македонски репрезентативци кои играа во Франција се вратија во Македонија, имаше можност да се вратиш со нив, но издржа под „притисокот“ и остана. Од денешна перспектива, беше тоа грешка или добар потег?

 

Марјан Колев: Беше тоа годината 2009 кога завладеа големата економска криза и многу клубови ги намалија буџетите, па некои дури и згаснаа. Плус играчите од земјите кои последни влегоа во европската унија не беа номинирани како странци, што претставуваше една голема конкуренција на ракометната берза. Искрено и јас не бев далеку од враќање, направив и припреми со екипата на Тутунски комбинат за која играв две години, и на кои официјално му благодарам, но сепак одлучив да ја прифатам понудата на Монтелимар, член на четвртата лига, која од гледна точка како играч и не беше многу интересна, но од финансиска и перспективна гледна точка беше и тоа како вредна за размислување. Во исто време одлучив да се посветам прогресивно во доменот како тренер. Веќе во 2010 добив лиценца како интернационален тренер што ми дозволуваше да бидам тренер се до трета лига која е и највисоко аматерско ниво во Франција (втората и првата лига се професионални). Од 2011 кога дојдов во Сент Егрев видов дека овде има одредени норми што ако не ги исполнуваш не можеш да напредуваш, така да се запишав и ги завршив двете школи организирани заедно и од министерството за спорт и млади и француската федерација која што ми даде компетентност да работам во некој центар на формација или федерална гранка, каде и денес работам. Плус, гледајќи каде стигнав во моментов, за мене одлуката да останам во Франција се покажа како одлична.

 


www.kavadar4e.com: Во емотивното обраќање по повод пензионирањето на Петар Ангелов - Диви меѓу другото напомена дека многумина репрезентативци кои дадовте многу за националниот дрес завршивте на сличен начин како популарниот Диви. Знам дека будно следите што се случува во мак ракометот, но ќе има ли крај на ова понижување кое го трпат сите оние кои оставиле срце за македонската репрезентација?

 

Марјан Колев: Дали ќе има крај не знам, но знам дека ако некогаш се најде личност или тим околу него, кои ќе имаат желба да го решат овој проблем можеби и ќе се намалат ваквите случаеви да има репрезентативци кои се незадоволни и се чуствуваат недоволно респектирани на крајот на нивните репрезентативни кариери. За да не бидам погрешно сватен, ќе пробам да објаснам на што мислам за случајот „Диви“ и тие како него за кои сите овие години наназад никој не постави критериум, мислам на години, број на одиграни натпревари, учества на големи натпревари, кои ќе одлучуваат кога еден репрезентативец заслужил или не свечено опростување од националниот дрес. Ако има таков критериум можеби работите ќе бидат многу поразлични и попозитивни. Засега, по мое останува тоа дека има два различни аршини.


www.kavadar4e.com: Да се вратиме на твојата кариера. Започна во Тиквеш, а заврши во Сент Егрев. Колку беше тежок патот од бетонското ракометно игралиште во Кавадарци преку лигата на шампионите и купот на победниците на куповите па се до Франција?


Марјан Колев: Уф, колку беше тежок само јас и жена ми од кога е со мене знаеме. Па не беше лесно дете од провинција, напорни тренинзи, повреди, докажувања, конфликти и сопки, како и во секоја работа. Тешките работи ги забораваме ако после тоа имаме некаков успех така да јас мислам само на убавите работи што ги доживеав и ги доживувам. Да вистина е дека времињата и условите брзо се менуваа, и за неколку години веќе отидовме доста напред, но би сакал да напоменам дека имав среќа што имав тренери како Ќиро Китев - Стипе и Илија Мирков - Ластарот, кои ме заразија со ракометот, па потоа покојниот Благоја Ч'кр, таткото на Лазаров кој беше гарант пред селекторите да ме селектираат и покрај тоа што неодиграв топ младинско првенство во Битола затоа што бев болен и настапував со инекции, Трајче Камчев – В’кот со кого имав соработка во годината во која играв со двојна легитимација за Винарска Визба „Тиквеш“, Ванчо Јовановски кој не се плашеше да ми даде шанса во Вардар Ватростална, Љубо Савевски од кој научив и напреднав многу, а ми помага и сега како тренер, Гино Стрезовски, Периќ, Ѓукиќ и така натаму. Можеби за едно жалам, а тоа е што играв во Македонија во едно многу нестабилно време, време на транзиција, селекторите се менуваа преку ноќ и условите беа лимитирани. За разлика од тогаш, сега колку што разбрав работите се доста променети и условите се на доста повисоко ниво.

 


www.kavadar4e.com: За разлика од вас, денес младите во Кавадарци имаат и тоа како подобри услови, но веќе добри десетина години, односно по Милан Левов Кавадарци нема дадено ниту просечно ракометно име. Каде е проблемот?


Марјан Колев: Многумина би рекле дека проблемот лежи во слабата економија и слично, но за мене проблемот лежи во спортските работници и одговорните за спорт во градот (се извинувам, искрено не знам кои се, не сум упатен веќе подолго време). Да појасман, за да не ми се налути некој, а и да не бидам виден како некој што паметува од далеку. Значи, проблемот според мене е тоа што за овие десетина години спортските работници во ракометот не најдоа заеднички јазик да направат проект кој што ќе биде логичен и кредибилен пред општината. Колку што знам, на неколку пати имало иницијатива, но доставена од повеќе групи што значи повеќе опструкција отколку конструкција. Кога еден ден ќе се најде група на луѓе, ентузијасти во права смисла на зборот, и на кој ќе му биде приоритет создавањето, а не промовирањето, е тогаш можеме да се надеваме на нови елитни ракометари. Мислам дека фали респект помеѓу спортските работници. Да потсетам дека во нашeто време, значи Петар Ангелов - Диви, Блашко Трпков - Мајка, Томе Масларков, бевме тренирани од луѓе како Ќиро Китев - Стипе, Илија Мирков - Ластарот, професорот Блаже Велков, некои без дипломи, но големи ентузијасти и што е најважно сложни во делот на структуирањето и функционирањето на клубот. Значи економијата не е проблем, оти и во наше време немаше доволно финансии па ниту сала. Друг проблем е тоа што кај нас умре аматеризмот, и сите сакаат да бидат професионалци. Плус, кога ќе видите дека секоја управа во прва прилика кога ќе има малку повеќе финансии веднаш инвестира во играчи од страна за да се промовира со резултати, според мене и нормално е да нема, што не значи и дека ќе продолжи, нови елитни ракометари. Слушнав дека Вардар и Металург отворија академии во Кавадарци, што е добро за децата и воедно и ракометот. Зборувам со мала резерва, затоа што до ден денес не го разбрав комплетно проектот. Мислам дека тој проект освен ако не е довршен до крај, дека е малку егоистички! Да објаснам, проектот е да собереме што повеќе деца, да ги тренираме и да ги селектираме најдобрите за Вардар и Металург што и не е така лошо се додека не видиме дека има само 30 до 40 места за цела Македонија. Што значи има место за еден до два поталентирани играчи од другите. Но, прашањето е што правиме со другите или ако ниедно дете не е селектирано? Слушнав дека и некои школи имаат повеќе од 100 деца. Значи ако моето дете не е талентирано за Вардар или Металург нема да може да продолжи со ракометот, макар и на аматерско ниво, затоа што проектот завршува тука, до 16-18 годишна возраст. За да продолжи понатаму со ракомет, мора да се понуди во РК Тиквеш, но штоа ко веќе Тиквеш има свои играчи и нема место, значи ќе бидат приморани да прекинат со играње ракомет. Моја желба е еден ден, клубот постоечки, да започне со проект од четири години. За тие четири години целта треба да биде структуирање од А до Ш, во административниот и спортскиот дел од организацијата. Значи, резултатите се во втор план првите две години, и со надеж за влез во прва лига во третата или четвртата година евентуално, без странци нормално! Финансиски да биде поддржан и контролиран во истиот дел од градот (да има еднаш годишно јавно презентирање на буџето со своите добивки и расходи), значи градот да ги снноси трошоџите кои се неопходни за егзистенција на еден клуб, значи термини за тренирање, патувања и трошоци за судии, значи да се осигура постоењето на клубот. А за возврат пак клубот да понуди проект кој што ќе нуди можност за сите категории од пионери до сениори, вклучувајќи и ветерани и хендикепирани лица. Сите овие категории треба да ја платат својата членарина во зависност од возраста и нивото на игра. Значи, егзистенцијата е обезбедена од градот, а парите од лиценци би служеле за мала стимулација на тренерите и комплетирање на клубскиот буџет за нормално функционирање на клубот. Да појасам, дека ако една членарина во просек чини 500 денари, за 10 месеци тоа се 5000 денари, и ако клубот има 200 членови во сите категории заедно на годишно ниво, доаѓаме до сума од 1 милион денари, што и не е за занемарување. Значи, останува уште како да се привлечат приватните спонзори! Мислам дека овој проект, комплетен и стабилен на подолг период ако е коректно презентиран, мислам дека ќе има доволно спонзори кои со нивните вложувања ќе можат да ги подобрат условите за работа, спортската опрема за тренинг, надградување и доедукација на тренерите и евентуално интеренационални турнири за младите. Знам од искуство дека родителите на кои што му играат децата и имаат приватни фирми први ќе инвестираат. Големите фирми како Дрекслмаер, Кожувчанка, Фени, ИГМ, Тиквеш... можат да се привлечат, но тие најчесто бараат и нешто за возврат, што е и нормално, а тој возврат може да биде публицитет или организирање на турнири помеѓу работниците и клубот или некои други акции со кои за спонзорите би биле интересни. Да завршам со тоа дека навистина не е така едноставно лесно сето ова, но, дефинитивно има перспектива за која мора да има ентузијазам за да се види истата.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov