Од недела започнува летното сметање на времето |
Напишано од Unevski on Вторник, 22 Март 2016 14:36 |
Од недела наутро, и официјално започнува летното сметање на времето.
Истото ќе трае до 30-ти Октомври во 3 часот, кога повторно ќе се премине на зимското. Стрелките на часовникот во недела треба да се поместат еден час напред и наместо 02 да означуваат 03 часот.
Почетоците се поврзани со Бенџамин Френклин, кој додека бил американски делегат во Франција, во 1784 го напишал есејот „Економичен проект“, кој е еден од првите пишани елаборати на оваа тема. Потоа, на 21 мај 1916 година Велика Британија, следејќи го примерот од Германија, за прв пат го воведува летното сметање на времето.
Најпрво договорот бил часовниците да се поместуваат по 20 минути во текот на 4 последователни недели, односно вкупно 80 минути. Причината била, исто како и денес, повеќе да се искористи сончевата светлина во текот на приквечерието, а помалку светлина да остане неискористена во текот на утрото, но притоа не дозволувајќи драстични промени одеднаш.
Ова вештачко поместување на стрелките не е поврзано со природна појава, туку само прилагодување на сметањето на времето кон потребите и навиките на човекот. Тоа е чиста конвенција, односно интерен договор. Токму затоа правилата на игра се разликуваат од држава до држава.
Во Соединетите Американски Држави тоа го прават во првата недела од месец април, и тоа во 2 часот по полноќ според локално време. Тоа значи дека таму сметањето не се менува одеднаш, туку во етапи, зависно од географската ширина. Во САД е интересно што има три сојузни држави каде промената на сметањето не се почитува. Во Аризона е најхаотично. Таму, од вкупно 92 општини, 77 го сметаат времето според Источното американско време, и скоро сите не го почитуваат менувањето на времето, освен две општини кои се „послушни“. Останатите 15 општини, пак, се според Американското средно време и го почитуваат менувањето како и во останатите држави. Ако било кога одите во Аризона, поубаво не прашувајте „колку е саат“. Којзнае што ќе ви кажат… Еден кандидат за гувернер на Аризона најубаво кажал во својата кампања: „Дел од моите пријатели се Аризона да се приклучи кон менување на времето. Другиот дел се против. А јас секогаш ги слушам моите пријатели“.
|