Божиќно интервју со Ванче Шиков PDF Печати Е-пошта

 

2016 дефинитивно ќе биде година на Ванче Шиков. Неговата Австрија Виена е во „игра“ за насловите и во првенството и во купот на Австрија, а наскоро по втор пат ќе стане татко. Овие две теми беа само причина за второто интервју со нашата фудбалска гордост која одвои време за нас и одговораше на нашите прашања за репрезентативниот фудбал, развојот на младите таленти и неговата најголема „болка“, фудбалот во Кавадаци.


www.kavadar4e.com: Поминаа три години од нашето последно интервју, кое по некоја случајност исто така го правевме во овој празничен период. Во овие три години се променија многу работи, го смени украински Волин за Австрија Виена, тим во кој си веќе втора сезона, која пак е многу подобра од првата. Второ место, и тоа со само два бода заостанување зад лидерот Салзбург. Како ги виде ти целиот овој период?


Ванче Шиков: Првата година во Австрија не беше баш најдобра, завршивме на шестото место. Уште на почетокот на минатата сезона се виде дека нема тоа да биде нашето најсјајно издание, за разлика пак, оваа сезона работите се многу подобри. Дојде нов тренер и неколку нови играчи, и сето тоа делуваше многу подобро. Одлично ја почнавме сезоната, и само малиот пад на крајот од сезоната беше причина да не завршиме како први. Сепак сум задоволен од оваа полусезона, и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и понатаму, па здравје боже очекувам во мај да бидеме помеѓу трите најдобри и да обезбедиме излез во Европа.


www.kavadar4e.com: Кога веќе зборуваме за натпреварувањата, да направиме една споредба помеѓу австриската и украинската лига.


Ванче Шиков: Додека бев во Украина, украинската лига беше многу посилна од австриската лига. Нормално, кризата која за жал се случува во Украина влијае и врз квалитетот на првенството, кое е сега далеку послабо. Во австриската лига пак има големо влијание од германската бундес лига. Австријците дефинитивно сакаат да бидат на ниво на бундес лигата, но сеуште се далеку од тоа ниво, но со текот на времето сигурно можат да го достигнат тоа, иако голем проблем е што најдобрите играчи веднаш преоѓаат во најсилниот германски шампионат, што дополнително го ослабува првенството.


www.kavadar4e.com: Некако по традиција, во втората година од клубовите во кои настапуваш ти ја даваат капитенската лента. Со што се заслужуваат капитенските почести?


Ванче Шиков: Првиот капитен беше повреден. Исто така на тој куп натпревар не играше и заменик капитенот, па тренерот мене ми ја додели капитенската трака. Не знам, заслуги секако има. И тој во соблекувалната кажа дека искуството и добрите игри се причината да ме именува за капитен, така да традиција ми стана да ја земам капитенската трака во втората година во клубовите во кои настапувам.


www.kavadar4e.com: Зборуваше дека во Украина има перфектни услови за развој на фудбалот. Како е во Австрија?


Ванче Шиков: Што се однесува до младите категории, во Австрија условите се на највисоко можно ниво. На децата буквално им е овозможено се, и тие немаат никаква пречка да станат фудбалери. Ги имаат сите најдобри услови, од опрема, реквизити, терени, едноставно се што може да се посака за развој на еден млад фудбалер, нешто што за жал уште долги години ќе го чекаме кај нас.

 

www.kavadar4e.com: Колку те препознаваат во Виена? Имаш ли статус на ѕвезда?

 

Ванче Шиков: Добро, таму е малку потешко да се стигне до тој статус на ѕвезда. Сите знаеме дека тоа ривалство помеѓу Рапид и Австрија е големо, и голем број од навивачите на Рапид може да те препознаат, но тоа не е толку опасно. Исто така голем е бројот на навивачите на Австрија насекаде низ градот, па често знаат да ти пријдат, да се сликаат или само да те поздрават. Сепак, навивачите на Рапид се побројни, и мислам дека играчите на Рапид имаат поголем статус на ѕвезда, што мене не ми претставува некој проблем, туку понекогаш и ми го прави животот полесен.


www.kavadar4e.com: Научи нешто грчки, нешто украински, сега е на ред германскиот. Како се снаоѓаш со јазикот?

 

Ванче Шиков: Овој пат тешко. Германскиот јазик е доста тежок, сеуште се мачам и не знам дали ќе успеам да го совладам.


www.kavadar4e.com: Да се вратиме на репрезентацијата, каде исто така си капитен. Во нашето претходно интервју го најавивме тандемот Шиков-Мојсов во последната линија од одбраната, а кавадаречкото трио го заокружува Милан Петровиќ кој по суспензијата се врати уште посилен, и сосема заслужено доби репрезентативен статус. Доаѓа дека во годините во кои Кавадарци има најслаб фудбал, имаме тројца репрезентативци.

 

Ванче Шиков: За жал е така. Во годините во кои Кавадарци има најслаб фудбал имаме тројца репрезентативци кои доаѓаат од градот. Околу добивањето на капитенската лента можам да кажам само дека ми е огромна чест и гордост да бидам капитен на македонската фудбалска репрезентацијата. Мислам дека сега со враќањето на Пандев дека тој ќе ја превземе капитенската лента, но за тоа немам никакви замерки, би му ја дал капитенската лента од се срце, и ќе ми биде чест да бидам заменик капитен на таква голема фудбалска легенда. Многу ми е мило за Милан Петровиќ, по се она што му се случуваше со допинг тестот, забраната за играње фудбал, успеа да се врати уште посилен и со прикажаните игри во домашното првенство, и пред се во Европа сосема заслужено го облече дресот на репрезентацијата.


www.kavadar4e.com: Има ли влијание вашиот репрезентативен статус врз младите од градот? Гледаат ли тие идоли во Вас?

 

Ванче Шиков: За жал, во кавадаречкиот фудбал многу работи се нерасчистени. Јас ги следам и младите категории, за сениорскиот тим да не зборувам. Лично мислам дека треба многу повеќе да се работи со младите категории, затоа што само таму е успехот во фудбалот. Од друга страна мислам дека треба и многу повеќе вложување во фудбалот, како од градот, така и од бизнис секторот ако се сака да се успее во намерата да се стигне до прва или ајде да речеме барем втора лига. Тоа секако би било дополнителен мотив за младите, затоа што сега самата помисла дека тимот се натпреварува во трета лига ги скратува амбициите и желбите кај младите.


www.kavadar4e.com: Но, ќе се сложиш дека и покрај лошите работи кои веќе повеќе од деценија го мачат кавадаречкиот фудбал, во последните неколку години имаме неколку таленти, кои за жал не успеавме да ги задржиме во градот, и на нив да градиме основа на тим за повисоки дострели.

 

Ванче Шиков: Тоа е точно. Ќе ги споменам само Мишов и Миловановиќ кои сега се во Академија Пандев. Одлични фудбалери, одлични играчи кои го покажаа својот квалитет и во новиот тим. Ако не се лажам и двајцата се на врвот на стрелци во младинската лига во која настапуваат. За жал тие се таму, а не овде, затоа што не само што немаме систем како да ги задржиме, туку и немаме екипа каде што тие би можеле да останат и да го продолжат својот фудбалски напредок. Ова е навистина жално, и ако продолжиме вака уште многу деца ќе си заминат од градот.


www.kavadar4e.com: Пред една седмица ја доби наградата за најдобар интернационалец на град Кавадарци, но она што мене ме интересира е дали се сеќаваш на твоето прво општинско признание, и колку тоа ти значеше тебе.


Ванче Шиков: Беше тоа пред добри петнаесетина години. Добив признание за трет најдобар млад спортист на град Кавадарци. Самото тоа признание ми дади дополнителен поттик да продолжам со напорни тренинзи, и мислам дека две години по добивањето на тоа признание следуваше и мојот прв интернационален трансфер, за моја среќа, затоа што сите што останаа во Македонија од мојата генерација многу тешко успеаа подоцна да заминат на страна. Имав среќа да бидам дел од репрезентацијата која настапуваше на Балканијадата каде што бев приметен од скаутите на Ксанти и потпишав договор со нив.


www.kavadar4e.com: Речиси редовно добиваш награди на локалните спортски избори, но колку ти мислиш дека си почитуван во градот?

 

Ванче Шиков: Мислам дека во градот, односно во делот на спортот дека не само јас, туку сите оние кои што успеавме да изградиме успешни кариери не сме почитувани од тој аспект што никој не не прашува за развојот на спортот, за развојот на младите играчи. Кога предминатата година јас ја отворив академијата „Шиков-Пандев“ наидов на многу сопки, на многу проблеми, почуствував како градот да не застана зад мене, а сите мислеа дека јас сакам да правам пари од тоа. Напротив, мојата цел беше многу поинаква, сакав само да придонесам за подобрување на условите на младите, вложив и доста финансии во целиот тој проект, но за жал мислам дека градот не застана зад оваа идеа.


www.kavadar4e.com: И покрај тоа што академијата Шиков-Пандев не функционира, беше дел од новогодишниот турнир за најмладите категории фудбалери. Гледаат ли тие деца идол во тебе, како те доживуваат кога ќе се појавиш на нивниот тренинг и ќе заиграш со нив.


Ванче Шиков: За децата е голема радост секогаш кога ќе се појавам на нивниот тренинг. Сигурно се радосни што јас сум таму и играм со нив, но она што јас сакам да го вградам во нивната свест е дека само со макотрпна работа може да се успее во фудбалот. Бев дел од новогодишниот турнир, се дружевме, игравме, се сликавме, и едноставно тоа се работите кои што ги прават децата радосни, чуство кое можеш да го видиш во нивните очиња.

 

www.kavadar4e.com: 2016 дефинитивно ќе биде твоја година. Со Австрија Виена ти посакуваме се најдобри, титули во двете натпреварувања, купот и првенството, но она што дополнително ќе те направи среќен е проширувањето на семејството.


Ванче Шиков: Проширувањето на семејството сигурно ќе ме направи најсреќен. Очекуваме девојче и многу сум среќен поради тоа. Посакувам барем еден медал дали од купот или првенството да заврши кај нас, иако барем за мене пехарот од купот е некако подостижен.


www.kavadar4e.com: Драган, твоето прво дете е веќе поголем. Колкав е неговиот интерес за фудбалот и како тој те прифаќа тебе кога си доле на теренот?


Ванче Шиков: Драган е веќе поголем, но за него не е чудно да ме гледа на натпревар затоа што буквално уште како бебе е на трибина и ги следи моите натпревари. Од друга страна, сеуште не го влече премногу топката, но сеуште е мал, јас не го притискам, но посакувам да биде спортист, иако не мора да е фудбалер.


www.kavadar4e.com: Шиков, за крај, твоите желби за годината која веќе ја трошиме?


Ванче Шиков: Дај боже пораѓањето да помине во најдобар можен ред. Тоа во моментот е мојата најголема желба. Од останатите желби посакувам здравје и среќа, лично и на моето семејство, пријателите. Секако посакувам барем една титула со Австрија Виена сезонава и многу поуспешна година на репрезентативен план.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov