Сведоци на едно време PDF Печати Е-пошта

 

Под ова сонце, есенски дождови, лош сообраќај и озборување... нема импровизација. Во Кавадарци и Тиквешкиот регион „никој“ и понатаму (упорно) не сака работите да се менуваат. И со право! А еве и зошто:


Токму овде, во срцето на централна Македонија, библиската земја која со децении се обидува да стане дел од европското семејство, се е изворно и ништо не смее да се менува. Ако не сте биле во Бегниште и Сопот, дојдете за Василица да го почуствувате духот на древноста. За голема Богородица повелете во Ваташа на манастир, побарајте прошка и духовен мир, а притоа слушнете ги приказните за хероите, даскалите и првата македонска печатаница. Добредојдени сте и во Росоман за време на Праскоберот, каде од плодните полиња Росоман учествува со 2 проценти на пазарот со најубавата македонската праска и тоа на Европскиот и светскиот пазар.


Кавадарци е град со богато културно наследство и историја, кое сонце го грее од четири страни. Над него планински убавини, во широчина рамни полиња и плодна земја со лозови насади, земја со која народот овде со векови ја дели и маката и радоста, се вложува себе си и го живее животот. Во далечина извори на недопрената чиста вода, а од височина!!! убавина распослана со ѕвона, цркви и манастири.


Вербата на народот е мирна и спокојна како капка вода на дланка, и секогаш во хармонија со природата. А за да не заборавиме на корените, и на момент да го прескокниме урбаниот блок од бетон, традицијата ја продолжуваме секоја есен со панаѓурот кој е орнаментика на градот.


Тука се мешаат чевлите со опинците, возниот парк од сточниот пазар со коњските сили од бесните автомобили, а сепак сите ќе бидеме и среќни и весели. Со парите од годинешниот ират повторно ќе седиме по импровизираните скари и гостилници, децата ќе лепат од шеќерната волна, три за сто, коштани еден фишек и македонската музичка ѕвезда во искачување со редовниот шабански репертоар.


И покрај се, сепак добро е. Мултиетничките, културни и секаков вид настани и случувања не задоложуваат уште долго да бидеме тука, да останеме и да бидеме „сведоци на едно време“.


Македонија е библиска земја, а Кавадарци е нејзината последна религија.


П.С. Македонија со векови ја живее културата на европските народи, а мојата земја е дел од големото семејство на Европа.

 

Душко Стефанов




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov