Видео: 102 години Тиквешко Востание

 

Тиквешкото востание е прв организиран масовен народен вооружен отпор против српската власт која што ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна. Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, во Тиквешијата и траело седум дена. Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМРО.


До 1993 година овој настан од стариот општествен политички систем беше тргнат од историската мапа. По симпозиумот на градскиот Музеј, од таа година, 20 години по ред се одбележува споменот на Тиквешкото востание. Особено по 2006 година тоа во Кавадарци се прави со поголемо внимание и пиетет.


Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, и покрај Неготино и Кавадарци, ослободени се и педесетина села во областа Тиквеш. Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино. Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. Востаниците продолжуваат понатаму и успеваат да ги протераат српските чиновници и писари од општинската зграда во Кавадарци и симнувајќи го српското знаме, го поставуваат тиквешкото револуционерно знаме.


На 20 јуни е одржано и свечено собрание на кое што е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена.


По седум дена Србите испраќаат голема војска предводена од Василие Трбиќ, како и од Јован Бабунски и Јован Долгач. На помош на српската војска иде и башибозук на Јаја Ага со 250 вооружени души. Тиквешките востаници, заедно со четите на војводите Христо Чернопеев и на Петар Чаулев се оставени сами да се соочат со српската војска, но не успеваат во своите напори. Во востанието загинале околу 1.000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци кои биле убиени, заклани и живи изгорени. 150 кавадарчани се врзани на колје во центарот на градот и се оставени да висат 30 часа под пеколното сонце, а после тоа заедно со уште 50 други кавадарчани се одведени во месноста „Поланата“ и стрелани. Над 100тина убиени биле од Неготинско. Запалени биле над илјада куќи, а околу 2.700 луѓе биле затворени. Војската вршела страшен терор и во реонот околу Криволак, колеле луѓе, а во фурни ги гореле децата.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov