Вевчани се подготвува за карневалот PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Вторник, 06 Јануари 2015 22:45   

 

Секоја година Вевчанскиот карневал е премиера на една единствена претстава која никогаш не се повторува и по сценографија и по маски...


Вевчани живее од и за карневалот. Oвие денови се очекува да го посетат преку 20.000 гости, а најавена е и екипа од „Би-Би-Си“. Карневалот е уличен театар без режија каде што маските не се знаат до почетокот на манифестацијата со исклучок на трандиционалните зет, невеста и глупавиот Август. За Василица секоја куќа во Вевчани е отворена за сите. Ќе бидат пречекани со убаво вевчанско вино, греана ракија и познатите луканци.


„Некаде пред полноќ ќе настапи познатата група Прљаво Казалиште. Таа програма ќе заврши во утринските часови. Наредниот ден, на 13-ти, започнува она правото- настапуваат правите актери, Василичарите“, вели Светомир Угриновски, градоначалник на општина Вевчани.


Секој вевчанец во текот на годината мисли како ќе се маскира и ќе ви каже се што сакате, но не и во што ќе биде маскиран за Василица. Самите василичари се автори на маските и на дијалогот што ќе го изведат, а во текот на годините на одржување на карневалот ниту една власт не останала некритикувана.


Секоја година Вевчанскиот карневал е премиера на една единствена претстава која никогаш не се повторува и по сценографија и по маски.


„За Вевчанскиот карневал има една докторска дисертација, две монографии и над сто стручни текстови во светски признати списанија“, изјави Мишо Китановски, публицист.


Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1.400 години. Вевчани со својата и онака специфична локација во прекрасното природно опкружување, за време на овој настан прераснува во голема отворена сцена подготвена да ги пречека илјадниците посетители на Карневалот познат низ светот по неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.


извор:mrt.com.mk




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov