Кавадаречката културна есен продолжува со театарски претстави, изложби, филмови |
|
|
|
Напишано од Unevski on Среда, 15 Октомври 2014 23:17
|
Манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2014“ која успешно започна на 8 октомври со голем концерт на активните поп, рок и џез групи и солисти од Кавадарци, продолжува со несмалено темпо кон целта, а целта е над 40 настани од областа на културата и уметноста до првите денови на декември за кога е предвидено нејзиното затварање.
Веќе во петок, во рамките на „Кавадаречката културна есен 2014“ предвидени се два настани. Од 19 часот во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе биде отворена изложбата акварели на ликовниот уметник Иван Сулевски од Штип, а од 20.30 часот во салата на Домот на културата е претставата „Три варијации на една тема“ по текст и режија на Коле Ангеловски, во изведба на Прилепскиот народен театар.
На 24 октомври во 20 часот, 27 во 18 и 20 часот и 28 октомври во 18 и 20 часот по десети пат во Кавадрци ќе се одвива „Фестивалот на новиот германски филм“ во кој љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да погледнат пет филмови од најновата германска продукција.
Во меѓувреме, во сабота на 25 октомври од 19.30 часот, ќе биде прикажана претставата „Лазо“ во изведба на Театарот при Домот на културата од Кавадарци. И двата настани ќе се одвиваат во салата на Домот на културата.
Марјан Тодоровски
Уредник на програма Дом на култура Кавадарци |