12 Врвни светски музичари доаѓаат на 33тиот „Скопски џез фестивал“ PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Среда, 01 Октомври 2014 13:12   

 

Дванаесет концерти на врвни светски музичари и групи се најавени во програмата на 33-тото издание на „Скопскиот џез фестивал“ кој ќе се одржува од 16 до 19 октомври во Универзална сала.


Вљубениците во џез-музиката во четирите фестивалски денови ќе може да проследат концертите на музичарите и групите кои доаѓаат од сите светски мердијани: САД, Велика Британија, Шведска, Норвешка, Бразил, Јужна Кореја, Полска, Швајцарија, Белгија и Австралија.
Фестивалот на 16 октомври во Универзалната сала со почеток во 20 часот ќе биде отворен со настапот на дуото составено од корејска џез-вокалистка Јун Сун На и шведскиот гитарист Улф Вакениус .


Истата вечер ќе настапи и американската музичарка, композиторка и добитничка на „Греми“, Тери Лин Керингтон. Таа со својот квартет во Скопје ќе го претстави актуелниот проект “Money Jungle: Provocative in Blue”, нејзиниот омаж на исконскиот албум “Money Jungle” на легендарното трио на Дјук Елингтон, Чарлс Мингус и Макс Роач од 1963 година.
По полноќ во Сити хол центар е најавен модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара - „ Мачиеј Обара интернејшнл“.За втората фестивалска вечер на 17 октомври се најавени експлозивните „Fire! Orchestra“, 24-члениот биг-бенд, составен од кремот на шведската џез, импро и авант-рок сцена, кој ќе настапи под диригентската палка на Матс Густавсон.


Во рамките на оваа вечер, својот карактеристичен музички опус ќе го претстави и швајцарски пијанист и композитор Ник Барч, придружуван од составот „Ronin Rhythm Clan“.


Концертната програма по полноќ ќе биде заокружена во Сити хол центар со белгиското трио „Данс Данс“ едно од најинтригантните откритија на европската музичка сцена.
На 18 октомври во Универзална на фестивалот е најавен Американецот Метју Шип, еден од најиновативните и најоригинални имиња на џез-пијанизмот.


Вториот дел од вечерта е резервиран за врвен џез и боса нова, со гостувањето на на славната бразилска пијанистка и пејачка Елиане Елиас, која на скопската публика ќе и го понуди својот препознатлив репертоар кој ги обединува нејзините бразилски корени и заводливиот вокал со импресивните инструментални џез и класични композиторски вештини.
На полноќ, во Сити хол центар ќе ги видиме култните британските иноватори „Ред Данпер“ кои ќе го претстават својот најнов проект “Hyena”, албум кој ја носи свежината на актуелниот афро-фан ривајвл.


Годишнашното издание на „Скопски џез фестивал 2014“ ќе биде заокружено на 19 октомври во киното Фросина со настапот на најоригиналното дуо на 1990-тите, легендата на њујоршката авангардна сцена Нед Ротенберг и извонредната вокалистка Саинко Намчилак, со почеток во 13 часот.


Истата вечер фестивалската програмата ќе финишира во Салонот на МОБ во 20 часот со настапот на трубачот, мулти-инструменталист, композитор и импровизатор Вадада Лио Смит во тандем со њујоршкиот саунд дизајнер Hardedge, а во вториот дел на вечерта е најавен перформансот на австралиско трио „Д Некс“.


Комплет влезници за сите концерти чинат по 2.600 денари, и може да се купат во Југотон, на билетарата на Универзална и преку онлајн сервисот МК Тикетс.




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov