Концертот на нашата „банда инструментале“, која веќе двапати настапувала на најпознатиот унгарски фестивал, ќе биде дел од програмата за размена на таленти од Централна и од Источна Европа.
Познатиот музички фестивал „Сигет“, кој се одржува во Будимпешта, и на ова издание ќе презентира повеќе млади музички таленти од Европа, кои со својата музика ги прикажуваат вистинскиот дух на Стариот континент и муликултурализмот. Годинава се одбележува и 25-годишнина од падот на Берлинскиот ѕид, па фокусот ќе биде ставен на претставниците на берлинската музичка сцена, но ќе настапуваат и бендови од Италија, Холандија, Шпанија…, вклучувајќи ја Македонија.
Домашниот ска-состав „Суперхикс“ ќе отпатува на Островот на слободата, каде што традиционално се одржува фестивалот. Ова ќе биде нивно трето гостување на „Сигет“. Првпат настапија во 2002-та, потоа и во 2003 година, а овој пат настапуваат во рамките на Европскиот фестивал на таленти што ќе се одржи на 11 и 12 август, а на кој ќе настапат учесници од 15 европски земји. Забавата ќе почнува во попладневните часови, ќе трае до доцна во ноќта и ќе завршува со концерти на групите од програмата за размена на таленти од Централна и од Источна Европа. Како дел од оваа програма ќе настапат и членовите на „Суперхикс“.
„Банда инструментале“ оваа година прославува 20 години постоење, а по тој повод во април годинава го објави и изданието „The Best of 20 so far“, со избор од 18 хитови, кои во најголема мера ја обележаа нивната досегашна кариера. Неодамна тие го објавија и синглот „Мајмуни“, кој е дел од новиот материјал што го подготвуваат за следниот студиски албум и своевидно продолжение на претходно почнатата музичка приказна за „Африка“.
На новата европска сцена на „Сигет“ оваа година ќе се обединат сите поранешни сцени на фестивалот со европски предзнак. Таа е заеднички проект на „Сигет“, „Ла алтернатива“ и „Пулја саундс Италија“. На простор од над 1.000 квадратни метри ќе биде сместена голема сцена за музичките настапи на европските бендови, но ќе има и голем број работилници и активности поврзани со културните традиции на Апулија, како и широка и комфорна зона за кампување.
Извор: Нова Македонија
|