Во организација на џудо федерацијата на Македонија, а под покровителство на генералниот спонзор на истата, компанијата Кожувчанка ДОО од Кавадарци, во периодот од 02 до 04 Мај во одморалиштето Михајлово, Кавадарци се оддржа меѓународен стручен семинар за џудо тренери и џудо судии.
Семинарот за џудо судии беше предводен од страна на Интернационалниот џудо судија А лиценца и актуелен претседател на судиската џудо организација во Република Србија, Синиша Шкрбиќ, семинарот за џудо тренери, практичен дел, беше предводен од страна на актуелниот светски првак во џудо за ветерани Чихи Јанош - 6-ти Дан, додека пак теоретскиот дел го водеше проф. д-р Жарко Костовски, редовен професор на Факултетот за Физичка Култура - Скопје и М-р Горан Мицкоски стручен соработник во Џудо Федерацијата на Македонија и селектор на кадетската репрезентација на Македонија.
Со реализацијата на овие активности Џудо Федерацијата на Македонија врши дополнителна едукација на стручните лица од клубовите членки, притоа следејќи ги светските трендови и новите правила во џудо спортот со крајна цел постигнување на подобри резултати на меѓународно ниво.
Паралелно со овие активности, течеа и подготовките на потенцијалните репрезентативци во пионерска и кадетска возрасна категорија под раководство на селекторите Александар Ѓорѓијоски и Горан Мицкоски. На подготовките кои од 29 април до 4 мај се одвиваа во одморалиштето Михајлово и спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, потенцијалните репрезентативци освен можноста да работат со своите селектори, имаа ретка прилика да научат многу повеќе за џудото од актуелниот светски првак во џудо за ветерани Чихи Јанош.
|